Се проценува дека загадувањето на воздухот доведува до околу 400.000 предвремени смртни случаи низ Европа секоја година, а се зголемува и свесноста за неговите штетни ефекти врз здравјето на луѓето. Благодарение на работата на активистите и на случаи од висок профил, како што е трагичната смрт на млада девојка во Велика Британија – јавните власти низ Европа се чини дека, конечно, преземаат акција. Но, како точно овие обврски се претвораат во вистинска акција во градовите низ Европа? И дали мерките што се преземаат се доволно строги за да се заштитат тие што се најзагрозени?

Во декември 2020 година беше заклучено дека загадувањето на воздухот имало придонес во смртта на деветгодишната Ела Киси-Дебра, болна од астма, во февруари 2013 година. Истрагата за смртта на Ела откри дека нивоата на азотдиоксид (NO2) во близина на нејзиниот дом во Лондон ги надминуваат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) и Европската унија. Патологот заклучи дека Ела била изложена на „прекумерно“ ниво на загадување, чијшто главен извор биле емисиите од сообраќајот.

Оваа пресуда го означи моментот на пресвртница во борбата против загадувањето на воздухот во Велика Британија. По смртта на нејзината ќерка, мајката на Ела, Росамунд Киси-Дебра, почна кампања за да спречи други семејства да доживеат слична трагедија подигнувајќи ја свесноста за опасното влијание и за ризиците од загадувањето на воздухот за здравјето и повикувајќи на закон за чист воздух по значајната пресуда.

Во извештајот од 21 април 2021 година, патологот Филип Барлоу напиша дека за време на болеста на Ела меѓу 2010 година и 2013 година, „имаше признаен неуспех да се намали нивото на азотдиоксид во границите утврдени од ЕУ и од домашното право, што, веројатно, придонело за нејзината смрт. Мајката на Ела не добила информации од здравствените работници за здравствените ризици од загадувањето на воздухот и за нивниот потенцијал да ја влошат астмата. Ако ѝ беа дадени овие информации, ќе преземеше чекори што би можеле да ја спречат смртта на Ела“. Барлоу ја повика Владата на Велика Британија да донесе закон за спречување идни смртни случаи. „Националните граници за честички се поставени на ниво многу повисоко од упатствата на СЗО. Доказите во текот на истрагата беа дека не постои безбедно ниво за честички и дека упатствата на СЗО треба да се сметаат за минимални барања. Законски обврзувачките цели врз основа на упатствата на СЗО ќе го намалат бројот на смртни случаи од загадување на воздухот во Велика Британија “, напиша тој.

Мајката на Ела, Росамунд Киси-Дебра, почна кампања за да спречи други семејства да доживеат слична трагедија.

Одговарајќи на препораките на патологот, владата на Денот на чист воздух во 2021 година објави дека ќе преземе акција со цел до октомври 2022 година да се воведат нови законски ограничувања за загадување на воздухот. Киси-Дебра го поздрави овој потег, но рече дека новите законски ограничувања треба да влезат во сила порано и го критикуваше недостигот од итност во акциите на владата.

Законот на ЕУ за намалување на националните емисии

Освен во Велика Британија, загадувањето на воздухот, исто така, ја зголемува агендата во други земји и на европско ниво. Податоците на Европската агенција за животна средина покажуваат дека речиси сите Европејци сè уште страдаат од загадувањето на воздухот, што доведува до околу 400.000 предвремени смртни случаи на целиот континент.

Пред Британија да ја напушти Европската унија, таа беше дел од големото законодавство на ЕУ наречено Директива за национални обврски за намалување на емисиите. Според Директивата на ЕУ, земјите-членки на ЕУ се обврзаа да ги намалат емисиите на материи што загадуваат до 2030 година. Очекувањата на ЕУ се дека, кога целосно ќе се спроведе, ќе ги намали негативните здравствени влијанија од загадувањето на воздухот за речиси 50 проценти до 2030 година.

Сепак, извештајот на Европската комисија во јуни 2020 година алармираше за пропусти во неговото спроведување посочувајќи „повеќето земји-членки се во опасност да не ги исполнат своите обврски за намалување на емисиите за 2020 година или 2030 година“. Во соопштението за печат, Комисијата додава „ефективното спроведување на законодавството за чист воздух претставува суштински придонес за ‘амбицијата за нула загадување за животна средина без токсини’, која ја најави Комисијата во Европскиот зелен договор и сродни иницијативи“.

Со усвојување на Директивата на ЕУ, земјите-членки на ЕУ се согласија да ја намалат емисијата на пет загадувачи (азотни оксиди (NOx), неметански испарливи органски соединенија (NMVOC), сулфурен диоксид (SO2), амонијак (NH3) и ситни честички (PM2.5)) до 2020 година и 2030 година. Законодавството на ЕУ бара од нив да подготват национална програма за контрола на загадувањето на воздухот, во која ќе биде наведено како ќе ги исполнат своите цели за намалување на емисиите во сите сектори, вклучително и греење во домаќинството и земјоделството.

Само Белгија и Словачка се на пат да ги исполнат своите обврски

Во извештајот објавен во декември 2020 година, Европското биро за животна средина (ЕЕБ), мрежа на еколошки групи граѓани со 160 членови во повеќе од 35 земји, дава мрачна слика за ситуацијата. Анализата на ЕЕБ покажува дека само две земји-членки (Белгија и Словачка) се на пат да ги исполнат целите за деценијата меѓу 2020 година и 2029 година, додека само Белгија е на пат да ги исполни своите обврски до 2030 година. Затоа ЕЕБ сака Европската комисија да изврши максимален притисок за да се поправи оваа ситуација.

Со нашето здравје и животната средина за кои станува збор, скандал е што сите земји-членки, освен две, не ги исполнија своите обврски да го намалат загадувањето на воздухот во оваа критична деценија“, рече вишата референтка за политика на ЕЕБ за воздух и за бучава Маргерита Толото. „Ја повикуваме Европската комисија да почне прекршочни постапки против сите земји-членки што не поднесоа законска програма.

Што се однесува до прекршочните постапки, Стефан Шипка, аналитичар на политика во Центарот за европска политика, организација со седиште во Брисел, објасни дека, кога земјите-членки на ЕУ не ги исполнуваат задолжителните правила на ЕУ, Европската комисија може да го поднесе случајот до Европскиот суд на правдата, каде што националните влади би можеле да се соочат со фиксни парични казни или дневни казни доколку се утврди дека ги прекршуваат правилата.

Ова е многу важно од многу причини. Прво, зголемувањето на стандардите за квалитетот на воздухот помага да се осигури дека луѓето се поздрави, што е добро за нив како поединци, но, исто така, и за економијата бидејќи тие поретко ќе бидат на боледување. Второ, националните влади низ ЕУ треба да се придржуваат кон законот на ЕУ што го потпишале или ризикуваат да го загубат кредибилитетот во однос на граѓаните.

Позитивно е што има подобрувања во квалитетот на воздухот во Европа, како што е наведено од Европската агенција за животна средина (ЕЕА). Во својот извештај за квалитетот на воздухот во Европа за 2020 година, ЕЕА пишува: „Благодарение на подобриот квалитет на воздухот, околу 60.000 луѓе не починаа прерано поради загадување со ситни честички во 2018 година, во споредба со 2009 година. За азотдиоксид намалувањето е уште поголемо бидејќи предвремените смртни случаи се намалија за 54 проценти во текот на последната деценија. Континуираното спроведување на еколошката и климатска политика низ Европа е клучен фактор што стои зад подобрувањата“. ЕЕА додава „од 2000 година, емисиите на клучните загадувачи на воздухот, вклучувајќи азотни оксиди (NOx), од транспортот значително се намалија, и покрај зголемената побарувачка за мобилност и поврзаното зголемување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина во овој сектор“.

Брисел: Невладините организации бараат поамбициозни цели

Белгија, како што видовме порано, е на пат да ги исполни своите цели за намалување на емисиите. Според законот на ЕУ, годишната просечна концентрација на NO2 не смее да надмине одредено мерење, односно 40 µg/m³. Белгиската невладина организација наречена „Ле шершер д ер“ [Les Chercheurs d’Air -буквално „трагачи по воздух“] вели дека во 2020 година првпат не беше пробиена границата на ниту една од официјалните станици за мониторинг, главно поради заклучувањето и работата на далечина, мерки преземени поради ковид-19. Сепак, бидејќи единственото безбедно ниво на загадување на воздухот е 0, невладината организација тврди дека оваа граница треба да се намали на 20 µg/m³.

Општо земено, намалувањето на азотните оксиди (NOx) во Европа, очигледно, е позитивен развој со оглед на тоа што, како што е наведено од „Ле шершер д ер“, загадувачот што доаѓа од патниот сообраќај има особено штетни ефекти врз здравјето, како што се слабеење на функциите на белите дробови, ризици поврзани со астма и хроничен бронхитис и зголемување на ризикот од дебелина и дијабетес.

„Ле шершер д ер“ води напорна кампања за подобар квалитет на воздухот заедно со организации како „Гринпис Белгија“ и „Клиент Земја“(Client Earth). Пјер Дорние, основачот на невладината организација, објасни дека неговата организација работи напорно за да обезбеди прашањата за загадувањето на воздухот да останат на агендата на политичарите и во очите на јавноста, им помага на луѓето да ги разберат прашањата и ги следи најновите политички дискусии. Невладината организација работи со други организации за мобилизирање на граѓаните и врши лобирање за создавање зона со нулта-емисија на гасови, повеќе велосипедски патеки и лобирање за да се отстранат местата за паркирање автомобили.

Тој рече дека според актуелниот план во Брисел, кој ќе биде ревидиран наскоро, возилата со погон на дизел ќе бидат забранети од 2030 година, а возилата со бензин ќе бидат забранети од 2035 година, што, според неговото мислење, воопшто не е амбициозно (во Париз дизел-возила нема да бидат дозволени од 2024 година, а бензински од 2030 година). Тој, исто така, рече дека во тек се дискусии, вклучително и со властите на Валонија и на Фландрија и на други засегнати страни, како што се лоби за автомобили, за Бриселскиот регион да воведе „данок на оддалеченост“ (врз основа на емисиите на возила, при што принципот е дека колку што подалеку возите, толку повеќе плаќате) преку таканаречената програма „Паметно движење“.

Самиот „Ле шершер д ер“ води проект за подигнување на јавната свест каде што им дава на „научниците граѓани“ опрема за мерење на квалитетот на воздухот во различни делови на Брисел (на пример, во близина на училиштата). Проектот почна во октомври 2020 година и ќе заврши во октомври 2021 година. Сè уште не е познато кога и како ќе бидат објавени резултатите.

Лондон: Гласачите сигнализираат дека приоритет е соочување со загадувањето

Британската влада ја стави Директивата на ЕУ за националните ограничувања на емисиите во законот во Велика Британија. Меѓутоа, сега кога Британија е надвор од Европската унија, клучниот дел за спроведување на законот на ЕУ веќе нема да се применува, вели Иан Вингров, портпаролот за медиуми на Џени Џонс, членката на зелените во вториот дом на британскиот парламент, Домот на лордовите, каде што го претстави Законот за чист воздух. Со тоа јасно е отстранет еден пат за правна отштета ако Велика Британија не ги исполнува своите обврски.

Сега, кога Британија е надвор од Европската унија, клучниот дел за спроведување на законот на ЕУ веќе нема да се применува.

Како што објасни Вингров, во раните години на 21 век, загадувањето на воздухот не беше голем проблем во лондонската политика. „Токму на изборите за градоначалник на Лондон во 2012 година, загадувањето на воздухот почна да се регистрира како многу важно прашање во Лондон“, рече тој. „Со години, членовите на партијата на зелените беа единствените политичари што водеа силна кампања за ова прашање. Загадувањето на воздухот беше клучно прашање на изборите во Лондон, а резултатите ја покажаа јасната желба на гласачите за акција“.

Меѓу главните достигнувања на активистите против загадување на воздухот досега беше транспорт за лондонска „зона со ултраниски емисии“, која во моментов го покрива центарот на Лондон. Принципот е дека возилата што не ги исполнуваат стандардите за зона со ултраниски емисии (УЛЕЗ) мора да платат дневна такса за возење во зоната. Садик Кан, неодамна реизбран градоначалник на Лондон, повторно се обврза да ја прошири првата светска зона со ултраниски емисии (УЛЕЗ) во октомври оваа година за да се намали токсичното загадување на воздухот и да се заштити јавното здравје. Како и да е, Кан сè уште е решен да продолжи со масивните проекти за патишта за главниот град, како што е тунелот Силвертаун – на што членовите на зелените од лондонското локално собрание остро се противат.

Клучен играч во тоа што го постигна Лондон во подобрувањето на квалитетот на воздухот е Симон Биркет, основач и директор на „Чист воздух“ во Лондон. Биркет, исто така, ги застапуваше заинтересираните страни за загадувањето на воздухот во управувачката група за шестата глобална перспектива на Програмата за животна средина на Обединетите нации.

„Во минатото, Законот за чист воздух во Лондон [од 1956 година] се однесуваше на ослободување од ’големиот смог‘ предизвикан од согорување домашен јаглен и од фабрики во Лондон. Во досегашниот период, се собраа докази за негативните ефекти на загадувачките материи како што се честичките и NOx [од дизелот]. Скандалот ’дизелгејт‘ (каде што ‘Фолксваген’ беше фатен како лажира податоци за емисиите на гасови) го зголеми апетитот за акција и беше ефикасен во тоа да ги натера луѓето да ги надградат своите возила“, вели Биркет. Тој објасни дека клучот за успех во кампањата е да се изгради разбирање кај јавноста преку написи и блогови, како и правен притисок од организации како што е „Клиент Земја“.

Изборите за градоначалник во Лондон во мај 2021 година беа, како што во иднина ќе бидат локалните, регионалните, националните и европските избори, клучен момент за гласачите да ја придвижат напред агендата за загадувањето на воздухот. Во видеото пред изборите, Биркет ги повика кандидатите за градоначалници да се обврзат на новите упатства на Светската здравствена организација (објавени во јули), да изградат разбирање кај јавноста за загадувањето на воздухот и за климатските промени, да забранат дизел и да промовираат пешачење и возење велосипед, да поддржат нов Закон за чист воздух, кој ги зема предвид современите горива и технологии и да покажат лидерство околу загадувањето на воздухот на следните разговори на ОН за климатските промени, COP 26, подоцна оваа година. Се чини дека тоа е добар план за другите активисти, кои сакаат да имаат влијание врз идните избори.

Постковид?

Гледајќи кон иднината, решенијата поврзани со возење велосипед и оданочување автомобили не се единствените. Владите и општинските власти, исто така, можат и треба да инвестираат во јавен превоз (на пример, автобуси што работат на обновлива енергија), зелени површини или греење и изолација.

Долготрајната изложеност на загадувачи на воздухот предизвикува кардиоваскуларни и респираторни заболувања, кои се идентификувани како фактори на ризик за смрт кај пациенти со ковид-19.

Во однос на врските меѓу пандемијата на ковид-19 и квалитетот на воздухот, извештајот на Европската агенција за животна средина за 2020 година забележува „60 проценти намалување на одредени загадувачи на воздухот во многу европски земји каде што беа спроведени мерки за затворање во пролетта 2020 година“. Иако во извештајот се наведува дека се потребни повеќе истражувања за врската меѓу загадувањето на воздухот и сериозноста на инфекциите од вирусот корона, се забележува дека долготрајната изложеност на загадувачи на воздухот предизвикува кардиоваскуларни и респираторни заболувања, кои се идентификувани како фактори на ризик за смрт кај пациенти со ковид-19.

Стефан Шипка истакна дека почистиот воздух може да се поврзе со менување на транспортните навики на луѓето, но додаде: „Кога ќе се вратиме во ‘нормала’, дали ова ќе биде стар [пред ковид] начин на живот или нов каде што воздухот што го дишеме е чист. Тоа е прашање за општините, како и за ЕУ и за националните влади “. Тој, исто така, го сврти вниманието на потенцијалната врска меѓу повисокото ниво на загадување и помалиот имунитет / поголемата изложеност на болести.

И, без да навлегува во конкретни детали за специфични загадувачи, тој тврди дека ЕУ треба стандардите за квалитет на воздухот, кои во моментов се помалку строги од стандардите на Светската здравствена организација (СЗО), да ги приближи до најновите стандарди на СЗО.

Како што може да се види, иако има подобрувања во квалитетот на воздухот низ Европа, останува да се направат уште многу работи. Европската комисија бара да се направи повеќе. Во мај, Комисијата го усвои акцискиот план на ЕУ насловен „Кон нула загадување на воздухот, водата и на почвата“. Со него се поставува визија за 2050 година за свет во кој загадувањето е сведено на нивоа што веќе не се штетни за здравјето на луѓето и за природните екосистеми, како и чекорите за да се стигне дотаму.

Подобрувањето на квалитетот на воздухот заради намалување на бројот на предвремени смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот за 55 проценти е една од клучните цели на акцискиот план на ЕУ за 2030 година во контекст на намалување на загадувањето. И една од водечките иницијативи на акцискиот план е усогласување на стандардите за квалитет на воздухот поблиску до најновите препораки на Светската здравствена организација. За да се направи транзиција кон еколошки одржливи решенија за енергија и за мобилност, секако ќе треба значително финансиско инвестирање, но потенцијалните придобивки се огромни. Ова е златна можност да ги направиме градовите поздрави и побезбедни.