Благодарение на технологијата и на интернет, денешните деца и млади луѓе имаат невиден пристап до информации. Додека голем дел од содржината објавена на интернет е вредна и информативна, постојат и многу компромитирани, пристрасни и неточни информации. Јулиане Реперт фон Бизмарк е директорка на Детектори за лаги, организација со која раководат новинари кои сакаат да им помогнат на тинејџерите и на помладите деца да го користат интернет за да го подобрат своето учење, при тоа избегнувајќи ја опасноста да бидат вовлечени во теории на заговор или манипулација. Таа смета дека медиумската писменост треба да биде итен приоритет на едукаторите и на креаторите на политики.

Беатрис Вајт: Низ какви извори на информации се движат денешните деца на училишна возраст? Како тоа влијае на начинот на кој учат?

Јулиане Реперт фон Бизмарк: Пандемијата предизвика многу пресврти, не само поради тоа што одеднаш часовите се одвиваа преку видеоконференциски врски, туку и поради тоа што децата беа изложени на многу гласишта и лажни информации, како и сите ние, па не беа сигурни во што да веруваат. Тоа го гледаме и со војната во Украина, а претходно гледавме голема љубопитност кај децата во однос на животната средина. Децата имаат прашања и грижи и сакаат да сфатат што се случува. Овие грижи се измешани бидејќи често нивните наставници не им помагаат да го откријат патот во овој универзум од информации.

Дезинформациите ги засегаат децата на различен начин од возрасните бидејќи тие користат разни платформи. Во денешно време, децата бараат информации за светот од извори како Тикток, Снепчет и сè повеќе Твич и Дискорд. Возрасните не ги сметаат овие платформи за извори на информации: тие се платформи за играње и за видеопреноси во живо, и во голема мера не се модерирани, било поради тоа што се шифрирани, при што комуникацијата се одвива во мали приватни чет-простории, или поради тоа што содржината е визуелна. Сликите и видеата се содржина што отсекогаш најтешко се модерира. Така што, генерално децата живеат во поинаков онлајн свет од нивните наставници. На наставниците тоа може многу да им го отежни пристапот кон дезинформациите како тема.

Значи, проблемот е поширок од само дали одредени информации се фактички точни или неточни; тоа е прашање на околината која го обликува целиот наш поглед кон светот. Дали токму затоа Детектори за лаги работат посебно со млади луѓе?

Нашата организација работи со професионални новинари за да ја зајакне демократијата користејќи ги новинарските алатки. Во моментов соработуваме со повеќе од 200 професионални новинари од секакви медиуми: телевизија и радио, печатени и онлајн медиуми. Највидливиот дел од нашата работа е она што го работиме во училниците, разговарајќи со деца на возраст од 10 до 15 години.

Помладите од нив се неверојатно отворени и ентузијастични во поглед на пребарувањето на интернет; тие се бистри детективи кои сакаат слобода да истражуваат на интернет, а која ни велат дека често ја немаат на училиште. Тие се многу отворени и за средби со новинари во живо. Кога ќе наполнат 14 или 15 години, понекогаш може да е потешко да се работи со нив бидејќи се посрамежливи и посамосвесни. Но, средното образование е многу важен период бидејќи тогаш тие формираат трајни пријателства и социјални групи, а и го формираат својот поглед на светот. Тогаш почнуваат да размислуваат длабоко и да донесуваат одлуки во однос на одредени теми.

Според нас, многу е важно да се реагира рано, а постојат иницијативи кои почнуваат да работат со деца уште на четиригодишна возраст. Во просек, децата на возраст од 10 до 11 години редовно користат три платформи, а постарите користат до пет платформи. Значи, тие се многу повешти во користењето на овие технологии од нивните наставници, но често не ги сфаќаат целосно своите постапки и не гледаат дека може да западнат во информациски силос. Исто така, многу често тие не користат сигурни извори на информации. Ако прашате едно дете на училишна возраст од каде му е информацијата, многу често одговорот ќе биде „од Инстаграм“ или „од Ватсап“. Тогаш мора да им кажете дека тоа се апликации за фотографии или за пораки и да им ја објасните разликата помеѓу тоа како функционираат тие, а како функционира новинарството. Станува збор за тоа да се разбере разликата помеѓу содржината на овие платформи, кои се целосно субјективни и понекогаш манипулативни, и онаа што ја создаваат новинари, која можеби не е секогаш во право, но со сигурност е поверодостојна.

Начинот на кој зборуваме на оваа тема е многу важен. Да, постои опасност на која треба да внимаваме, но важно е да се нагласи дека на интернет може да се најдат многу непроценливи богатства и многу вредни информации. Мора да го побараме она што е добро. Тоа е како јин-јанг пристап. Сепак, сите новинари на светов нема да можат да го решат овој проблем, така што сè повеќе ги обучуваме и наставниците.

Сметаме дека критичката медиумска писменост треба да се сфати како суштинска писменост, покрај читањето, пишувањето и сметањето.

Кои се главните недостатоци на тоа како моменталниот образовен систем се справува со овој проблем? Дали е едноставно прашање на тоа да се биде во тек со технологијата или постои потреба од покритичен пристап?

Довербата на наставниците во нивната способност да сторат нешто околу медиумската писменост не е на потребното ниво. Речиси сто проценти од наставниците сметаат дека овој предмет е релевантен за нивното одделение, но само 30 проценти всушност го адресирале тоа во училница. Тоа е навистина значителна разлика. Значи, треба да има обука на наставниците независно од предметот што го предаваат, a ние треба да ги поттикнеме. Тоа треба да стане дел од пристапот на сите наставници во предавањето на нивните предмети, било да предаваат биологија, политика, уметност или математика.

Освен тоа, некои училишта во посиромашни области имаат многу лоши врски и пристап до опрема за да пристапат на интернет, така што практичниот пристап претставува важна бариера. Исто така, недостигаат и соодветни материјали. Не може секогаш да се разговара за правата на бегалците или за верска толеранција. Треба да ги фатите децата онаму каде што се, на платформите што ги користат и, всушност, да разговарате за нешта што им се важни. Не се работи за тоа веднаш да ги фатите во костец со најтешките теми; станува збор за тоа да ги научите децата да го засилат своето критичко мислење така што ќе можат да го искористат кога ќе им треба. Не е важно дали ќе вежбаат со налудничави приказни што циркулираат на интернет, како онаа за човекот кој наводно се оженил со неговата кобра што ја чувал како милениче, дискусија што предизвикува возбуда во повеќето училници!

Бидејќи не се запознаени со информацискиот универзум во кој живеат учениците, наставниците, всушност, треба да научат да поставуваат прашања. Овој процес не може да биде само директен и дидактички. Тоа е универзум што се развива неверојатно брзо, така што треба да ги пресретнеме децата онаму каде што се и да ги ангажираме без оглед на нивното потекло.

Исто така, треба да се осигураме дека овие дискусии се водат одговорно на начин на кој наставниците се безбедни. Споменувањето контроверзни теми може да претставува ризик, како што видовме со трагичниот случај на наставникот кој беше убиен во Франција во врска со дискусија за стрип што го претставувал пророкот Мухамед. Ова е екстремен пример, но, особено кога почнувате да ги анализирате теориите на заговор, мора да им овозможите безбедност на наставниците и да се осигурате дека тие знаат како да им пристапат на овие прашања на ведар начин.

Кои структурни промени би сакале да ги видите за изучување на медиумската писменост во училиштата?

Ако натрупувате разни нешта во наставната програма, тогаш треба да сте навистина сигурни дека наставниците се стимулирани на вистински начин. Еден од големите системи за оценување на училиштата e PISA. Во моментов тие размислуваат да ја вклучат критичката медиумска писменост како еден од индикаторите за мерење на учинокот на училиштата. Сметаме дека критичката медиумска писменост треба да се сфати како суштинска писменост, покрај читањето, пишувањето и сметањето. Бидејќи без неа, не можете да го сфатите светот. Не е важно колку добро читате зборови ако тие за вас немаат смисла.

Треба и да можеме да ги измериме ефектите на програмите за медиумска писменост, за да можеме да гарантираме дека политичарите ќе го вложат својот политички и финансиски капитал во нив.

Последниве години социјалните мрежи ги засилија своите напори да не шират дезинформации, на пример преку предупредување за содржината и проверка на факти. Како гледате на овие напори?

Сметаме дека проблемот со „информациско нарушување“ треба да се решава според политиката на побарувачка, бидејќи причината за неговото постоење е побарувачката од страна на луѓето. Ако можеме да ја зауздаме оваа побарувачка, тогаш можеби нема да биде толку интересно да се елиминиараат настрана манипулативните информации на кои сме сведоци во моментов. Сепак, постои и страната на понудувачот. А под понудувач, не мислам на странски фактори како руските или кинеските тролови; всушност, мислам на оние што пласираат дезинформации. Платформите мора да станат отчетни во однос на нивните алгоритми и начинот на кој им даваат приоритет на поделените содржини.

Станува збор за тоа да ги научите децата да го засилат своето критичко мислење така што ќе можат да го искористат кога ќе им треба.

Постои добра причина за да се биде скептичен во поглед на големите интернет-платформи и на решенијата што ги нудат. Ова го гледаме повеќе години: Фејсбук ангажира 1000 нови проверувачи на факти, а сепак тоа не го решава проблемот. Главниот фокус е врз модерирање на содржините, проверка на факти и примена на вештачка интелигенција за да се одобри или да се отстрани штетна содржина. Проблемот е во тоа што кога ќе почнете да бришете некоја содржина, тоа често води до обвинувања за цензура, вистинска или не, што е лошо и за демократијата и за кредибилитетот на политичарите. Погледнете го само германскиот Акт за Фејсбук [1], за да видите какви реакции може да се појават. Не можеме да го избришеме нашиот излез оттаму.

На ниво на ЕУ, Актите за дигитални услуги и за дигитални пазари ќе ѝ овозможат на ЕУ многу силни алатки за недоверба, така што е важно тоа да се стори на вистински начин. Точна пријава, приватност, ограничување на собирање на податоци за однесувањето: ова се клучни прашања за долгорочно зауздување на дезинформациите. Но, постојат и силни напори за лобирање и овој процес долго трае. Потребни се посветеност и издржливост на креаторите на политики за да се доведе тоа до крај.

Сè повеќе луѓе не им веруваат на традиционалните медиуми. Треба ли да бараме да се врати довербата во одредени извори? Се смета и дека импулсот да се „деконструираат“ информациите и наративите може да доведе до цинизам и губење на почитта кон фактите и објективноста. Не претставува ли тоа ризик?

Да, се разбира. Сме слушнале тинејџери кои велат: „Не верувам во ништо друго освен во она што ми го велат другарите“. Постои огромен лажен замор, поради кој луѓето едноставно се откажуваат. А тоа е најлошо, кога луѓето веќе во ништо не веруваат. Така што, да, постојат многу дезинформации, но добрата вест е што постојат практични алатки што може да им ги дадеме на децата и на младите, но и на возрасните, за да не се чувствуваат беспомошно. Сè што ви треба е основен новинарски пристап. Тоа не е магија, ние едноставно поставуваме прашања. „Кој го напишал ова?“ „Кој е изворот?“ „Што знаеме за лицето што го напишало ова?“ „Зошто некој би го напишал ова?“ А постојат и прашања што може да си ги поставите себеси: „Зошто го читам ова?“ „Зошто сакам да верувам во ова?“ „Дали ова потврдува нешто во што сакам да верувам бидејќи така светот би ми бил појасен?“

Ова е нешто што децата без проблем го разбираат. Кога ќе дојдете до крајниот исход од манипулацијата, пропагандата или лажењето, тие можат тоа да го разберат зашто знаат сè за кибернасилство. Тие многу природно го сфаќаат светот онлајн што многумина возрасни не го разбираат, само поради тоа што следат јутјубери, мемиња и поп-ѕвезди. Дури и само со слика или впечатлив наслов или видео, може да се заработат многу пари и да се влијае врз мислењето на луѓето, било позитивно или негативно. Кога ќе го свртите тој поглед од нивниот онлajн свет на светот на информациите, може да сторите многу.

Коисеризицитевоодноснадемократијатааконегосфатимесериозноовојпроблем?

Ризиците во однос на демократијата се неверојатно јасни. Само погледнете ги прашањата што милиони луѓе ги поставуваа за време на пандемијата: за тоа дали маските навистина штитат, за ризиците од вакцините, за тоа дали жабуркање со вода во која се варел лук може да излечи од ковид-19. Тоа покажува дека дезинформациите можат навистина да ја нарушат способноста да се донесуваат информирани одлуки. Ако на интернет не можете да разликувате што е вистина а што не, тоа ве спречува да донесете информирани одлуки. А донесувањето информирани одлуки е основа на демократскиот процес. Ако тоа е поткопано, тогаш и целата демократија е поткопана.

Што е најдоброто што може да се случи? Од наша гледна точка, медиумската писменост треба да се смета за право на децата и мора да биде воведена во мисловните процеси и на наставниците и на учениците. А наставниците треба да престанат да се плашат. Сме го виделе тоа; сме биле сведоци на дебати во училниците. Сме виделе и како децата ги исправаат своите наставници во училниците или сме слушнале како ги преиспитуваат нивните родители дома како резултат на ова. Овие алатки можат да бидат неверојатно моќни.

Младите луѓе денес се соочуваат со поголема несигурност во поглед на иднината и се изложени на аларматни и збунувачки информации за теми како војна и климатската криза. Често може да биде привлечно да се сврти погледот од реалноста. Може ли медиумската писменост да ги подготви младите луѓе во однос на вакви предизвици?

Порано требаше да се отиде до киоск или до продавач на весници, а постоеше и избор помеѓу дневни весници или таблоиди. Се купуваа дневни весници за сигурни информации на сериозни теми или понекогаш можеше да се прочита таблоид поради сензационалистичките наслови за НЛО и вонземјани што дошле на планетава чисто поради тоа што ви требала лесна забава. Најпосле, не е сè прашање на живот или смрт. Она што им е важно на децата денес е да бидат способни да направат разлика, да направат свесен избор. Мора да се обучиме ние денес, а и оние од следната генерација, да правиме разлика и да знаеме кога е навистина важно да се примени тоа знаење. Конечно, им кажуваме на децата и на наставниците да забават, да ги консумираат информациите поодмерено. Да ги споделуваат поумерено и да запрат и да помислат пред да ги споделат. А и да престанат или да одолеат на искушението да мислат дека сè е црно-бело; да сфатат дека во сивата средина може да се најдат многу нешта. Можеби ќе треба подолго време да се истражи таа хаотична средина каде што сите информации се совпаѓаат, тешко е, има повеќе нијанси, но тоа е простор кој е многу интересен и многу ветува и каде што може да се научат многу интересни нешта.