По години стагнирање, аспирациите на земјите источно и југоисточно од ЕУ да станат нејзини членки добиja нов замав по руската инвазија врз Украина. За граѓаните на овие потенцијални членки, пристапувањето кон ЕУ ќе им овозможи и европско државјанство, што ќе има последици и  врз нив, но и врз моменталните жители на ЕУ. Разговаравме со политикологот Јелена Џанкиќ за изгледите на дополнително проширување на ЕУ, и за употребата и злоупотребата на пасошите за иднината на концептот државјанство.

Зелен европски журнал: Соочени со моменталната руска агресија, Украина, Молдавија и Грузија се обидоа да ги забрзаат изгледите за членство во ЕУ. Освен значењето што тоа би го имало на ниво на самите земји или врз геополитиката, што претставува државјанството на ЕУ за жителите на овие земји?

Јелена Џанкиќ: Очигледно, ситуацијата во Украина имаше силно влијание врз разговорите за идно проширување на ЕУ, но и врз формата и суштината на проширената ЕУ. Грижите околу безбедноста, исто така, поттикнаа дискусии во однос на пристапувањето на Грузија и на Молдавија и одново ги заживеаја разговорите за пристапувањето на земјите од Западен Балкан, што се одолговлекува во последнава деценија. Сме слушнале повеќе предлози за понатамошно проширување, така што изборот кој пат да се одбере ќе го дефинира идниот облик и на ЕУ и на нејзиното државјанство.

За жителите на земјите што чекаат пристап или земјите што се во процес на преговори за членство во ЕУ, државјанството на ЕУ има големо значење. А, веројатно, значи многу повеќе отколку што им значи во емотивна смисла на повеќето од оние што веќе го поседуваат. Луѓето од Грузија, Молдавија и Украина се соочуваат со многу повеќе рестрикции кога станува збор за пристап до пазарот на труд во други земји, до можности за образование или за патување во странство. Пристапувањето кон Европската Унија би значело крупен економски чекор напред, но и еден вид безбедносна врска. Би значело нешто што го посакуваат повеќе од 30 години, по падот на комунизмот: изгледите да бидат препознаени како Европејци. Но, реалноста е малку поразлична, и според тоа, искрено се сомневам дека тоа наскоро ќе се оствари.

Францускиот претседател Емануел Макрон предложи асоцијативно членство за некоиземјиштосестрематдастанатделодЕУ. Далиетоаодржливаалтернатива?

На Западен Балкан има земји кои веќе преговараат за пристапување кон ЕУ: Србија и Црна Гора. Освен тоа, Албанија и Северна Македонија добија препорака за почеток на пристапни преговори. Но, постојат различни блокади во тој процес, што стануваат сè повидливи. Исто така е важно да се спомене дека од 2004 година искуството на ЕУ со проширување не е исклучително позитивно: може да ги видиме зачестените апели на рестриктивната политика насекаде во поранешните комунистички земји-членки, како и демократското назадување на Кипар и Малта.

Ова покажува дека моменталните стратегии за проширување не функционираат како што би требало. Беа предложени алтернативи, како предлогот на Макрон. Во исто време, тинктенк организации од Брисел и од Западен Балкан ја предложија опцијата за „интеграција во фази“. Тоа значи дека земјите од регионот, но и Грузија, Молдавија и Украина, би можеле да пристапат етапно, прво со стекнување посматрачки статус во одредени институции на ЕУ и потоа, откако ќе бидат исполнети разни услови, постепено да пристапат кон членство.

Според мене, и пристапувањето во фази и асоцијативниот статус се меч со две острици. Од една страна, и двете опции се подобри од моменталното сценарио во кое ништо не се случува. Во исто време, ако на една земја ѝ биде понуден потенцијален асоцијативен статус, но ништо повеќе, тоа може да ги разочара локалните поддржувачи на членство во ЕУ. Би можело дури и да ги сврти кон други политички фактори. Во Источна Европа и на Западен Балкан, геополитички, присутни се други фактори, не само Русија, туку и Кина, Турција и други. Со пристапување во фази земјите може да стигнат до одреден момент во процесот и потоа да не сакаат да продолжат понатаму.

Сметам дека наместо да се размислува за алтернативи, треба да се разговара за механизам кој би можел да го подобри проширувањето на ЕУ, прво преку зајакнување на внатрешните демократски капацитети на ЕУ, и, второ, преку зајакнување на капацитетот на ЕУ да ги извезува тие вредности и да помогне во повторна изградба на институции што ги мотивираат овие земји на начин што ќе биде демократски одржлив. Мислам дека ваквата дискусија е толку неопходна, бидејќи што било друго – вклучително и интеграцијата во фази или асоцијативниот статус – се само псевдорешение.

Конечно, одлуките на европските институции во однос на идно проширување, и за тоа кои ќе бидат идните жители на ЕУ, ќе ја одреди суштината на тоа што ќе биде ЕУ, како и на тоа каков вид интеграција се посакува во иднина.

Моменталните стратегии за проширување нефункционираат како што би требало.

Европската Унија покажа многу повеќе волја да прифати украински бегалци одошто лица што бегаат од други конфликти, дали ова ни кажува нешто за европскиот идентитет и за државјанството на ЕУ?

На симболично ниво, гледаме неколку елементи: истакнатите одлики на посакуваните мигранти, географската близина и дефинирање на војната како напад врз вредностите. Треба да се потсетиме дека за време на конфликтите во Босна и Херцеговина и во Косово, во деведесеттите години на минатиот век, бегалците, исто така, беа добредојдени во земјите-членки на ЕУ, како што беа и албанските бегалци во Италија во истиот период. Во однос на причините зошто граѓаните повеќе сочувствуваат со овие бегалци, постои еден фактор за кој не може да се говори отворено: многумина Европејци ги сметаат бегалците од земји како Сирија и Авганистан, па и Косово во некоја мера, за различни.

Освен тоа, Украина е „овде“, што значи дека се граничи со некои од источните земји на ЕУ. А кога војната е толку блиску, поверојатно е да сочувствуваме со луѓе од тој дел на светот. И Русија, главниот агресор врз Украина, имаше огромно влијание врз многу источноевропски земји, но не на добар начин. Украина изрази подготвеност да биде дел од Европа и се движеше кон членство во НАТО, но е блокирана од Русија на Путин. За многу луѓе во Европа, слободата и демократијата се основни вредности. Можеби ова се сметаше за повреда на таквите вредности.

Погенерално, каква е врската помеѓу идејата за државјанство и идејата за демократија? Дали државјанството секогаш оди рака под рака со правото на глас? Или, дали треба да постои разлика помеѓу граѓани со право на глас и оние без него?

Ова е суштинско прашање. Постојат различни концепти на државјанство, бидејќи секоја земја создава свои правила во однос на државјанството и правата што произлегуваат од него. Некои земји ги признаваат за државјани само оние кои престојуваат на нејзината територија, и можеби некои од оние што емигрирале во друга земја. Овие земји може да ги разликуваат правата што им ги даваат на лицата што живеат и плаќаат даноци во земјата, наспроти оние кои живеат и работат, да речеме во САД. Луѓето што живеат надвор од земјата сè уште имаат пасоши, и откако ќе се вратат во матичната земја, ќе ги имаат сите придружни права, но, не ако се жители на други земји.

Друг пристап би бил оној на Унгарија, која ги признава како државјани не само оние кои се физички присутни, туку и етничките припадници. Во еден момент, и Унгарија имаше инвестициски програми за жителство, преку кои луѓето можеа да бидат натурализирани во земјата. Овој систем им издава пасоши на оние што живеат надвор од границите на државата, и потоа, во некој момент, овие луѓе, исто така, добиваат права што произлегуваат од државјанството.[1] Земјите што им издаваат пасоши на своите етнички припадници или емигранти надвор од нивните граници, тоа го прават или да ги зајакнат своите врски со дијаспората поради девизните дознаки или други придобивки за државата, или тоа би можело да претставува алатка на надворешната политика, како и средство за зајакнување на одредени политички фракции во други земји.

Меѓу земјите што го одбрале вториов пристап гледаме разлика во степенот на права што им е овозможен на државјаните надвор од земјата. На пример, Италија им издала пасоши на бројни потомци на италијански граѓани во Аргентина и во други јужноамерикански земји. Овие луѓе ги имаат повеќето права што произлегуваат од државјанството, но некои клучни аспекти, како правото на глас, се поврзани со жителство, или претходно со физичко присуство на италијанска територија или на територија на ЕУ. Додека во Унгарија, нерезидентните жители може да гласаат.

Ако ме прашате кој пристап кон државјанството е вистинскиот, би се навратила на идејата и на идеалот на државјанството како алатка што не се сведува само на поседување патна исправа. Мора да помислиме на државјанството како нешто што препознава дека поединецот има влог во одредена заедница и дека тој, всушност, може да придонесе кон нејзината иднина со гласање и со земање учество во политичките процеси на таа земја.

Тоа е нешто што политичкиот теоретичар Рајнер Баубек го нарекува акционерски принцип на државјанство. Мислам дека за да се создаде вистинска заедница жители, мора да создадете заедница што учествува.

Не треба ли државјанството да опфаќа и одредени обврски?

Сите ние треба да придонесуваме на некој начин. Традиционално, плаќањето данок е една од главните обрски на државјанството. Како што беше кажано во контекст на Бостонската чајанка: не треба да има оданочување без присуство. Сепак, современите учења тврдат дека аспектот на обврски на државјанството се троши. Тоа е, главно, поврзано со фактот што воената должност традиционално се поврзува со концептот на државјанство, но како што армиите станаа професионални, граѓаните веќе. немаат обврска да служат војска. Освен тоа, многу од обврските поврзани со плаќањето данок се поврзани со жителство наспроти државјанство. Друга важна обврска е почитување на законите на државата.

За да се создаде вистинска заедница жители, мора да создадете заедница што учествува.

Ако секоја земја може самата да одлучува кои се нејзините жители, постои ли ризик тоа да се злоупотреби во ЕУ, на пример, од земји-членки кои издаваат таканаречени златни пасоши?

Во контекст на Европската Унија, постои „стратешка употреба“, но може и да ја наречеме злоупотреба на државјанството. На пример, од страна на земји што им нудат пасоши на етнички припадници, а особено од оние чии пасоши може да се купат. Врз основа на договори, правилата велат дека секоја земја-членка на ЕУ е слободна да одлучува кои се нејзините жители. Во суштина, тоа значи дека Европската Унија има многу ограничени можности во полето на регулативи во поглед на државјанството. Европската комисија не може да им каже на своите земји-членки кои лица треба да ги сметаат за нивни жители. Така, во 2019 година, Европската комисија објави извештај за инвестициски шеми за државјанство и жителство, во кој се вели дека земјите-членки на ЕУ не треба да им издаваат пасоши на лица без автентични врски со земјата.

Процесот не е олеснет со фактот дека концептот на автентична врска е особено оспоруван. Дали крвната врска е она што треба да го сметаме за автентично? Или тоа би значело престој во одредена земја? Сепак, мислам дека од објавувањето на извештајот во 2019 година, преземени се значителни чекори во борбата против злоупотребата на државјанства. Поранешниот шеф на кабинет на малтешкиот премиер беше обвинет за корупција во инвеститорската имигрантска политика во земјата, а на Кипар, спикерот на парламентот мораше да си поднесе оставка поради корупција со пасоши, бидејќи Кипарските документи на Ал Џезира покажаа дека на лица кои се сметале за високоризични во однос на безбедноста им биле издадени кипарски пасоши.

Во 2020 година, Европската комисија започна прекршочна постапка против земји-членки вклучени во продажба на пасоши. Значи, таа е во тек, а овие прекршочни постапки траат долго, така што останува да го видиме исходот. Во меѓувреме, со почетокот на конфликтот во Украина, разни европски институции почнаа различни иницијативи. Европскиот парламент објави резолуција повикувајќи ги земјите-членки веднаш да престанат да продаваат пасоши, особено на лица од Русија и од Белорусија, и да ги повлечат пасошите на оние кои се вклучени во режимот на Путин. Практично, војната во Украина покажа колку можат да бидат опасни таквите програми, бидејќи земјите што издаваат пасоши во замена за инвестиции не само што ги издаваат своите пасоши, туку и правата што произлегуваат од тоа да се биде жител на која било земја-членка.

Кое е вашето мислење за дигиталните форми на државјанство?

Потенцијалот на овие технологии е во создавањето форми за дигитална идентификација. UNHCR започна процес што е поврзан со обезбедување документи за идентификација на раселени лица во Африка. Идејата на овој проект е сите да имаат документ за лична идентификација во иднина, така што може да имаат пристап до соодветни услуги, и мислам дека тука дигиталните технологии може да бидат од корист.

Дигиталните технологии се корисни и кога говориме за можноста секој да го одбере своето државјанство, бидејќи веќе постојат проекти, како криптонации („Децентрализирана безгранична своеволна нација“), каде што секој поединец може да се поврзе преку блокчеин технологија, и може да се идентификува како што ќе посака. Тие можат и да пристапат до некои од правата поврзани со државјанство во овој дигитален простор. Дури постојат и некои блокчеин брачни договори. Со сигурност гледам потенцијал овие технологии да создадат нешто позитивно во иднина.

Во исто време, постои опасност од поврзување на технологијата и државјанството. На пример, потенцијалната злоупотреба на технологијата поради создавање нешто што моите колеги Весел Рајерс и Лиав Оргад го нарекуваат „совршен граѓанин“. Ова е нешто што се случува во социјалниот кредитен систем во Кина, во кој на граѓаните им се даваат поени, кои се додаваат при „добри постапки“, а се одземаат при „лоши постапки“. Тогаш, ако одите во банка и побарате кредит, или ако сакате да купите билети за воз, цената се одредува според тоа колку сте „добри“. Тоа го сметам за модел на злоупотреба и контрола.

Како би можел да се развива концептот на државјанство? Постои ли веројатност за придвижување кон пофлексибилни или космополитски договори?

Мислам дека нашето сфаќање на концептот на државјанство, што главно се заснова на европско искуство, можеби треба малку да се прилагоди. Можеби треба да ги земе предвид нештата што се случуваат во разни делови од светот и да ги заштити оние лица што се најранливи, како жителите на малите островски држави што исчезнуваат како резултат на климатските промени и кои би можеле да бидат климатски бегалци. Сепак, за да се создаде вистински космополитски начин на живот или на размислување потребно е многу време. Прво, неопходна е промена во начинот на кој луѓето размислуваат за својата околина, за своите меѓусебни врски, и за светот генерално. Ако продолжиме да ги класифицираме луѓето врз основа на полот, бојата на кожата, нивниот избор или која било друга карактеристика, не мислам дека светот може да стане покосмополитски. Начинот на кој размислуваме ќе треба да се промени, а тоа може да се случи преку создавање поинклузивни и плуралистички средини. Се надевам дека тоа ќе се оствари.


[1] Уредничка забелешка: На изборите во Унгарија, приближно четири проценти од гласовите се од лица со унгарско потекло што живеат во соседните држави и кои добиле унгарско државјанство изминатава деценија; повеќе од 90 проценти од нив го поддржуваат авторитарниот премиер Виктор Орбан.