Училиштето е заедничко искуство. Сите одат на училиште и на еден или друг начин искуството нè обликува. Сепак, и покрај важноста на образованието, прашањето што и како учиме често се остава во втор план, додека подлабокото прашање за што, всушност, служи училиштето е целосно занемарено. Во меѓусебно поврзан свет во кој импликациите од распаѓањето на климата и новите дигитални технологии го преобликуваат начинот на кој живееме, нели тие, исто така, треба да го преобразат начинот на кој се подготвуваме за нив? Ова прашање е појдовна точка за  „Нацртај ми иднина“ (Dessine-moi un avenir), објавено на француски јазик од „Актес суд“. Разговаравме со Едуард Гаудо, коавтор со Родриго Аренас и со Натали Лавил, за клучните предизвици за образовните системи денес и зошто училиштата треба да бидат во центарот на зелената политика.

Зелен европски журнал: Вашата книга почнува со тврдењето дека оригиналниот политички проект што стои зад училишното образование во Франција го доживеа својот ден. Зошто?

Едуард Гаудо: Нашата анализа за училишната криза во Франција е дека не се работи само за финансирање, вработување или обука, туку дека фундаментално произлегува од застареноста на оригиналниот проект. Републиканскиот модел на образование што постои денес во Франција беше осмислен кон крајот на 19 век, кога беа во тек Третата Република и изградбата на модерна Франција. Главната цел на ова републиканско училиште беше, од една страна, да ја консолидира универзалистичката мисија на просветителството, за која тврдеше дека ја продолжува: човекови и граѓански права, еманципација преку култура, знаење, разбирање и, се разбира, разум. Од друга страна, тоа, исто така, содржеше витален политички проект: да се вгради републиката во нацијата и да се одбрани оваа република од нејзините непријатели внатре (Црквата) и надвор (Германија). Училишното образование во Франција останува базирано на овој модел, иако е застарено поради многу работи: демографски промени, демократизација на културата, европска интеграција и глобализација и составот и зрелоста на француското општество. Резултатот е дека нашето општество веќе воопшто не е соодветно за вакво школување.

Образованието сè повеќе се препознава како политички јаз. Како поларизацијата на француското општество и распространетиот презир кон елитата, нагласени со движењата како „Жолтите елеци“, се поврзани со проблемите во францускиот образовен систем?

Постои парадокс што лежи во успехот на модерното образование. Големиот успех е што достигнавме ниво на општо знаење што е без преседан во човечката историја – и тоа не се однесува само на Франција, туку и на целиот развиен свет. Денес дури и најмалку образованите имаат повисоко ниво на знаење отколку во минатото. Оваа интелектуална еманципација значи дека повеќе луѓе размислуваат „сами“, дури и ако, понекогаш, тоа ги наведе да веруваат во глупости како што е дека Земјата е рамна. Кога децата излегуваат со теории на заговор пронајдени на интернет, тие го зазеле истиот пристап како „научниците“: тргнале во потрага по знаење, дури и ако изворот е контаминиран.

Училиштето […]  ја исполни својата мисија давајќи ни алатки за наоѓање знаење, но не успеа да нè подготви за следната мисија, а тоа е да бидеме автономни во својот авторитет.

Еден фактор зад големата криза на доверба во институциите, дефинитивно, е поврзан со училиштето. Како граѓани, ние веќе колективно не го прифаќаме авторитетот на збор. Се сомневаме во институциите и во владата. Ова е и многу добра работа и нешто крајно проблематично затоа што кога го доведувате во прашање авторитетот, мора да бидете способни да го замените или со ваш авторитет, или со алтернативен авторитет. Но, алтернативните авторитети може да се покажат како мула на интернет, духовен гуру или заговор на интернет. Тука станува интересно: училиштето, делумно, ја исполни својата мисија давајќи ни алатки за наоѓање знаење, но не успеа да нè подготви за следната мисија, а тоа е да бидеме автономни во својот авторитет.

Понатаму, поларизацијата околу образованието е поврзана и со културната еманципација на елитата во однос на другиот дел на општеството. Демографските студии покажуваат дека денес дури една третина од општеството, образовано на универзитетско ниво, егзистира во еден вид привилегиран балон. Ако училиштето веќе не обезбедува правично ширење на знаењето, тоа е затоа што дел од општеството, во извесна смисла, се отцепи. „Жолтите елеци“ покажуваат – како и другите движења – дека дел од населението се чувствува презрено и запоставено – и не греши – од страна на тие што ги држат образованието, знаењето и моќта. Имаат доволно образование и знаење да ја забележат оваа разлика и да ја сметаат за навреда на нивното достоинство, и во право се. Но, тие немаат политички и културни средства за да го затворат овој јаз.

Ова подразбира дека ветувањето за образование, идејата дека секој ќе добие образование што ќе го опреми за успех, е прекршено.

Меритократијата е ветување. Тоа е како католички рај: ако не го нишате чамецот, го правите тоа што ви е кажано и го почитувате авторитетот, тогаш преку вашата работа и достигнувања, ќе можете да се подобрите себеси. Сепак, искуството, социологијата и здравиот разум нè учат дека ова е лажно. Ова меритократско ветување, кое беше лажливо дури и во 60-тите години на минатиот век, кога имаше целосна вработеност и пораст, денес удри во ѕидот на нееднаквоста.

Тоа е тоа со што е соочено училиштето. Училиштето им кажува на учениците да работат за да добијат квалификација или да најдат работа, додека економската состојба и непосредното искуство на многу деца покажува дека ова ветување е лажно: тие ги гледаат своите родители невработени или на бесмислени работни места за кои се преквалификувани, гледаат дискриминација , совршено знаат дека не одат во „Лувр“ како младите парижани од средната класа. Тие знаат дека, дури и ако прават најдобро што можат, никогаш нема да ги стигнат тие што имале предност.

Значи, политичкиот проект на училиштето е застарен и неговото ветување за меритократија не се исполнува. Книгата ја почнувате со цитирање на Грета Тунберг, која нè потсетува, можеби, на уште поголемо ветување, тоа за иднината. Грета нè прашува: зошто да одиме на училиште ако нема иднина? Вашата книга вели дека образованието и училиштето можат да понудат излез. Како?

Нашето мислење е дека тоа што ние го нарекуваме „криза на идентитет на училиштето“ произлегува од фактот дека, колективно, нашето општество никогаш не го поставува вистинското прашање за училиштето. Кога станува збор за реформите, секој се обидува да го адаптира училиштето на нова средина, притоа одржувајќи ја истата структура и граматика. Во книгата ние тврдиме дека не се работи само за адаптација на училиштето, туку за негова обнова за да се воведат прашањата што светот ни ги поставува денес. Мораме да го поставиме прашањето што го поставува Грета: зошто да одиме на училиште ако нема иднина? Што ќе научиме на училиште? Трговија? Социјализација? Општи знаења? Денес, со универзалната библиотека каква што е интернетот, знаењето може да се здобие насекаде, не само на училиште. Значи, нам ни се чини дека училиштето, пред сè, мора да ги подготви нашите деца да се соочат со свет што воопшто не е како тој што го знаеле нивните родители.

Постојат три елементи околу кои веруваме дека е неопходно да се преобмисли образованието. Првиот е живиот свет. Денес веќе не можете да студирате биологија или географија без да го признаете и колапсот на живиот свет и пресвртот на климатските промени. Но, не можете да се соочите со ова само со додавање поглавје во природните науки или во учебниците по географија и историја; ова е подлабоко. Потребно е да се размисли за целиот наш однос кон живиот свет, во самото срце на предметите и самото срце на училиштето. Ако земеме конкретен пример, ние сме убедени дека училиштето треба да изучува и градинарство: не да одгледува гераниуми, туку да ја разбере енергијата и науката што ги поврзуваат семето, почвата, климата, трпението и времето, условите за растење – и екосистемот.

[…] Не се работи само за адаптација на училиштето, туку за негова обнова за да се воведат прашањата што светот ни ги поставува денес.

Вториот основен елемент е дигиталната технологија. Ова во книгата го нарекуваме „виртуелно“. Дигиталната технологија е јазик и универзум што не е ниту различен ниту сличен со тој во кој живееме. Место тоа, постои континуитет меѓу поврзано и неповрзано. Виртуелното ни ги разнишува односите со другите луѓе, светот, демократијата, јавниот простор и образованието. Нашиот страв е дека сега сè што прави училиштето е да оспособи лакеи за „стартап-нација“: неколку луѓе што успеваат да напредуваат во оваа нова економија, додека многу други заостануваат и ќе се најдат себеси како работат за „Деливеро“, возејќи за „Убер“ или чистејќи канцеларии за новите господари на економијата. Ако не можеме да го предвидиме дигиталниот пресврт во светот на работата, политиката и, се разбира, односите меѓу луѓето, ќе завршиме со уште поголема поларизација, поделба и нееднаквост.

Третиот елемент е меѓузависноста, „врските“. Денес, слободарите се единствените што сè уште велат дека не ви треба општество и дека можете да одите сами. Митот за самоизградениот човек веќе заврши. Овој мит мора да го замениме со друг, тој за поврзување; со други зборови, опис на нашата меѓузависност. И мора, исто така, да учиме за оваа меѓузависност на училиште, не само меѓу земјите, туку меѓу виртуелниот и живиот свет, меѓу нас и другите – тоа е предуслов за учење почит.

Кои се импликациите за методите на настава? Разбирањето на виртуелниот свет не е само учење HTML. Учењето за живиот свет не е само учење градинарство.

Промената на наставната содржина нужно подразбира промена во наставната методологија. Кога учите за живиот свет, веќе не учите биологија, геологија, географија или хемија. Место тоа, учите за врските меѓу сите овие работи и вашиот однос со предметот се менува. Истото важи и за кодирањето и, како и Бернард Штиглер, кој го напиша поговорот на нашата книга, ние сме жестоки поборници за учење кодирање во училиште.

Потоа, очигледно, има големи работи што треба да се сменат. Првата е начинот на кој ги регрутираме нашите наставници бидејќи тоа, исто така, ќе ги промени методите на настава. Во Франција наставниците се регрутираат преку натпреварувачки систем на испити. Изборот се базира на ерудиција и на академско проучување на предметот. Поради ова, често постои јаз меѓу нивото на владеење на предметот здобиено од наставниците и нивото што се бара во училницата. Затоа, ние мора да го смениме вработувањето и да ги платиме наставниците – кои се многу лошо платени во Франција – подобро; ние мора да ја организираме нивната кариера за да не бидат затвореници на училиште и место тоа да бидат наставници што имаат вистинско животно искуство. Нашите наставници мора да бидат многу повеќе од стручњаци за наставната програма: тие мора да бидат вистински водичи – Хајдегер зборува за „пастири на битието“.

Каде се вклопуваат новите методологии за настава во сето ова?

Иако се важни за зголемување на свесноста, новите методологии на настава како тие според Монтесори или Штајнер се, едноставно, реакции на крутоста на системот. Значи, тоа не е само натпревар меѓу традиционалниот систем и новите методологии на настава: треба да го преиспитаме нашиот однос со децата. Во нашето западно општество, децата се „мали дивјаци“. Тие се или „благородните дивјаци“ на Русо, кои мора да се остават да бидат сами, да живеат и да се пронајдат себеси, како што се залагаат алтернативните методологии на настава. Или децата, по природа, се диви суштества што мора да се скротат и цивилизираат, а ла Емануел Кант, кој има големо влијание врз републиканскиот модел на училишно образование.

Но, децата не се ниту благородни ниту безобразни дивјаци: децата се луѓе. Само ако го смениме односот со децата и ги гледаме како луѓе што имаат права и кои треба да учат (а и возрасните треба да учат) ќе биде можна промена. Поврзување на прекинатата врска меѓу детството и зрелоста, дури и со продолжениот период што е адолесценција, значи промена на организацијата на училиштето: начинот на организирање на часовите, начинот на спроведување на дисциплината, дури и промена на училишните згради, кои, понекогаш, личат на касарна.

Во „Петтата света работа“, Стархок опишува систем во кој училиштето, главно,  се одвива надвор, среде природа, како и на други значајни места. На пример, тие посетуваат мемориски места следејќи го патот на учење. Веруваме дека ни е потребен образовен систем што ги комбинира знаењето и правењето, кој не учи само теорија и техника, туку, всушност, ги спојува.

Каква улога би имале децата, родителите и сите луѓе околу училиштето што не се нужно учители?

Образовната заедница е континуитет. Во оддалечените општества, селската заедница ја дели одговорноста за учењето – без разлика дали се ловци што подучуваат лов или готвачи што подучуваат готвење. Нашето училиште е производ на нашиот инстинкт за одвојување. Имаме култура на неповрзаност: меѓу приватно и јавно, секуларно и верско, природа и култура, деца и возрасни, мажи и жени, десно и лево. Образованието треба да работи на нивно поврзување.

Различните делови на образовната заедница треба да бидат поврзани со што образованието не е само фаза во животот, туку продолжува во текот на животот.

Затоа не сакаме да го внесеме училиштето во 21 век: сакаме да го внесеме 21 век во училиштето. 21 век значи животна средина, различен однос со себе, со општеството, со светот, со мажи и со жени, и ние сакаме сето ова да го внесеме во училиштето. Сакаме училиштето да се промени и да стане привилегирано место, со други зборови, место што е заштитено до одреден степен и отворен калап во кој можат да се извршат различни влијанија. Очигледно, тоа е малку теоретско – не можеме да дозволиме родители да се појават во училницата или да се обраќаат на наставниот кадар; но ниту можеме да имаме наставен кадар или администратори што ги отфрлаат родителите со тоа што ќе им кажат „оставете нè да продолжиме да работиме“. Различните делови на образовната заедница треба да бидат поврзани со што образованието нема да биде само фаза во животот, туку ќе продолжи во текот на животот. Сè што зборуваме за училишната и за образовната политика претставува политичка револуција. Ова не е книга за методологија на образованието, тоа е политичка книга за училиштето.

Во однос на политичката димензија, би сакал да направам паралела со Обединетото Кралство. Во Обединетото Кралство реформите што им дадоа на заедницата и на родителите поголеми можности да управуваат, па дури и да градат училишта, беа поврзани со еден вид приватизација. Дали внесувањето на заедницата во училиштата, а со тоа ослабувањето на републиканскиот и на универзалистички политички проект за училиштето, ризикува надворешните влијанија дополнително да ги намалат еднаквоста и можностите во училиштето?

Апсолутно, но ова е веќе случај. Дали го гледаме крајот на образовниот универзализам со, на пример, поголема автономија? Одговорот е дека, во секој случај, веќе го гледаме крајот на францускиот републикански универзализам. Разликата со Британија е што ние не го гледаме ова во смисла на училишна автономија, туку како децентрализација на образовната политика. Денес веќе постои многу значаен јаз во еднаквоста меѓу училиште во центарот на Париз, Бордо или Лион, и некое во предградието на градот или во рурална област. Демографијата е различна, социо-културната средина е различна, како и материјалните услови. Родителите понекогаш ќе се обидат да го заобиколат вообичаениот тек. И ако не успеат, ќе бараат извонредност и меритократија во приватниот сектор, што денес е често одговор на неуспехот на републиканското ветување.

Приватниот сектор значи две работи: приватно школување или пазар за туторство. Тоа е пазар во подем, а пандемијата и првото затворање ги открија и ги влошија разликите во културниот капитал и во технолошките ресурси меѓу семејствата. Видовме експлозија во приватното туторство во последниве години бидејќи родителите се чувствуваат преоптоварени. Тие го сакаат најдоброто за своите деца, но не можат да одржат чекор со учењето на своите деца. Плус, тие треба да ја завршат својата работа и да трчаат дома. Тоа е приватизација како што ја опишува Чомски: кога јавните услуги не се финансираат и веќе не функционираат, луѓето се вртат кон приватни услуги.

Со признавањето на овие трендови што се во тек, сакале или не, вашата книга почна политичка дебата за значењето на образованието. Што мислите, зошто оваа дебата отсуствуваше досега?

Училиштето е долгорочен проект што не може да се приспособи на краткорочниот политички став. Денешната образовна политика не треба да биде за следните пет години, туку за следните 20 години. Сепак, повеќето реформи се приспособувања, дури и кога се поставени како амбициозни реформи. Затоа ние инсистираме да имаме политичка дебата за училиштето, не за тоа како да го зачуваме училиштето, туку за тоа како да се осигуриме дека училиштето ги подготвува нашите деца за тоа каков ќе биде светот за 20 години.

Има малку политички движења денес што имаат вистински образовен проект. Реакционерите имаат еден. Тие се залагаат за враќање на традицијата: наставници со авторитет, дисциплина и со униформа. Но, нивниот сон за милитаризација на училиштето е антиобразовен проект. Според наше мислење, единственото политичко семејство што сè уште има образовен проект се еколозите. Но, тие имаат тенденција да го занемарат тоа, главно од причини што се однесуваат на историјата на политичката екологија. Тие го изградија својот образовен проект во 60-тите, 70-тите и во 80-тите години врз отфрлање на авторитетот, врз алтернативни методи на настава, врз ослободување на децата, а некои од нив се застарени. Уште повеќе, во некои случаи, тие отидоа предалеку, на пример, во сексуално ослободување. И еколозите допрва треба да го преиспитаат својот образовен проект.

Училиштето е долгорочен проект што не може да се приспособи на краткорочниот политички став.

Иако некогаш беа многу остроумни во училиште, зелените сè повеќе стануваат стручњаци за борба против климатските промени, енергетската транзиција или партиципативната демократија. Но, едвај ја развија својата технократска визија за училиштето. Кога ќе дојдат на власт, без разлика дали во германски покраини или француски градови, тие често многу малку се занимаваат со образованието. Тие знаат и велат дека образованието е од витално значење за иднината. Но, постои прекин меѓу зелениот проект и начинот на кој тој се изразува во институционалната сфера.

Дали може училиштето да биде начин зелените да го внесат својот политички проект во 21 век?

Убедени сме дека е така. И затоа работниот наслов за нашата книга беше „Л екол-ложи“ “(L’école-logie). Екологијата е иднината. И тоа е иднината на образованието. Зелените мора да го удвојат својот фокус на училиштето, а не само да ги учат децата да го селектираат ѓубрето (бидејќи тоа е нешто што Европската комисија може да го направи). Тие мора да го направат училиштето еден од нивните столбови, нивните темели, нивните основни вредности – и ударен овен за внесување на општеството во 21 век. Декарбонизацијата на економијата ќе се случи со или без зелените. Предизвикот на 21 век не е економијата или енергетската транзиција. Тоа е нашиот однос со себе, со другите и со планетата. Екологијата има план за тоа и ѝ останува само да го развие. И почнува на училиште.

Cookies on our website allow us to deliver better content by enhancing our understanding of what pages are visited. Data from cookies is stored anonymously and only shared with analytics partners in an anonymised form.

Find out more about our use of cookies in our privacy policy.