Работата на политичката економистка Елинор Остром, која е инспирација за зелено размислување, е посветена на сфаќањето како ресурсите и институциите да се управуваат демократски. Во проучувањето алтернативи од реалниот свет за државната контрола и организација преку пазарот, таа нè поттикнува да го прошириме поимот за тоа што значи демократијата.

Ако сакаме да спречиме катастрофални климатски промени, кој треба да дејствува прв: владите, корпорациите или индивидуалните потрошувачи? Дали има смисла да се напредува со намалување на емисиите на штетни гасови, ако и другите не брзаат? Како најдобро да се поттикне здрава циркулација на информации со толку многу закани што се наѕираат, од „лажни вести“ и од пад на професионалното новинарство до државна и корпоративна цензура и закана за приватноста што ја претставува надзорниот капитализам? Како најдобро да се обедини Европа? Дали треба да пренесеме повеќе моќ на федерално ниво или да бидеме флексибилни и да прифатиме повеќе откажувања, дали е ова нужно зло или несакан благослов? Во соочувањето со вакви прашања, клучни за политичката пресметка на нашето време, има многу да се научи од Елинор Остром (1933-2012).

Во 2009 година, американската научничка стана првата жена на која ѝ беше доделена Нобеловата награда за економски науки „за нејзината анализа на економското управување, особено на заедничките добра“. Елинор, заедно со нејзиниот сопруг, Винсент Остром, една од централните фигури на новиот институционализам, ќе се опише себеси како „политички економист“. Како што истакнува Дерек Вол, авторот што помогна да се воспостави Остром како зелен мислител, во „Правилата на Елинор Остром за радикали“(Elinor Ostrom’s Rules for Radicals), политичката економија што ја практикува Остром се разликува од вообичаеното сфаќање на овој термин. Место да го проучува економскиот пораст, монетарната политика или државниот буџет, таа се фокусираше на тоа како овчарите во швајцарско село ги штитат своите пасишта, или како селаните на турскиот брег ги решаваат своите рибарски конфликти. (Овде не станува збор за размер – Остром, исто така, беше заинтересирана за глобалните заеднички добра, како што се климата или интернетот.)

Специфична карактеристика на учењето на Остром беше бескомпромисниот емпиризам. Тоа што е вистина во практика не треба да се прогласи за невозможно со теорија, тврдеше таа. Кога почнала со истражување на заедничките добра, доминантната теорија била дека заедничките добра се осудени на пропаст. Луѓето се суштински егоисти, водени од личен интерес дури и на сметка на другите. Ако мамењето помине неказнето, сигурно ќе мамат.

За да се обезбеди согласност, потребен е или страв од казна (државна контрола) или ветување за профит (пазарни стимулации). А, сепак, како што забележи Остром, има многубројни случаи на заеднички добра што дејствуваат и се одржуваат во текот на долг временски период. Како е можно ова?

Со проучување на десетици заедници изградени околу различни заеднички добра, Остром откри збир од осум (привремени) правила што постоеја во повеќето случаи на успешни заеднички добра и отсуствуваа таму каде што напорите не успеваа. Луѓето се, навистина, егоисти, но тие, исто така, можат да комуницираат, да преговараат, да градат доверба – и, што е најважно, да учат од своите грешки. Заедничките добра може да бидат предмет на „социјални дилеми“, но тие не се осудени од нив. Игнорирањето на ризикот од „профит без труд“ при дизајнирање политика или институција би било кратковидо, но игнорирањето на потенцијалот за соработка може да биде уште пострашно на долг рок. Неколку децении реформи засновани на поедноставени претпоставки за луѓето како „рационални актери“, кои се грижат само за себе, ни оставија институции што се сè само не рационални.

Климата, иднината на Европа и дигиталниот свет се некои од централните теми на зелената политика денес. И по последиците и по динамиката, тие, на различни начини, се дилеми за и околу демократијата. Пристапот на Остром може да биде најкорисен кај начинот на размислување што може колективно да помогне во решавањето на проблемот.

Во областа на климатската политика, Остром понуди полицентричен пристап. Полицентризмот е форма на општество што не зависи од единството на моќта за неговата кохерентност. Постојат многу „единици“, автономни, но се земаат предвид и другите, придружени со односите на соработка, конкуренција, конфликти и на решавање конфликти. Во споредба со нивната спротивна, моноцентрична хиерархија, полицентричните системи може да изгледаат малку „неуредни“. Според Остром, сепак, таквите неуредни структури се посоодветни за јавни претпријатија, демократски правен поредок и за производство на научно знаење.

Што значи ова за креирање политика за климата? Соочувањето со климатската криза не е или-или ситуација: или влади или поединци, или компании или потрошувачи, или глобален договор или натрупани експерименти на урбано ниво. Секое глобално решение треба да биде поддржано со промени во локалната политика и во индивидуалното однесување; секоја локална или национална промена треба да се вгради во глобалната соработка за да се спречи „истекување“.

Нејзиното истражување за успешни заеднички добра ја навело да предложи важна точка: дека фокусот не треба да биде на трошоците, туку на заедничките придобивки од транзицијата на кое било ниво. За домаќинството, зазеленувањето може да значи пониски сметки за греење; за градот, почист воздух и поздрави луѓе; за националната држава, помала зависност од увоз на енергија и импулс за иновации; за Европската унија, можност за повторно откривање на нејзината политика за регионална кохезија и натамошна интеграција меѓу нејзините членки. Далеку од одвлекување на вниманието, таквите колатерални придобивки се централни за климатската политика да стане изводлива – и подемократска. Во спротивно, климатската транзиција, едноставно, би се толкувала во однос на трошоците и очигледната неактивност на „профитерите без труд“ би можела да го осуети секој поттик за промени.

Некогаш гледан како камен-темелник на демократијата во вмрежен свет, денес интернетот почесто се доживува како загрозување на демократскиот процес.

Полицентричните системи се, исто така, пофлексибилни и со тоа поспособни да се приспособат на променливите околности. Тие беа во срцевината на американскиот федерализам. И иако, како што самата Остром постојано предупредуваше, дизајнирањето одржливи институции е повеќе усогласување со дадениот контекст, отколку имитирање на тоа што функционирало на друго место, идејата за полицентризам, исто така, може да ни помогне да го осветлиме – и подобро да го цениме – европското искуство за интеграција.

Пристапот на Остром може да се примени на знаење и на информации, централни предизвици за демократијата денес. Заклучоците не се толку јасни колку за климатската политика, но аналитичките рамки создадени за природните заеднички добра и полицентричните системи да имаат смисла, даваат нова перспектива. Остром во текст во коавторство со Шарлот Хес пишува дека е познато дека едно заедничко добро е склоно кон истите закани како и природните заеднички добра: комодификација и затворање, загадување и деградација, како и неодржливост.

Покрај тоа, ранливо е на тоа што тие го нарекуваат „трагедија на антизаеднички добра“, јаремот на прекумерните права на интелектуална сопственост. Од 90–тите години, интернет -дискурсот неверојатно се смени. Некогаш гледан како камен-темелник на демократијата во вмрежен свет, денес интернетот почесто се доживува како загрозување на демократскиот процес. Според Остром, сепак, дигиталното заедничко добро може да биде демократска алтернатива на моноцентричната хиерархија (тоа што ние денес го нарекуваме надзорен капитализам). Дигиталните заеднички добра треба да бидат добро дизајнирани и соодветно заштитени, со добро внимание на деталите. Нема готово решение. Едно навестување, сепак, изгледа очигледно: подобро да се воспостави функционален систем за решавање конфликти, отколку да се настојува да се решат сите конфликти со еден сет правила.

Според Остром, заедничките добра не се сребрен куршум. Во некои случаи, државата или пазарот, навистина, може да биде посоодветна за намената. Покрај тоа, резултатот од заедничките добра може да биде добар или лош, одржлив или неодржлив. Но, сите ние што веруваме дека обновувањето на демократијата почнува со начинот на кој ги организираме работната и економската активност, во нејзиното истражување ќе најдеме нешто поскапоцено од оптимистичките приказни. Ќе најдеме збир алатки за да сфатиме како можат да функционираат заедничките добра и зошто понекогаш не успеваат.

Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation
Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation

Between the progressive movements fighting for rights and freedoms and the exclusionary politics of the far right, this edition examines the struggle over democracy and representation in Europe today.

Order your copy