Искуството со затворањата низ европските градови ја покажа важноста на пристапот до зелен простор за здравјето и за квалитетот на живот. Во Шпанија политичката обнова забележана во многу градови по општинските избори во 2015 година помогна јавниот простор и биодиверзитетот да се подигнат на локална агенда. Денес обновените реки во Мадрид или Ерентерија во Баскија се примери како инвестициите и имагинацијата можат да ги трансформираат урбаните средини на подобро.

Квалитетот на живот во градовите е постојано нарушен во последните децении. Изворите на физичко, социјално и на еколошко здравје во градовите постепено исчезнаа бидејќи во годините на развој бетонот и асфалтот доминираа во изградените урбани пејзажи. Искуството од пандемијата го влоши и го разоткри овој тренд.

Денес 55 проценти од 7,5 милијарди луѓе што живеат на оваа планета живеат во урбани средини. Ако овој процент изгледа мал, до 2050 година се очекува урбаните жители да сочинуваат повеќе од две третини од светската популација – 6,2 милијарди луѓе. Оваа проекција доведува до сомнеж за капацитетот на градовите да се соочат со важни предизвици, од пандемијата до климатските промени – загриженост изразена од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) објавена во Извештај за хуман развој и во Целта за одржлив развој 11, која има цел да ги направи градовите и човечките населби „инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи“.

Сепак, нема недостиг од идеи за решавање на големиот предизвик да ги направиме градовите поздрави места за живеење. Пандемијата им даде поттик на градовите да преземаат проекти со природата во центар и да се фокусираат на локалните потреби. Тоа го направи соочувајќи нè со неодржливоста на градскиот живот, како и со нашата ранливост. Како што изјави економистот за животна средина Анткон Олабе, сега член на кабинетот на шпанскиот потпретседател и министер за еколошка транзиција, среде првото затворање: „Вирусот беше огромна шлаканица од планетата: ние сме биолошки и ранливи суштества. Вистинска лекција за понизност, која нè повикува да работиме на повторно поврзување со нашите најблиски екосистеми“.

Затворањата осмислени имајќи ги на ум големите градови, можеби, ги оставија улиците напуштени, а постарите лица изолирани, но овој период патеките за возење велосипед и парковите во соседството се користеа како никогаш порано. Во овој поглед, општините, кои претходно инвестираа во иницијативи за обнова, сега ги собираат своите награди. Во Шпанија овие иницијативи беа предводени од општини управувани од политички сили што првпат дојдоа на власт во годините по 2015 година и кои произлегоа од граѓанските движења и од  локалното организирање.

Преобликување на локалното

„Џек, колапсот нема да се случи. Не тука.“ Француската министерка за екологија Софија Десмарест ја испрати оваа порака до својот поранешен партнер во борбата против климатските промени од сетот на неговата телевизиска емисија во ударен термин  „Колапс“ (L’effondrement). Непосредно пред да го напушти сетот, Џек ја повика публиката што аплаудира да создаде мрежи и центри во заедницата, да се поврзе со соседите, да воспостави врски со локалните претпријатија и да има јасна идеја за тоа кому да му се обрати ако ѝ треба помош.

Пандемијата им даде поттик на градовите да преземаат проекти со природата во центар […] соочувајќи нè со неодржливоста на градскиот живот, како и со нашата ранливост.

Овој повик одговара на вообичаената насока во шпанската политика. Тоа е клучната порака на многуте мрежи за соработка и за солидарност што се формираа во изминатата деценија. Во Шпанија кампањите што победија на таканаречените „совети за промена“ на локалните избори во 2015 година директно се повикуваа на емоциите: „Градовите нè поттикнуваат: тие создаваат гнев, изненадување, среќа итн. И ние можеме да ги претвориме тие емоции во претприемачки акции“. „Импресивно е да се види колку можат да направат граѓаните кога се убедени во својата сила и сакаат да ја искористат за да ги подобрат работите“, рече Мануела Кармена, која беше градоначалничка на Мадрид до 2019 година, по победата на изборите во мај 2015 година.

Овие зближувања на политичките пораки за време на општинските избори во 2015 година генерираа процеси на слушање и на активно учество на луѓето и ги доближија локалните корпорации до еколошките и граѓански движења, кои со децении бараа акции за одржливоста и за биодиверзитетот. Овие сојузи, понекогаш со зелени советници, имаа многу посилна еколошка компонента од традиционалните партии. Со ковид-19, во Шпанија, како и на други места, вредноста на локалните иницијативи за одржливост и за биодиверзитет за квалитетот на животот во градот, кои продолжија со овие движења, беше дополнително нагласена.

Пејзажи за здравје

Еден таков пример може да се најде во северна Шпанија. Ерентерија е град во автономната област Баскија. Во 2015 година левичарската партија за независност ЕХ-Билду победи на локалните избори и продолжи да формира влада со Ерентерија Ирабазиз (коалиција на социјални движења и на Подемос), Изкиерда Унида и Зелената партија Екуо. Како резултат на тоа, тимот на општинската влада, конечно, вклучи зелен советник.

Во 2016 година општината реши да се здружи со природата за да создаде „пејзажи за здравје“ во единствената конвергенција меѓу реката Ојарцун и морето. Почна со спроведување на акцискиот план за пејзаж со цел да се реализираат 47 мерки и работи за подобрување до 2025 година. Оваа иницијатива за обнова стана место на утеха за време на затворањата. Реката што пресекува низ Ерентерија сега е целосно проодна, патеката е придружена со панели што го објаснуваат природното наследство на областа. Реката Ојарцун, која поминува низ Ерентерија, Лезо и Пасаја е вистински природен „автопат“ за атлантскиот лосос, кој патува 5.000 километри за да се мрести тука.

Шетајќи низ парковите на Фандерија, Пасео де Изтиета или биоздравствениот парк Габиерота во близина на Ерентерија, може да заборавите дека се наоѓате во срцето на градот, иако стогодишната фабрика за хартија, која сè уште произведува по 1.000 тони весници дневно, е оддалечена малку повеќе од 500 метри. Биоинженерингот на оваа средина ви овозможува да шетате по реката на трупци што се исечени како скали, да се разладите во нејзината вода, да гледате како атлантскиот лосос скока по текот, а патките и црвеноклуните кокошки трчаат спротивно од водотекот, навидум во трка против велосипедите што кружат на двете страни на реката. Тоа е совршено место за вежбање или одмор на дрвените клупи во сенката на бујната шума во која влегувате штом ќе слезете од рампата на улицата.

Општините што претходно инвестираа во иницијативи за обнова, сега ги собираат своите награди.

Мадрид, исто така, ги добива наградите од слична иницијатива. Во 2016 година Инес Сабанес, сега пратеник во парламентот, тргна по предлог на „Еколози во акција“ (Ecologistas en Acción) да се ренатурализира реката Манзанарес, која поминува низ градот. Иницијативата доведе до обнова на убавината на каналот, изградба на велосипедски и пешачки патеки, како и огради и информативни панели. Додека Мадрид продолжува да се бори против пандемијата на ковид-19, овие обнови им овозможуваат на жителите едноставни задоволства како пешачење или возење велосипед покрај реката. Благодарение на залагањето на новиот тим на локалната самоуправа, оваа иницијатива ќе продолжи. Тие планираат да го завршат проектот со ширење на еколошките маршрути во училиштата лоцирани во близина на Мадрид Рио.

Тренд низ Европа

Слични иницијативи може да се најдат во многу европски градови. Лусада е густо населено португалско село во областа Порто. Поради пејзажот деградиран од интензивната земјоделска практика и сериозните проблеми со животната средина – загадување на водата, пожари, губење на биолошката разновидност, како еден дел од нив – градот се осврна на еколошко образование, почнувајќи од предучилишните установи.

Во 2016 година градскиот совет во соработка со здружението „Биоливинг“, и со поддршка од Универзитетот во Авеиро, го почна проектот „Биолусада“. За три години беа засадени повеќе од 40.000 домашни дрвја, а повеќе од 20 хектари деградирано земјиште беше обновено со помош на повеќе од 4.500 волонтери. Создадени се повеќе од 20 езерца за диви животни со учество на уште 600 соседи, а реките продолжуваат да се обновуваат благодарение на повеќе од 200 доброволци. Со целосно учество на локалните жители, тоа што беше деградирана отпадна почва, беше вратена како здрава природна средина со пристап и за  уживање на жителите.

Понатаму, полскиот град Остров Виелкополски е пример за општините што сакаат да изградат здрави и отпорни градови. Како Ерентерија, која е потписник на Баскиската декларација за продуктивни, одржливи и отпорни општини. 23 проценти од населението во Остров е постаро од 60 години. За да ѝ се обезбеди на заедницата превентивна здравствена заштита, култура, спорт и образование, како и да се поттикне активно учество на заедницата, градот изгради јавни станови во центарот, во близина на автобуските станици, пазарот, локалните продавници, културниот простор и медицинските капацитети.

Францускиот фотограф Роберт Дојсно велеше дека не го фотографира животот каков што е, туку животот каков што би сакал да биде. Бидејќи пандемијата продолжува да го нарушува нормалниот живот, таа, исто така, ја откри вредноста на пристапот до природата, јавниот простор и услугите во заедницата, особено за густите урбани области. Па, зошто да не го зграбиме овој момент и да го искористиме своето јавно право да градиме градови во кои би сакале да живееме? Искуството на многу европски градови покажува што може да се постигне на локално ниво за краток временски период со поддршка на заедниците. Овој успех, особено за време на затворањата, ја врати важноста на јавните услуги и пристапот до природата за европските градови.

Cookies on our website allow us to deliver better content by enhancing our understanding of what pages are visited. Data from cookies is stored anonymously and only shared with analytics partners in an anonymised form.

Find out more about our use of cookies in our privacy policy.