Влијанието на пандемијата и на инфлацијата во подем дополнително го притискаат системот за домување што веќе е во криза во многу земји во Европа. Хроничното отсуство на достапно домување ја влошува социјалната нееднаквост, а неуспехот да ѝ се даде приоритет на одржливоста исто така создава долгорочни последици. Се разгледуваат решенија како зголемени јавни инвестиции во зелено и достапно домување и финансирање на зафати за реновирање со ниски емисии на јаглероден диоксид, што може да се засили со посилна регулатива на европско ниво.

За сè поограничениот пристап до пристојно, одржливо и достапно домување се подготвува идеална бура. Со тренд на пораст на цените на недвижнините и на цените за наем што трае со децении и при што цените растат побрзо од инфлацијата, уделот на приход на домаќинствата што се троши на сместување пораснал во просек за пет процентни точки меѓу 2005 и 2015 година, изнесувајќи 31 процент од приходот за домаќинствата со средни примања во повеќето земји членки на OECD. Ситуацијата се влоши во текот на пандемијата, кога цените на куќите се качија во просек седум проценти во Европа. Лондон, Даблин, Амстердам и Париз се едни од најнедостапните градови, а трошоците за стан во земјите од Вишеградската група (Чешка, Унгарија, Полска и Словачка) пораснаа за 12 просечни годишни плати.

Our latest issue – Aligning Stars: Routes to a Different Europe – is out now!

Read it online or get your copy delivered straight to your door.

Повеќе од 60 проценти од домаќинствата со ниски примања трошат повеќе од 40 проценти од нивниот приход на домување, а помалку од половина жители на земјите од OECD пријавуваат дека се задоволни со достапноста на станбен простор со добар квалитет во нивното место. Пазарот со недвижнини се покажува како неефикасен, поради неговиот општ неуспех да обезбеди доволно станбен простор во урбани области со доволно работни места каде што проблемите со достапноста се најголеми. Во просек, во земјите од OECD јавните инвестиции во изградбата на станови опаднаа од 0,17 проценти од БДП во 2001 година на 0,06 проценти БДП во 2018 година.

Според Борис Курнед, заменик-раководител на одделот за јавна економија на OECD намалувањето на јавните инвестиции е резулат на оддалечувањето на политиката од изградба на социјални домови кон субвенции за домување за изнајмувачи со ниски примања што е широко распространето. Ова оддалечување се одвиваше во периодот 2000-2010, иако според него, „од 2010 година, се намали и надоместокот за домување“. Иако пакетите за постпандемиско закрепнување опфаќаат обезбедување социјално домување како приоритет за неколку земји-членки на ЕУ, меѓу кои Грција, Ирска и Луксембург, постои значителна разлика во финансирањето во износ од 10 милијарди евра годишно за да се постигне целта за реновирање на постојните достапни домови до 2050, а тоа да се направи со ниска емисија на јаглерод диоксид.

Слика 2.1 Јавните инвестиции во изградба на станови се намалија, додека трошоците за издатоци за домување растат.
Слика 2.4 Јавните инвестиции во изградба на станови се намалија од 2001 година, додека трошоците за издатоци за домување значително пораснаа

Позеленото домување може да направи огромна разлика

Освен обезбедувањето станбен простор, декарбонизацијата е есенцијална за ефикасно климатско дејство. Резиденцијалното домување учествува со 17 проценти во емиисите на стакленички гасови поврзани со енергенсите и нивните процеси и со 37 проценти во емисиите на фини честички глобално. Декарбонизацијата на постојните објекти има потенцијал да изврши одлучно влијание. Водечката тинктенк организација за одржливост на градбите Институт за ефикасност на градбите Европа (BPIE) проценува дека „умерените“ политики треба да ги намалат емисиите за 42 проценти до 2030 година. Според анализата на BPIЕ, поамбициозни политики што промовираат потемелно реновирање во комбинација со обновливи енергетски цели би можеле да ги намалат емисиите за 60 проценти, според анализата на BPIЕ.

OECD препорача низа акции што креаторите на политики можат да ги преземат за да се справат со овие вкрстени предизвици и да го направат домувањето позелено и подостапно. Прво, инвестирање во изградба на зелен станбен простор за социјално домување, и второ, субвенционирање на осовременување на постојните станбени простори. Поголемите инвестиции во социјално и достапно домување имаат двојна придобивка: ги штитат ранливите или домаќинствата со ниски примања, додека директно ја шират понудата на станбен простор, при што го ублажуваат нагорниот притисок на цените на становите. Оливер Рапф, извршен директор на BPIE, смета дека „треба да постои разлика помеѓу зелено и сиво социјално домување. Сите јавни финансии треба да ја поддржат зелената трансформација на едно општество, а голем дел треба да се посвети на ранливите групи во општеството“. Во однос на јавните инвестиции во осовременувањето, Рапф го истакнува потенцијалот за поширока економска поддршка: „Точната комбинација на модели за финансиска поддршка, добро конципирани за специфични целни групи, може да поттикне приватни инвестиции за фактор 5 до 10 за секое евро потрошено од јавните фондови“.

Кризата со животните трошоци како и зависноста од увоз на фосилни горива кои се понагласени поради војната во Украина се дополнителен поттик за националните влади да инвестираат и да одредат соодветни рамки за инвестициите на приватниот сектор во достапно и одржливо домување. „Високите цени на енергенсите, освен што ја оптоваруваат куповната моќ, исто така го зголемуваат повратот на инвестиции за заштеда на енергијата. Многу е важно да се адресира прашањето за вакви инвестиции, почнувајќи од домаќинствата со ниски примања и ограничена ликвидност“, смета Курнед.

На европско ниво, главните двигатели на политиките согласно Зелениот договор на ЕУ ја опфаќаат стратегијата Бран реновирања чија цел е да се удвои стапката на реновирање. Иако тој не претставува обврзувачка легислатива, Бран реновирања има приоритети (вклучително и декарбонизација на греењето и на ладењето и справувањето со енергетска сиромаштија) и ги истакнува достапните европски фондови за реновирање. Во врска со ова, Иницијативата за пристапно домување на ниво на ЕУ создава 100 проекти базирани на пристап во мали области, обезбедувајќи и оние што го овозможуваат социјалниот станбен простор да имаат придобивки од бранот реновирања.

Друг клучен политички инструмент е Директивата за енергетска ефикасност на објектите (EPBD), камен-темелник на градежната легислатива во ЕУ, чија ревидирана верзија во моментов се разгледува во Европскиот парламент. Оваа ревизија вклучува двигатели како „стандарди за минимална енергетска ефикасност“ што ја регулираат употребата на енергија во објектите. Таквите стандарди веќе се покажуваат како ефикасни при декарбонизација на неколку градежни сектори во Велика Британија и во Холандија, на пример, така што бараат недвижнините што се за наем да постигнат разумна енергетска ефикасност. Сепак, групите за поддршка, како Домување Европа, предупредуваат дека овие алатки треба да се користат внимателно за да се избегне влошување на кризата со пристапност.

Посилна регулатива може да ги смени нештата

Членот на Зелената партија во Европскиот парламент и известувачот за ревизијата на EBPD Сиаран Кaф е сигурен дека нацрт-легислативата ќе помогне да се одреди силна регулаторна рамка за пристапно и одржливо домување.

„Размислуваме да ги прошириме иницијативите за инвестирање во социјален станбен простор така што ќе се осигураме дека земјите-членки ги имплементираат стандардите за минимална енергетска ефикасност кои ги таргетираат објектите со најлоша ефикасност и домаќинствата со ниски примања“, објаснува Каф.

Земјите-членки мора да ја следат оваа амбиција. Националните влади ќе мора да го надгледуваат зголемувањето на стандардите за енергетска ефикасност на постојните објекти како и да овозможат таргетирани модели на финансирање за најранливите домаќинства и да ги пријават мерките што ги преземаат за декарбонизирање на постојните објекти во нивните национални планови за реновирање на објектите.

За Каф, улогата на финансиите во нацрт-ревизијата е клучна: „Сакаме извештаите на земјите-членки (преку националните планови за реновирање) да ги содржат мерките што тие ги преземаат за да привлечат финансии од приватниот сектор“. Употребата на јавни финансии за субвенции, заеми без камата и планови за даночни кредити за стимулирање на реновирањето се покажаа ефикасни во поттикнувањето приватни инвестиции, при што соодносот јавно-приватно инвестирање се движеше од 1:2 до 1:83 за секое потрошено евро од јавните средства. Во членот 15 од EPBD се наведени финансиската поддршка за реновирање и референци за постојни извори на финансирање во ЕУ што ги опфаќаат Механизмот за закрепнување и отпорност, Социјалниот климатски фонд и Фондот за европски регионален развој.

Земјите-членки мора да ја следат оваа амбициј на европско ниво.

Каф признава дека главните фактори во јавното финансирање се подготвуваат за финансирање на осовременување од големи размери. Тој вели: „Мојата канцеларија е во комуникација и со Европската инвестициска банка (која наскоро ќе се преименува во Климатска банка) и со Европската централна банка со цел да ја разбере перспективата на финансиските институции и верувам дека ќе има поддршка за зголемување на реновирањето низ Европа откако ќе усвоиме цврста регулаторна рамка“.

Ставот дека легислативата има важна улога го дели и Доминик Д. Кејзер, глобален раководител за одржливост на холандскиот мултинационален и глобален финансиски фактор ING. Кејзер и неговиот тим се одговорни за глобалното интегрирање на стратегијата на ING за одржливост во личното банкарство и во активностите на ING за одржливост на 25 пазари. „ING е активно инволвирана во агендата за социјално домување најрано од 2017 година,“ вели Кејзер. Банката нуди зелени хипотекарни кредити во Холандија и Полска, како и кредити за екореновирање во Белгија. Во Германија, ING соработува со KfW, најголемата банка за национален развој во светот која е во државна сопственост, за да создаде нови програми за субвенции со фокус на финансирање енергетски ефикасен недвижен имот.

Се разбира, за севкупна декарбонизација на постојните резиденцијални објекти „веќе постои значителен интерес од страна на банките, и посветеност, бидејќи и ние самите целиме кон нула-нето емисии,“ вели Кејзер. „Сепак, без цврста регулатива што ќе ги опфати EPBD и другите цели од Зелениот договор што може да ги поттикнат сопствениците на објектите да направат одржливо реновирање, предвидуваме дека побарувачката на клиентите нема да ја испорача неопходната промена во следните неколку години. Регулативата може да одигра клучна улога во поместување на побарувачката, а тоа би ги сменило нештата.“

Локалните и националните иницијативи го трасираат патот

Многу вредни програми што го поддржуваат обезбедувањето одржливо и пристапно домување веќе функционираат на локално и на регионално ниво во Европа. Во Ирска, планот Подобра енергија, потопли домови обезбеди бесплатна енергетска обнова на домаќинства кои се приматели на социјална помош од 2000 година. Renovatieversneller (забрзувач на реновирање) во Холандија има буџет од 100 милиони евра (2020-2023) и обезбедува субвенции и техничка поддршка за социјално домување. Во Данска, фондот основан во 1966 година финансира реновирање и нови градби за социјално и пристапно домување. Овие иницијативи делумно се должат на долгорочниот тренд на националните влади да префрлаат поголеми одговорности за домување на локално ниво, заедно со зголемената амбиција на локалната власт за одржливо и пристапно домување, особено во градските административни области каде што недостигот од станбен простор е најизразен.

Во извештајот на OECD Тула по тула се вели дека: „Во текот на последните 30 години, многу национални влади имплементирале политички реформи да им овозможат на локалните власти улога во развојот, координирањето и имплементирањeто на политиките за домување, вклучувајќи ги и оние насочени кон предизвиците во поглед на постојните објекти за социјално домување и достапноста“. Локалната власт има клучна улога во обезбедувањето социјален станбен простор покрај одговорноста за поголемиот дел од трошоците за домување. Но, со генералното намалување на јавните инвестиции во станбениот простор, локалната власт можеби нема да може да обезбеди соодветни финансии од централната власт за да одговори на локалните потреби за домување. Според неодамна објавениот извештај на OECD Декарбонизирање на објектите во градовите и регионите, овие административни тела често се поамбициозни од националните влади кога станува збор за одржливи градби. Извештајот истакнува дека „88 проценти од градовите и регионите опфатени во извештајот бараат повисоки стандарди за енергетска ефикасност одошто државата во изградбата на енергетски кодови, а 25 проценти дури бараат и нула-нето енергетско ниво“. Сепак, остануваат разлики помеѓу капацитетите, за што како водечка причина е наведен недостигот финансии (види слика подолу).

Слика 4.1 Пречки со кои се соочуваат градовите и регионите при декарбонизација на објектите

Јасно е дека е неопходна подоследна, рационализирана акција меѓу националната и локалната власт, како и во рамки на националните влади бидејќи во повеќето земји политиката за домување опфаќа неколку министерства. Во Европа, секторот за пристапно домување се движи во опсег од 4 проценти од постојните објекти во една држава (Унгарија) до 35 проценти во Холандија, при што секторот на јавно, кооперативно и социјално домување претставува 11 проценти од вкупното домување во Европската Унија, со што тој е важен фактор за придвижување на пазарната побарувачка за одржливо домување.

Наспроти оваа различна заднина, „гледаме дека се неопходни колективни решенија за да дојде до промена“, вели Кејзер. „Затоа имаме намера да склучиме партнерства и да дојдеме до иновации со други фактори на пазарот за домување.“ Како што е случај со примарната банка за поголеми асоцијации за домување во Холандија (каде што 1,2 милиони домови се во сопственост на асоцијации за домување) ING, која обезбедува советување и 50 милиони евра во нискобуџетно финансирање за осовременување преку „Wartmefonds“ (национален фонд за греење).

Од криза до промена што трае

Војната во Украина уште повеќе за забрзува динамиката на пошироката агенда за декарбонизација поради политичката неопходност да се намали зависноста на Европа од увоз на руски фосилни горива. Во однос на што значи тоа за давањето приоритет на домувањето со ниски емисии на јаглерод диоксид, Рапф смета дека треба да бидеме внимателни: „Јас дефинитивно забележувам поголемо политичко влијание врз решенијата за декарбонизација на објектите, но гледам и нерамнотежа во корист на одредени технологии. Она што недостига е сеопфатен пристап кој ќе ја намали енергетската загуба во нашите објекти така што намалената енергетска потрошувачка би можела да биде обезбедена исклучиво со обновлива енергија. Изгледа дека отсуствува политичко разбирање дека зачувувањето на енергијата и порастот на обновливите извори мора да одат рака под рака.

Широкораспространетата станбена криза, растечките животни трошоци и политичката неопходност да се ограничи зависноста од увоз на фосилни горива заедно претставуваат моќен случај за радикална јавна интервенција на пазарот на домување.

Од политичка перспектива, Каф е категоричен: „Сите пари што ги трошиме на фосилни горива ја помагаат убиствената војна на Путина. Ова е можност да се премине кон економија заснована на обновливи извори на енергија и од еколошка и од морална перспектива. Повеќе фосилни горива не се решение на кризата што е влошена со нашето прекумерно потпирање на фосилните горива. Најдобриот начин да се изолира Путин е енергетски да се изолираат нашите домови“.

Секоја криза во себе содржи семе на можност. Широкораспространетата станбена криза, растечките животни трошоци и политичката неопходност да се ограничи зависноста од увоз на фосилни горива заедно претставуваат моќен случај за радикална јавна интервенција на пазарот на домување. Точно опишан од Домување Европа како „душата на Зелениот договор“, обезбедувањето одржливо и пристапно домување е клучна компонента на вистински праведна нискојаглеродна транзиција за Европа.