Од Јемен преку Етиопија до Украина, светот се бори да изнајде мирни решенија за конфликтите. Со Комисијата предводена од Фон дер Лајен, ЕУ ја засили својата амбиција да биде геополитички фактор. Досега, нејзиниот успех се состоеше од хуманитарна помош. Во Украина таа покажа поголема економска и финансиска сила. Но, за да биде веродостоен мировен посредник во контекст на кревка безбедност, Мајкл Китинг смета дека на ЕУ ќе ѝ треба повеќе од политички договори, оружје и пари.

Зелен европски журнал: Војната во Украина поттикна разговори за враќањето на војната во Европа. Во меѓувреме, конфликтите беснеат насекаде низ светот. Кои се некои од најопасните конфликтни ситуации глобално?

Мајкл Китинг: Постојат многу актуелни конфликти во светот: војните во Мјанмар и Јемен, немирите во места како Сомалија и супсахарска Африка и конфликтот во Етиопија. А има и неколку ситуации што најдобро се опишуваат како „ниту мир, ниту војна“, како Венецуела, Ирак и Авганистан.

Ако мирот едноставно подразбира отсуство на вооружено насилство, тогаш може да тврдите дека во многу земји владее мир. Но, ако мирот подразбира повеќе од отсуство на војна и опфаќа безбедност, изгледи за вработување, пристап до услуги и прибежиште кон правда, тогаш, за жал, во голем дел од планетата не владее мир.

Постојат сеопфатни теми што го докажуваат тоа. Први се геополитичките ривалства на глобално ниво, најочигледни се оние меѓу САД и Кина, при што Европа се обидува да открие каде се вклопува во ова соочување. Во последнава деценија се појавија и сè поголем број регионални сили со силни геополитички агенди, било за да го подобрат нивниот пристап до ресурси, било за контрола на морските или на копнените патишта. Се наметнуваа блискоисточните сили, како Саудиска Арабија, Емиратите и Турција, но и земји како Индија и Бразил. Меѓународната конструкција на мир и безбедност се бори да се справи со овие тензии. Помина времето на Студената војна кога суперсилите потпишуваа договори, а сите други, помалку или повеќе, се согласуваа со нив. Светот денес е многу покомплициран и мултиполарен.

Постојат и подлабоки трендови што не се секогаш директни учесници во насилните конфликти, туку создаваат услови во кои насилството опстојува. Овие фактори ги вклучуваат и климатските промени и уништувањето на животната средина (што се поврзани, но засебни прашања), сè поголемата нееднаквост и чувството на неправедност. Социјалните мрежи и информатичката технологија, ковид-19 и сè поголемата ранливост на глобалниот економски систем имаа удел во сето тоа.

На пример, прехранбената несигурност расте веќе извесно време и е особено влошена со руската инвазија на Украина. Прехранбената несигурност придонесува за негативна динамика, како и за чувство на неправедност. Таа може да ја засили моќта на екстремистите кои тврдат дека оние на власт се себични, корумпирани и незаинтересирани за добросостојбата на голем број луѓе. Тоа се случува и со државите, во рамки на одредени региони и глобално. Многумина на глобалниот југ имаат чувство дека богатите делови од светот се позагрижени за своите проблеми, а не за секојдневната борба за преживување со која се соочуваат милиони, ако не и милијарди луѓе во светот.

Дали отсуството на мир во оваа поширока смисла објаснува зошто многу земји од глобалниот југ, иако ја осудуваат војната во Украина, не беа подготвени да ја санкционираат Русија?

Човек не сака да генерализира премногу, но во повеќето случаи, за земјите од глобалниот југ не е мудро да заземат страна. Тие не сакаат да бидат вклучени во конфликт, во кој, доколку изберат страна, би можеле да бидат уште пооштетени или казнети.

Сепак, оние што сочувствуваат со политичките и со економските проблеми на глобалниот југ треба да истакнат колку е вчудоневидувачка руската инвазија врз Украина. Овој чин на агресија е целосно спротивен на сè, од Повелбата на ООН до сите правила што важат уште од 1944 година за регулирање на однесувањето во меѓународни рамки. Во интерес на сите земји е да инсистираат на решавање на овој конфликт во согласност со меѓународното право. Во спротивно, навлегуваме во законот на џунглата.

Бргу по инвазијата на Украина, постојаниот претставник на Кенија во ООН изјави дека ако почнеме одново да исцртуваме граници, Африка е во сериозна неволја. Многу земји од глобалниот југ не се толку свесни за опасностите од инсистирање на меѓународното право како што би требало.

Се разбира, нивна главна преокупација во моментов се пристапот до енергија, прехранбената сигурност и политичките последици од овој конфликт. Големата слика е многу негативна. Египет, супсахарска Африка, Бангладеш, Јемен, до одредена мера Авганистан и многу други земји во голема мера зависат од увозот на пченица и на масло за јадење од Русија и од Украина. Цените на фосилните горива вртоглаво ќе пораснат (освен на Блискиот Исток). На многу места во иднина гледам уште повеќе проблеми.

Што може да стори Европската Унија за глобално да го одржи пристапот до храна?

ЕУ може да одигра огромна важна улога преку развојни системи и хуманитарна помош. Политички, може да ги поддржи напорите за одблокирање на извозот на пченица и масло преку Одеса и Украина. Многу земји од ЕУ се влијателни во меѓународните финансиски институции. Тие можат да обезбедат фискална и монетарна поддршка за земјите што се соочени со овие проблеми и тие тоа го прават. Проблемот е што повеќето европски држави се фокусирани на последиците од инвазијата врз нив самите.

Извонредното единство што го видовме во рамки на ЕУ во голема мера ќе биде предизвикано наесен кога ќе застуди и ќе се зголеми употребата на енергенсите. Политичкиот притисок да се изнајде решение за овој конфликт ќе расте од страна на избирачите бидејќи животните трошоци растат, и од страна на глобалниот југ бидејќи земјите таму се соочуваат со сè поголеми економски и хуманитарни кризи, како и со граѓанска непослушност и насилство.

Ако разговарате со Европејците за тоа кое би било решението, постојат многу различни гледишта. Многумина, не само Украинците, туку и други народи од Балтикот, го критикуваа претседателот Макрон поради забелешката дека не треба да се понизи Русија. Постојат многу различни гледишта во Источна и во Западна Европа, но и политички за тоа дали, кога и како треба да заврши овој конфликт. Конечно, тоа зависи од Украинците и од Русите, но овој конфликт има многу поголеми последици, така што е легитимно и меѓународните фактори да имаат право на збор. Не можете само да кажете „мора да сториме што и да посакаат Украинците“ бидејќи политичките последици од овој конфликт ќе растат.

Помина времето на Студената војна кога суперсилите потпишуваа договори, а сите други, помалку или повеќе, се согласуваа со нив.

Војната во Украина не е единствената војна во светот. Војната во Јемен трае веќе речиси една деценија. Каква е ситуацијата денес и каква улога имаат европските фактори?

Јемен се опишува како најстрашната хуманитарна криза во светот, а населението таму неверојатно страда. Тоа е конфликт за кој не само што е потребно помирување помеѓу Јеменците, туку и поголема доследност од меѓународната заедница. Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и нивните западни сојузници имаа првенствено воен пристап раководени од идејата за безбедност. Тој, во суштина, не функционира и Хутите се наметнаа во јавноста.

Поранешниот дипломатски претставник на ЕУ во Јемен, Ханс Грундберг, сега е специјален претставник на Генералниот секретар на ООН. Тоа е одлична вест, бидејќи тој може да отвори нови перспективи од позиција на ЕУ и на ООН. Тој помогна во склучувањето примирје пред три месеци помеѓу Хутите и власта и другите Јеменци. Луѓето се скептични во поглед на тоа дали примирјето ќе биде засекогаш, но досега трае.

Она што е потребно не е само политички процес меѓу Јеменците, туку и договори и инвестиции што ќе се фокусираат на исполнување на нивните потреби за човекова безбедност, како работни места, пристап до услуги и правда, заштита од злоупотреба на моќта од страна на безбедносните сили, чувство дека нешто се прави во однос на корупцијата и чувство дека постои некаков вид на правда. Тоа нема да се случи освен ако нема посилен поттик од меѓународните фактори.

Европскиот мировен институт неодамна интервјуираше 16.000 Јеменци, вклучувајќи и племенски старешини, студенти, жени, деловни луѓе и млади луѓе за нивната визија за безбедност и мир. На наше изненадување, еколошките прашања, вклучувајќи ги оние за водата, управувањето со земјишта, отстранувањето на неексплодирани мини и загадувањето се сметале за особено важни. Јеменците сметаат дека злоупотребата на ресурсите придонесува за конфликтот, но е и начин за негово разрешување.

Мирот не е само поврзан со политички договори, оружја и пари. Тој соодветствува на она што луѓето го сметаат за важно за нивната основна безбедност. Истото важи за сите луѓе насекаде. Сфаќањата на тоа што претставува мирот, според пристапот од долу нагоре, не ги информираат доволно политичките интервенции за да го прекинат конфликтот.

A што е со Авганистан? Дваесетгодишното присуство на НАТО заврши со повлекување на САД во 2021 година и со враќање на Талибанците на власт. Што може да научиме за миротворството од интервенцијата во Авганистан?

Треба да се извлечат многу поуки, а прашање е дали некоја воопшто ќе се извлече. Во 2015 година бев на една голема конференција во Вашингтон во врска со поуките извлечени од инвазијата на НАТО. Една од поуките беше отсуството на јасна политичка стратегија, недоволното ангажирање на Авганистанците во таа стратегија, неуспех да се разберат племенската динамика или политичката економија и неуспех да се промовира економскиот развој и да се намали насилството, како и навремено да се воспостави дијалог. Постоеше речиси шизофрен пристап кон односот со Талибанците. Во еден миг, не можеше воопшто да се комуницира со нив, а на крајот сето тоа заврши со американско-талибански договор што не ги вклучуваше државните органи.

Целта не се толку поуките, прочитајте го извештајот на специјалниот генерален секретар за реконструкција на Авганистан, ако не сте го прочитале, туку проблемот е што не ги применуваме. Каква е политичката стратегија на Европа и на САД во однос на Авганистан? Изгледа како таа да не постои. Пристапот е таков што Талибанците не можат да бидат признаени, освен ако не направат низа нешта. Тие не смеат да им дозволуваат на терористи да ја користат авганистанската територија, треба да го почитуваат авганистанскиот устав, особено правата на жените и на малцинствата и треба да имаат убедлив пристап кон формирање влада. Тоа не е стратегија, туку список желби.

За жал, она што не го гледаме е политичка стратегија што ќе спречи падот на Авганистан да премине во насилен конфликт. Некој во администрацијата на САД би сакал зборот Авганистан да исчезне бидејќи e политички токсичен. Но, го заборавате Авганистан на сопствен ризик. Тој секогаш ќе ви се врати и ќе ве прободе.

Во моментов, единствената прифатлива форма на меѓународна помош за Авганистан од западните земји е хуманитарната. Сепак, една хуманитарна криза не може да се реши со хуманитарна помош; потребни се функционална економија, работни места, земјоделски сектор што може да тргува, платни системи и функционална централна банка. Ниту едно од овие нешта не функционира. Олеснувањето не е долгорочно решение.

Мирот не е само поврзан со политички договори, оружја и пари.

Колку е ефикасна улогата на ЕУ како мировен посредник во светот? И како би ја оцениле работата на ЕУ во однос на намалувањето на подолгорочни предизвикувачи на конфликт?

ЕУ е многу комплицирана ѕверка, така што не е лесно да се одговори на овие прашања. Прво, сметам дека ЕУ одигра прилично безопасна и позитивна улога во многу делови од светот во однос на тоа што се обиде да ја засили безбедноста на луѓето. ЕУ е многу важна не само како хуманитарен и развоен фактор, туку и во полиња како трговија и интелектуална сопственост, Зелениот договор и преку поттикнување транспарентни политички процеси и избори.

Така, ЕУ во моментов доживува извонредна трансформација. Повеќе пати сум присуствувал на состаноци на кои луѓето изјавиле дека ЕУ претставува најуспешен мировен проект во светот. Сетете се на насилството во Европа помеѓу 1914 и 1945 година. Ниту еден настан каде било на планетава во кој било период оттогаш не го надминал овој период во однос на уништувањето и бројот на загинати лица. Ги имавме балканските конфликти, конфликтите во Северна Ирска и Баскија, но во целост, тоа е неверојатно успешен мировен проект со исклучок на овие многу сериозни примери.

Сега сето тоа се менува и не сум сигурен како ќе се развива трансформацијата што се случува како резултат на руската инвазија на Украина. По нејзиното назначување, Урсула фон дер Лајен изјави дека сака ЕУ да биде погеополитична. Со Украина, ЕУ секако стана многу погеополитична. Таа е секако инволвирана во конфликтот. Веќе не е независен фактор што непристрасно се обидува да го реши. Оваа трансформација ќе ја репозиционира ЕУ за многу чинители во светот.

Она што ЕУ треба да го направи како мировен фактор е да разбере како стратешки да го промовира мирот. Тоа значи понекогаш да ги поддржи оние со подобри квалификации во смисла на мировни фактори, како ООН, регулаторните тела, независните организации или локалниот фактор. ЕУ може да продолжи да игра особено важна улога во зајакнување на мировниот екосистем, но не може да биде директно инволвирана во секоја ситуација. Онаму каде што ЕУ се смета за компромитирана, подобро е да ги користи своите значајни капацитети, економските, финансиските, политичките и дипломатските, за да ги поддржи другите.

ЕУ тежнее да биде погеополитички фактор. Постои ли начин тоа да се направи без традиционалната логика на геополитиката „законот на посилниот“? Или ЕУ се движи кон тоа да стане класична голема сила изодувајќи го геополитичкиот пат?

Не предвидувам ситуација во која ЕУ би била силен воен фактор на начин на кој се САД, Кина, Русија или многу други регионални сили. ЕУ сака да ги засили своите воени можности за да може да ги поддржи националните фактори што се борат против екстремисти или да го заштити владеењето на правото, но не гледам дека поради тоа би можела да стане голема воена сила. Таа треба да ги користи своите квалитети: економската моќ, регулаторната моќ, финансиската моќ и силната дипломатска мрежа. Санкциите се еден од начините тоа да се направи, но проблемот е што е многу полесно тие да се воведат одошто да се укинат и е прилично тешко да се користат стратешки.

Повторното вооружување на светот и истекувањето на неколку договори за контрола врз оружјето, најочигледно помеѓу САД и Русија, се многу загрижувачки. Постои тенденција за милитаризирана реакција на несогласувања и се надевам дека граѓанското општество во Европа и глобално ќе настојува на посеопфатен пристап.

Политичката економија што го поддржува милитаризираниот пристап не е во согласност со онаа што ги промовира јавните добра и треба да бидеме начисто во однос на тоа. Но, понекогаш не сме. Се разбира, тоа е политичка работа, но динамиката на повторното вооружување, во најмала рака, треба да биде придружена со инвестирање во јавни добра и со засилување на отворените општества, демократијата и отчетноста.

Промените што се одвиваат не претскажуваат ништо добро во тој поглед. Америка е можеби најранлива на промените во следниве години бидејќи традицијата стара неколку стотици години да се сметаат луѓето на власт за одговорни и поделбата на власта е истрошена. Постојат и докази за тоа.

Како што се распаѓа мултилатералниот поредок, изгледа дека се движиме кон свет на блокови и регионални сили. Повоениот поредок никогаш не беше совршен, но имаше свои принципи, како самоопределба и меѓународно право што беа непроценливо вредни. Кои се приоритетите за да се реконструира мултилатерализмот и да се поврати неговата моќ?

ООН е силна колку што нејзините земји-членки сакаат да биде. Од основањето во 1945 година, таа драстично се развиваше како институција што извршуваше неколку нешта што често се земаат здраво за готово, но не треба да се превидат. На пример, ООН управува нешта во хуманитарната дејност што многу други фактори едноставно не можат да го прават. Исто така, извршува неверојатно важна работа во поглед на отчетноста, како што гледаме во нејзината документација за последиците на руската инвазија врз Украина.

Сепак, ООН беше формирана за да спречува и да разрешува конфликти. Советот за безбедност на ООН ја предводи таа функција. Неговата дисфункционалност е видлива, бидејќи оваа инвазија ја врши една од петте постојани членки, при што другите ниту ја поддржуваат ниту ја осудуваат. Прашањето е дали може да се најде начин во врска со тоа.

Во Генералното собрание на ООН имаше две многу интересни гласања поврзани со руската инвазија на Украина. Земјите-членки на ООН, всушност, изјавија, видете, не можеме да бидеме заложници на Советот за безбедност кој не е во можност да постигне некакво политичко и правно појаснување, и мора да најдеме друг начин да го искажеме нашиот став. Лихтенштајн успеа да изгласа резолуција што го овластува Генералното собрание да се состане во рок од десет дена да дискутира за потенцијална криза во случај дискусијата да е блокирана во Советот за безбедност со вето од страна на постојана земја-членка. Пред да ја отпишат ООН, нејзините членки мора да дејствуваат за да направат таа да донесува политички и правни одлуки.

Генералниот секретар има одредено дискрециско право да ја користи неговата функција за разрешување конфликти и посредување. Тоа сме го виделе многу пати од основањето на ООН, и успешно и неуспешно, било во Ел Салвадор, Авганистан, Кипар или на Блискиот Исток. Прашањето е дали тој може да го користи тоа право на креативен начин денес кога многу моќни фактори можеби нема да реагираат.

Во јавниот домен, ООН им дава приоритет на многу практични нешта, како обидите да извлече пченица и масло за јадење од Одеса, да посредува за прекин на огнот и да обезбедува хуманитарна помош, како и да ги документира постапките на инволвираните страни. Но, не постои ниту еден моќен фактор или група што отворено инсистира на крај на насилството, дури ни во интерес на најзасегнатите. Иако тоа претставува огромен предизвик, мора да изнајдеме праведен начин за прекин на овој конфликт. Во спротивно, последиците за целиот свет би биле дури и пострашни одошто се сега.