Откако ја загуби работата како новинарка во Турција по нејзините отворени критики за сè понедемократскиот режим, писателката Еџе Темелкуран тргна да ги предупреди тие во другите земји за знаците на притаена авторитативна политика. Иако има некои зраци на светлина, таа предупредува дека многу западни демократии се на нестабилна почва додека политиката се движи надесно. Патот назад е долг и бара од граѓаните да си го вратат достоинството и повторно да ја откријат вербата во себе, во својата демократија и едни во други.

Беатрис Вајт: Во Вашата книга „Како да изгубите земја“ (How to Lose a Country), дијагностицирате форма на современа авторитаивна политика што не пристигнува со тенкови, туку постепено се зацврстува. Кои се главните карактеристики на овој феномен? Како сметате дека највпечатливо се отелотворува во Европа денес?

Еџе Темелкуран: Оваа книга, донекаде иронично, е напишана како прирачник за потенцијални диктатори. Но, исто така, дава увид во тоа што може да се случи во Европа. Тоа, всушност, беше повик за глобална солидарност, но најмногу беше насочен кон европските земји и САД бидејќи земјите како Индија, Турција и Пакистан знаат сè за овој иритирачки процес на демократска земја што се лизга по падината кон авторитативна политика. Но, западните земји одамна ја земаат демократијата здраво за готово. Тие имаат премногу доверба во своите институции и во нивната таканаречена демократска култура.

Главната порака е дека авторитативната политика е глобален феномен и овие авторитативни лидери учат едни од други. Не пристигнува во униформи, туку со смешни фризури, како Борис Џонсон и Доналд Трамп. Луѓето се многу збунети ако ова се идентификува како фашизам. Но, ние треба да го наречеме фашизам, место популизам или авторитет. Луѓето често мислат дека фашизмот беше целосно избришан во Европа до крајот на Втората светска војна. Всушност, тој беше само поразен на бојното поле. Неколку земји, покрај Германија, се соочија со сопствената историја на фашизам.

Се обидував да предупредам и да ги поттикнам овие општества да дејствуваат бидејќи во земји како Турција, ние сме исцрпени. Авторитаивното дејствување не се однесува само на политиката – тоа создава морална корупција и го нарушува основниот консензус во општеството. Сè уште ни е потребна издржливост на спротивните, загрижени маси на Запад. Се работи за обид да се најде начин да се изгради заеднички јазик – заедничка нарација – за да можеме заедно да се спротивставиме на оваа нова форма на фашизам. Не може да го победат сами луѓето на една земја. Потребна е глобална солидарност.

Лидерите како Реџеп Таип Ердоган и Доналд Трамп се вешти во присвојување на реториката на демократијата: само нивните победи се вистински демократски резултати. Како тие што ги бранеа демократските принципи од авторитативното однесување открија дека дури и концептите што ги бранат се узурпирани?

Тоа што го велат не е целосно погрешно. Да, тие победуваат на избори, победуваат во гласачките кутии, но ова само ја илустрира кризата на застапеност што ја доживуваме во моментов. Бидејќи, во текот на долг период, демократијата се сведе на гласачки кутии. Кампањата за запирање на инвазијата врз Ирак во 2003 година беше впечатлив пример. Улиците беа полни со луѓе што велат „не“ на војната, но, сепак, нивните лидери продолжија.

Кога излезе книгата пред две години, со своите предупредувања за тоа што, најверојатно, ќе се случи, многумина ја отфрлија поради чувство на исклучителност. Но, сега луѓето на места како Велика Британија, Франција, Германија и САД се вратија на тоа. Ова покажува како, во рок од две години, сите овие институции, сите овие таканаречени зрели демократии, почнаа да губат верба во себе. Тоа се случува исклучително брзо, пред нашите очи.

Процесот може да се следи многу подалеку – до крајот на 70 тите години, кога Маргарет Тачер и Роналд Реган изјавија „нема алтернатива“. Потоа, особено по Студената војна, демократијата стана нешто административно, нешто за што треба да се грижи некој друг место нас. Водењето на земјата се однесуваше на бројки – бројки што зборуваат со бројки. Луѓето веќе не се сметаа. Ако нема алтернатива, што прават луѓето? Тие продолжуваат со својот живот. Тоа е тоа што се очекуваше од нив. Но, ова не се случи случајно. Левицата беше потисната во секоја земја, без разлика дали со воен удар, како што се случи во Турција, или со војувањето на Тачер и на Реган против синдикатите.

Целата политичка сфера се помести надесно. Мораме да се соочиме со ова.

Целата политичка сфера се помести надесно. Мораме да се соочиме со ова. Без прогресивни елементи во политиката и во општеството, нема контрола и рамнотежа во однос на моралот и на политиката. Останавме да живееме со детето мунтант на неолибералната политика. Без вистинска демократија што вклучува социјална правда, завршуваме во ситуација во која секој може да биде самопрогласен „вистински демократ“.

Овој вид „демократија“, која сè уште е нашата сегашна состојба на демократија, бара аполитизирани маси. Така тие произведуваат идеален граѓанин, кој ја избегнува политиката, тој што мисли дека демократијата се однесува само на гласачките кутии, дека политиката на идентитетот е единственото нешто што е важно, а дека слободата е само работа на поединецот итн. Резултатот од намалувањето на сите овие концепти се луѓето што мислат дека ако се ослободат од Европската унија (особено во Велика Британија) ќе бидат слободни и ќе бидат „супер“. Оваа парадигма се задржа и денес. Но, луѓето сакаат да го занемарат периодот во историјата кога политиката на десницата стана толку доминантна што се претвори во наша природна состојба. Истовремено се одвиваат неколку други кризи – кризите на капитализмот, демократијата, климата и така натаму – и овие стравови лесно можат да се политизираат и мобилизираат од лидерите десничари и популисти, ако луѓето немаат вистински, цврст избор.

Сепак, сè уште има луѓе на улиците денес – продемократските движења во Хонгконг, Русија, Белорусија и во Мјанмар, на пример. Но, исто така, и на Запад, особено младите бараат социјална, расна и еколошка правда. Како гледате на овие движења?

Постои голема разновидност меѓу овие движења – во поглед на луѓето на улиците и нивните барања, потекло и јазици. Но, јас гледам глобално заедништво: сите тие бараат човечко достоинство, на неколку различни начини. Ова е дел од одговорот на кризата на застапеност и на други кризи со кои се соочуваме. Има нешто многу надежно во овие протести и демонстрации што се појавија, дури и за време на пандемија. Низ светот, желбата на луѓето за достоинство е посилна дури и од стравот од смрт. Ова покажува дека човештвото сè уште има верба во себе. Се надевам дека сите овие демонстрации можат да се одржат солидарно едни со други под знамето на човечкото достоинство.

Оваа нова генерација е толку лута на претходните генерации. Зошто не би била? Сите овие кризи им паднаа в скут. Се чувствуваат како да немаат што да загубат. Тие го гледаат лицемерството; тие се цинични, саркастични и лути. Но, сè уште преговараат – сè уште сакаат нешто и јасно кажуваат што сакаат. Меѓутоа, ако не ги сослушаат, следните бранови протести нема да бидат толку елоквентни.

Луѓето, исто така, се на улиците во демократиите што назадуваат, особено маргинализираните групи, чиишто основни права сега се загрозени, како што се жените. Како ја гледате нивната улога во движењата на отпорот?

Не е случајно што денешниот најостар отпор доаѓа од женското движење. Кога се борите за својот живот – буквално – се борите најжестоко. Ова може да звучи како далечен проблем за жените на Запад. Но, размислете за сè што се смени во изминатите неколку години што претходно изгледаше незамисливо.

Жените се канаринците во рудникот за јаглен […] затоа што фашизмот секогаш прво ги напаѓа жените […]

Во земји како Турција, се води сеопфатна војна против жените. Но, ова е предвидливо бидејќи знаеме дека мизогинијата е прв придружник на фашизмот. Жените се канаринците во рудникот за јаглен кога станува збор за фашизмот. Ова не е затоа што нивните политички и морални сензори се почувствителни од машките, туку затоа што фашизмот секогаш прво ги напаѓа жените и тука не зборувам само за самите жени, туку за сè што е женско. И мислам дека фашизмот ќе биде поразен со отстранување на мизогинијата. Тоа зависи од жените и тие сега стануваат свесни насекаде во светот. Според моето мислење, единствената инспиративна работа во политиката денес се младите луѓе, особено жените.

Протестните движења често развиваат нови начини на водење политика. Едно од наследствата на протестите во паркот Гези беа собири на луѓе од дното нагоре што се појавија низ градот. Дали постојат знаци дека конвенционалната политика може да се отвори за оваа практика бидејќи социјалните движења ја зголемуваат нејзината моќ?

Да, мислам дека политичкиот естаблишмент сфаќа дека доколку не ги поздрави овие движења, ќе биде застарен, минлив и, на крајот, ќе исчезне. Видовме како се појавуваат нови политички организми од движењата во Хонгконг, Истанбул и во Каиро. Но, тие не се компатибилни со нашата сегашна претставничка демократија.

Единствениот излез што го гледам од овој ќор-сокак е локалната политика. Прогресивните градоначалници, општини и локални политичари што се желни да најдат нови начини за водење политика, се поподготвени за интеракција со овие политички движења. Ако не се случеа протестите во Гези [кандидатот на левоцентристичката опозициска ЦХП] Екрем Имамоглу немаше повторно да победи на прегласувањето за избор на градоначалник на Истанбул во 2019 година. Токму тие луѓе се организираа и се мобилизираа себеси и другите да гласаат повторно. Мислам дека тие политички движења нè учат преку своите постапки. Решителноста, тврдоглавоста и палавоста што ги прават толку активни можат да ги освежат нашите политички институции – доколку се отворени за освежување.

Како зелените и прогресивните можат да допрат надвор од своите кругови, до поширокото општество, избегнувајќи ги притоа типот на популистичка реторика и стратегиите што ги користат нивните противници?

Живееме во ера на страв и на распаѓање. Фашистите си играат со емоциите и ги монополизираат во својот дискурс. Мислам дека левицата воопшто, но зелените особено, треба да размислат за својот политички однос кон емоциите, како и кон вредностите. Да престанеме да се плашиме од емоции и да научиме како повторно да разговараме со луѓето, како и меѓу себе, за љубовта, лутината, стравот, па дури и за верата. Што е вера за нас? Во што имаме верба? Што можеме да кажеме за љубовта како луѓе од левицата? Или за гордоста? Гледам научена дистанца од емоциите во прогресивната политика. Сепак, новите политички организми се обидуваат да го направат ова; тие се обидуваат да изразат емоции. Затоа тие се толку динамични и сосема поинакви од институционализираната и воспоставена политика.

Како писателка, ја истражувате сложеноста на човечката природа и мотиви. Каква улога може да игра фикцијата во промената на нашата политика и на општеството и да помогне да се разбереме едни со други?

Зборовите, било да се политички или неполитички, не го менуваат светот; само луѓето што веруваат во овие зборови можат да го направат тоа. Затоа, невозможно е да се спореди пишувањето за политика со пишувањето фикција во однос на моралниот суд за нашиот придонес кон светот. Ако ме прашувате, мојот роман „Жени што дуваат на јазли“ (Women Who Blow on Knots) беше многу повеќе политички трансформативен, отколку „Како да изгубите земја“. Предноста на фикцијата е што приказната е посочувствителна и поопфатна форма на комуникација; читателот полесно му се приближува на навидум аполитичниот писател. Потоа, во доменот на фикцијата, писателот може да зборува за најконтроверзните идеи и за вистината во апсолутна смисла.

Како новинарка што постојано зборуваше, често се соочувавте со тие што стојат зад демократскиот пад на Турција. Вашата нова книга „Заедно“ (Together) бара од читателот да избере да има верба во луѓето со кои ја делиме оваа планета. Што велите, како сега можеме да изградиме мостови, да ја имаме оваа верба еден во друг?

Мислам дека прашањето „како да се изградат мостови“ не е вистинското за поставување. Понекогаш нема мостови. Политиката не е само мир и хармонија, туку конфронтација. Сепак, ние го истеравме овој начин на размислување од нашата политичка сфера. Политичкиот систем не сака конфронтација, не сака антагонизам. Затоа луѓето треба да веруваат дека не постои алтернатива; нема веќе за што да се борат. Дури и без да забележиме, ја нормализиравме оваа идеја. Ја исфрливме борбата од нашиот речник во обид да преживееме. Го прифативме нашиот намален простор за постоење. Но, ако место тоа сфатиме дека нè победија и дека сме лути, ова може да биде појдовна точка од која треба да се направи нешто. Политиката, за жал, е борба. Би било убаво оваа борба да вклучува само зборови, но понекогаш тоа не е така.

Затоа се враќам на овој пораз; откако ќе бидете поразени, некако легитимирајте го, нормализирајте го поразот, а потоа почнете да прашувате како можеме да градиме мостови. Ќе ги победиме. Мора да се запрат. Како дојдовме до точка да го поставиме ова прашање за заедничкиот живот со фашизмот? Не, тоа е погрешно прашање! Ова се прашањата што ја овозможуваат доминантната идеологија.