Како што недостатоците на моментално доминатната парадигма за неограничен раст станаа поочигледни од кога било, антирастот (анг. degrowth) сè повеќе се смета за вистинска алтернатива. Далеку од радикална идеја заточена во царство на апстрактни дебати, можеби тој е она што е неопходно за поправеден и поодржлив свет. Една нова амбициозна книга Иднината е антираст: Водич во свет подалеку од капитализмот (Verso, 2022) ќе биде план за иднина без раст.

Климатскитe проблеми, зголемената разлика помеѓу најбогатите и најсиромашните, разликата помеѓу глобалните север и југ и актуелната пандемија докажаа дека доминантниот економски модел заснован на раст не е соодветен. Тогаш, што е алтернативата?

Излезе дека пандемијата е клучниот момент за дебата во врска со антирастот. Од една страна, поддржувачите на економскиот раст ги искористија затворањата на границите како доказ за тоа како би изгледало антирастечко општество, и покрај тоа што нашиот економски модел зависен од раст беше барем делумно одговорен за појавата на пандемија. Од друга страна, пак, поддржувачите на антирастот ја искористија можноста да го појаснат својот предлог и да ја истакнат итната потреба да се премине кон пострастечка економија. Антирастот стана предмет на актуелните дебати како никогаш претходно. Како што покажа научникот Тимоте Парик, тој е дури присутен и во најновите Меѓувладини панели за известување за климатските промени.

Критикувањето на еден економски систем базиран на економски раст не е ново. Во 2022 година, ја славиме педесетгодишнината на антологискиот извештај Границите на растот. Објавен во 1972 година, тим научници предводени до Донела Медоус предупредија дека трошењето на ресурси во економија што постојано расте е неодржливо. Оттогаш, беа предложени разни алтернативи на економијата заснована на раст, како економија на сталожена држава, пострастечка економија, крофна-економии и антираст.

Разликите помеѓу овие предлози не се само семантички. Иако можеби се преклопуваат, тие претставуваат различни визии за тоа колку радикална треба да биде промената, за улогата на политиката и на конфликтот помеѓу пристапите од долу нагоре и од горе надолу, и за типот мерки што тие ги наметнуваат. Тие се согласуваат во нивното суштинско критикување на економија заснована само на економски раст. Таквиот модел се смета и за осуден на пропаст со оглед на ограничувањата на планетата, како и дека поткрепува неправедна социјална и географска распределба на богатството.

Книгата Иднината е антираст: Водич во свет подалеку од капитализмот од Матијас Шмелцер, Андреа Фетер и Арон Вансинтјан е дел од овој поширок напор да се овозможат покоректни, еколошки, социјални и економски одржливи алтернативи на економијата што зависи од раст. Таа го прави тоа одлично. Потврдниот наслов е јасен во однос на намерата на авторите: тие имаат јасна алтернатива денес и јасна идеја за иднината што „овој водич во свет подалеку од капитализмот“ може да ја реализира. Но, за соодветно да се оправда зошто е неопходна алтернатива на сегашниот систем, треба да се објасни зошто актуелната ситуација не е одржлива. Оваа книга може да се подели на два дела: првата половина е за економскиот раст и за неговите граници, а втората го претставува антирастот како алтернатива.

Важно е да се забележи дека бараните промени не се само економски или политички. Освен овие промени, ќе бидат побарани и промени на психолошко рамниште, што потенцијално ќе претставуваат дури и поголем предизвик.

Неодржливоста на економскиот раст

Книгата почнува со две поглавја посветени на дефиницијата што е тоа економски раст, неговите главни одлики и различните критики на растот. Потпоглавјето „Дефинирање на антирастот“ се појавува дури на страна 191, како авторите навистина да сакале да се осигураат дека читателот разбира зошто системот што зависи од раст веќе не е одржлив.

Во првото од двете поглавја посветени на концептот на економски раст, авторите го разгледуваат моделот на раст и како тој стана доминантен до степен што „растот изгледа како непобитна, позитивна вредност во средиштето на една мрежа од идеи и секојдневен здрав разум“. Оваа вредност служи и за да се оправдаат и тивко да се принудат „луѓето во современи односи на моќ и хиерархија, вклучувајќи ги и социјалните односи на производство како што е наемната работа“.

Второто поглавје е посветено на седум критики на растот: еколошката, социо-економската, културната и феминистичката критика, покрај критиката на капитализмот, индустријализмот и критиката југ-север. Авторите детално ги обработуваат разните аргументи, искажувајќи различни ставови. На пример, во рамки на пошироката расправа за одржливоста, поддржувачите на антирастот се сметаат за „поподложни на критикување на капитализмот одошто поборниците на економијата на сталожена држава или пострастечката економија“.

Заедничкото разгледување на овие критики е клучно и за да обезбеди ефикасен одговор на повеќе кризи, но и, како што предупредуваат авторите, да избегне присвојување на антирастот и на неговите идеи од страна на (екстремната) десница. Зашто додека политичката десница главно ги поддржува политиките ориентирани кон раст, постои и реактивна критика на растот од страна на делови на етнонационалистичката десница. Оваа фракција смета дека како што опаѓа достапноста на ресурсите, мора да се намали и вкупната потрошувачка, но нејзините припадници мора и понатаму да имаат пристап до ресурси. Јасно, овој став мора да го одбијат оние што го поддржуваат антирастот онака како што е прикажан во оваа книга.

Важно е да се забележи дека бараните промени не се само економски или политички. Освен овие промени, ќе бидат побарани и промени на психолошко рамниште, што потенцијално ќе претставуваат дури и поголем предизвик.

Антирастот како алтернатива

Откако темелно ги објаснуваат проблемите со растот, авторите преминуваат кон алтернатива. Но, што претставува антирастот? За авторите, повеќе од строго дефиниран концепт, антирастот претставува „механизам во движење“ што треба да се смета за термин што опфаќа разни левичарски движења и рамки“. Јасно е дека оваа книга, наменета како водич, е напишана за луѓе од левицата. Признавајќи го постоењето на продуктивистичка левица, авторите го бранат ставот дека антирастот треба, и може, да биде усвоен од екологистите и од левицата. Додека екологистите можеби можат лесно да се убедат, левицата претставува поголем предизвик.

Во вториот дел од книгата се објаснува антирастот и како да се стигне до него. Четири поглавја се посветени на визии за антираст, патиштата што водат до него, остварување на антирастот и иднината на антирастот. Авторите се навраќаат на трите критериуми за евалуација на социјалните алтернативи развиени од Ерик Олин Рајт: посакуваност, остварливост и изводливост, и му посветуваат по едно поглавје на секој од нив.

Првото ја објаснува посакуваноста на антирастот и се фокусира на визиите за него, појаснувајќи дека тој е оспоруван и повеќестран концепт што различно го третираат разни струи на антираст. Тие струи се, прво, струјата ориентирана кон институциите; второ, струјата ориентирана кон доволното количество; трето, гемајда, или струјата на алтернативна економија; четврто, феминистичката струја; и петто, посткапиталистичката и струјата што ја критикува глобализацијата. И покрај разликите, авторите тврдат дека преклопувањето меѓу нив овозможува да се видат овие нишки како „струи во еден турбулентен поток, секоја од нив со сопствени карактеристики, но се движат во слични насоки“.

Интегрален дел од дефиницијата на антирастот е дека тој не мора да значи помалку, туку најчесто различно. Оваа книга прикажува три принципи на антирастот што ја поткрепуваат неговата интерпретација како конкретна трансформација: 1) глобална еколошка правда, 2) социјална правда и самоопределба и 3) повторно обмислување на институциите и на инфраструктурата. Така, главниот предизвик на антирастот се ослободува самиот во третата точка: „предуслов за антирастечко општество би бил реструктуирање на сите релевантни општествени институции на начин што ќе функционираат без економски раст, или да се создадат нови институции што ќе зависат од растот и кои ќе можат да ги извршуваат функциите на постојните институции“.

Важно е да се забележи, како што прават и авторите, дека бараните промени не се само економски или политички. Освен овие промени, ќе бидат побарани и промени на психолошко рамниште, што потенцијално ќе претставуваат дури и поголем предизвик. Како што покажува истакнатиот научник кој се занимава со антираст Георгиос Калис во неговата книга Граници, менталните инфраструктури во поглед на потрошувачката, акумулацијата и растот зависат од локацијата и од историскиот период. Додека во даден историски и социјален контекст можеби постои прифатено сфаќање дека економијата што зависи од раст е дел од нашите животи, постојат бројни историски примери на различни прифатени ставови. Според тоа, иднината на антирастот е можна и, исто така, може да зависи од перспективата на менталната инфраструктура.

Во поглавјето 5 се разгледува одржливоста на антирастот, со преглед на шест патеки: (1) демократизација на економијата, или зајакнување на гемајдите, економија заснована на солидарност и економска демократија; (2) социјална безбедност, прераспределба и ограничување на приходите и на богатството; (3) релаксирана и демократска технологија; (4) прераспределба и реевалуација на трудот; (5) рамномерно расклопување и реконструкција на производството; и (6) меѓународна солидарност. Фокусот е главно врз политиката, но авторите појаснуваат дека, сепак, промената зависи од комбинација на „заедничка акција, грасрутс промена и политички реформи“.

Потоа, книгата преминува на прашањето за остварливост на антирастот, за изводливоста на тоа тој да стане реалност. Уште еднаш, авторите се навраќаат на Олин Рајт и на неговите три стратегии за трансформација: 1) „меѓупросторни стратегии“ (постојни алтернативни институции како задруги или општински организации), 2) „симбиотички стратегии“ (форми на соработка помеѓу разни социјални сили и претставници на политичкиот систем) и 3) „стратегии на прекин“ (револуционерно соочување). Додека третиот пат е редок во дебатите за антираст, меѓупросторните и симбиотските стратегии често се дискутираат и „редовно се ставаат едни до други“.

За авторите остварливоста на антирастот зависи од рамнотежата помеѓу политички ориентираните предлози од горе надолу (на пример, намалување на работните часови или максимален приход) и од долу нагоре, алтернативи со мал опсег и самоорганизирачки проекти што функционираат без или дури и против државата. Овој заклучок е делумно релевантен за политичката екологија, бидејќи предлага идеја за трансформативна стратегија што може да ги обедини зелените граѓански здруженија, граѓаните и политичките партии.

Иднината е антираст

Како што кажува поднасловот, оваа книга е навистина водич. Но, таа е многу повеќе од тоа: таа претставува сериозна анализа на недостатоците на економијата зависна од раст, преглед на разните пристапи што му се спротиставуваат на овој модел и како тие имаат (или не) заеднички точки во однос на нивните цели. Напишана во вистински момент, оваа книга е наменета и за оние кои штотуку слушнале за концептот на антираст, како и за оние кои се запознаени со терминот.

Иднината е антираст е веројатно едно од најкомплетните дела за концептот на антираст, што јасно темелно ја разгледува потребата да се размислува подалеку од економскиот раст и зошто и како антирастот и алтернатива. Да, антирастот е и „провокација“ и утописки проект, но е и нешто посакувано, остварливо и изводливо. Оваа книга претставува основно четиво и за оние вклучени во движењата за граѓанско општество и за креаторите на политики, бидејќи успева да биде особено амбициозна во поглед на нејзините цели, а притоа, реална. Таа нуди алатки за изградба на нова превласт базирана на еколошка одржливост и на социјална и економска праведност.

Книгата завршува со неколку теми што заслужуваат подлабока дискусија како дел од разговорот за антираст, како класа и раса, геополитика и империјализам и информатички технологии. Тие се доказ дека дебатата поврзана со антирастот може и мора да продолжи. Алтернативна иднина е можна; од нас зависи дали ќе ја оствариме. Дали антирастот е таа иднина? Многу одлики на овој миг, од секуларната стагнација до геополитичките грижи околу енергетската сигурност, од демографското стареење до екстремната нееднаквост, укажуваат на некој вид антираст (управуван или неуправуван) како решение и според тоа како иднина. Сега предизвик е да се дефинира политиката што може да се справи со овие предизвици на праведен и на демократски начин. Оваа книга претставува јасен водич за тоа.