Три години откако беше одобрен европскиот Зелен договор, неговиот кредибилитет веќе е разнишан. Инвестирањето во природен гас ЕУ го смета за „зелено“, предложениот социјален климатски фонд за поддршка на луѓето со ниски примања беше укинат, а се претпочитаа регулаторни поттурнувања засновани на корпоративна отчетност и извештаи. Ако Европа зависи од релаксирани политики наместо од вистински регулаторни и фискални мерки што ќе го водат приватниот сектор, зелената транзиција во Европа ќе се одолговлекува во следните години.

Од 2014 година, ЕУ ги зајакнува правилата за транзиција на компаниите кон поодржливи модели на производство.

Со воведувањето на Директивата за нефискално разоткривање за прв пат, големите компании мораа да пријават информации поврзани со животната средина, социјални и прашања поврзани со вработените, почитувањето на човековите права, антикорупциски и политики за подмитување. Сепак, опсегот на директивата беше ограничен бидејќи се однесуваше само на финансиски и на големи котирани компании (околу 11.000). Директивата беше нејасна и ѝ недостигаше задолжителна рамка за известување, што им отежна на инвеститорите и на јавноста да ги споредуваат компаниите, а на одговорните да гарантираат добри извештаи. Во 2019 година, ЕУ објави препораки за известување за информации поврзани со климатските прашања, но тие не беа задолжителни. Постојат студии кои ги преиспитуваат имплементацијата на легислативата, како и квалитетот на разоткривањето.

Понеодамна, Комисијата на ЕУ објави предлог за Директива за известување за корпоративна одржливост. Предлогот го прошири известувачкиот опсег на сите големи компании и сите котирани компании на регулираните пазари, со исклучок на котираните микропретпријатија. Ова би можело да ја прошири примената на повеќе од 50.000 компании. Таа исто така бара ревизија на пријавените информации и воведува задолжителни стандарди за известување.

За прв пат, компаниите ќе треба да обезбедат планови за да се осигураат дека нивниот бизнис-модел и стратегија се компатибилни со транзицијата кон одржлива економија и со ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен согласно Парискиот договор. Но, како ќе бидат оценети овие планови зависи од претстојните детали на Комисијата. Ако Комисијата е доволно амбициозна, компаниите без цврст план за 1,5 Целзиусов степен можат да бидат предмет на прекршочни постапки, а таквата промена би значела историски напредок. Сепак, бидејќи придржувањето до пропишаните правила и казните им се препуштени на земјите-членки, од нив ќе зависи колку сериознo ќе ги спроведуваат еколошките мерки.

Да се биде согласен или дури и амбициозен во однос на известувањето за еколошко-социјалното управување (ESG), не значи дека една компанија е одржлива. Тоа само значи дека таа е транспарентна, дека податоците се анализираат и се пријавуваат. Една компанија што користи фосилни горива без план да транзитира кон одржливи активности би можела да биде пример за добро известување, додека компанија што користи соларни панели би можела да биде пример за лошо известување. Со оваа легислатива постои надеж дека кога пријавените податоци ќе бидат неповолни во однос на животната средина или човековите права, компаниите ќе бидат предмет на притисок од страна на јавноста, пазарот и политиката за да се подобрат. Исто така, компаниите повеќе нема да можат да го користат незнаењето како изговор за нивните постапки.

Но, освен ако Европскиот парламент, Советот и потоа земјите-членки не инсистираат на јасни критериуми за клаузулата за 1,5 Целзиусов степен или потрошувачите не почнат самите да ѝ даваат приоритет на одржливоста во изборот што ќе го направат, поттикот за компаниите да се променат може да не биде доволен. Најпосле, повеќето големи компании веќе објавуваат ESG извештаи, но потрошувачите не се свесни за тоа.

Да се биде согласен или дури и амбициозен во однос на известувањето за еколошко-социјалното управување (ESG), не значи дека една компанија е одржлива.

Границите на корпоративната одржливост

Овие две регулативи не се единствените мерки предложени од ЕУ за поддршка на транзицијата кон одржлива економија.

За да се засили известувањето за одржливост во финансискиот сектор, во 2019 година ЕУ ја објави Регулативата за одржливо финансиско разоткривање. Оваа регулатива ги поставува усогласените правила за учесниците на финансискиот пазар и за финансиските советници во поглед на транспарентноста на интеграцијата на ризиците за одржливост. Фокусот на оваа регулатива е транспарентност за влијанијата на финансискиот сектор во поглед на животната средина. Ефектите од оваа регулатива се сè уште нејасни, бидејќи првиот извештај за имплементацијата треба да биде објавен до крајот на 2022 година.

И покрај очекуваниот позитивен придонес на банкарскиот сектор во поглед на транспарентноста, регулативата нe задава никакви специфични цели за да ја подобри одржливоста на овој сектор. Од климатска перспектива, насоката во којашто ЕУ сака да се движи банкарскиот сектор не само што треба да биде транспарентна, туку и задолжителна.

Истото важи и за Таксономската регулатива објавена во 2020 година. Таа ги постави критериумите за одредување дали една економска активност се квалификува како еколошки зелена со цел да се одреди степенот на кој една инвестиција е одржлива. Таа се однесува не само на учесниците на финансискиот пазар, туку и на одредени компании (истите кои се предмет на Директивата за пријавување на корпоративна одржливост). Според оваа регулатива, една активност е одржлива кога значително придонесува за ублажување или адаптација на климатските промени, одржлива употреба и заштита на водните и на морските ресурси, транзиција кон циркуларна економија, превенција и контрола на загадувањето и заштита и обнова на биодиверзитетот и на екосистемите. Дури и ако една активност има значителен придонес кон една од целите, таа не смее значително да им наштетува на другите цели.

Практично, компаниите ќе мора да пријават колкав процент од нивните активности се прифатливи и во согласност со таксономијата. Главната цел е да се овозможат информации што инвеститорите и јавноста ќе можат да ги споредуваат. Усогласените активности може да се квалификуваат за зелени обврзници и финансиските менаџери можат да ги рекламираат нивните портфолија како зелени. Сепак, оваа регулатива не задава никакви задолжителни цели за таксономско усогласување, што значи дека компаниите можат и понатаму да имаат нула зелено усогласување, и ако пазарот или потрошувачите не бараат доволно, активностите што предизвикуваат загадување би можеле да продолжат и да бидат финансирани, само не со „зелени“ средства.

Во еден разорен удар на кредибилитетот и можните ефекти на таксономијата, Комисијата и Парламентот се согласија да ги класифицираат природниот гас и нуклеарната енергија како зелени енергии. Иако би можеле да ги сфатиме зелените инвестиции во технологијата на нуклеарната фузија, за разлика од нуклеарната фисија (актуелните нуклеарни постројки), да се смета природниот гас за одржлив е веродостојно како помфритот да се смета за салата. Како што претходно истраживме во однос на програмата РипауерЕУ, ЕУ планира да инвестира во нова инфраструктура за природен гас во исто време кога има за цел да го исфрли ова фосилно гориво до 2050 година. Некои НВО и научници дури повикуваат и на укинување на употребата на природниот гас до 2040 или 2034. „Потонатиот трошок“ на новите проекти ризикува да го попречи климатскиот учинок во следните децении и го компромитира Зелениот договор. Научници, активисти и политичари го знаат ова и токму затоа некои земји-членки и НВО преземаат правни мерки против таксономијата. Сè на сè, класификацијата го наруши кредибилитетот на Зелениот договор во целост.

Друг важен неодамнешен предлог е директивата за Длабинска анализа на корпоративната одржливост. Според предлогот, компаниите ќе треба да развијат политики за длабинска анализа во нивните системи за достава за да ги препознаат, спречат и ублажат потенцијално несаканите ефекти. Накусо, тоа значи дека компаниите сега може да бидат законски одговорни за уништување на животната средина и за повреди на човековите права поврзани со нивното добавување. Во најдобар случај во однос на регулативата, една европска марка за облека којашто ги произведува своите парчиња во Бангладеш ќе треба да гарантира дека тоа не опфаќа експлоатација на деца за работа или штета врз животната средина.

Сè уште треба да се донесе одлука, но предлогот би можел и да ги обврзе компаниите да усвојат план за да се осигураат дека нивните бизнис-планови се компатибилни со транзицијата кон одржлива економија и со ограничување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусов степен во согласност со Парискиот договор. Тој е јасен кога вели дека компаниите со висок коефициент на емисии на јаглерод диоксид треба да си постават цели за намалување на емисиите. Директивата има потенцијал да ги трансформира бизнисите, но во моментов се чека на преговори на Советот и на Парламентот, како и на делегиран акт со повеќе детали за известувањето. Ова чекање може да биде подолго од предвиденото, бидејќи и нацрт-предлогот беше одложен со месеци. Се очекува компаниите и земјите-членки силно да лобираат за да го ублажат.

Како се котираат напорите на ЕУ да ја позелени економијата кога се оценуваат колективно? Едноставно кажано, предлозите ветуваат нешто, но недостигаат клучни елементи. Од осигурување дека загадувачот ќе плати до укинување на субвенциите за фосилни горива, фискалните политики треба да бидат главни за Зелениот договор да биде успешен.

Загадувачот мора да плати

Првиот предлог е ефикасна имплементација на принципот дека загадувачот мора да плати. Тоа е едноставна идеја во суштината на еколошката политика на ЕУ: оние одговорни за штетата врз животната средина треба да ги сносат трошоците. Иако беше воведен во 1986 со Единствениот европски акт, тој сè уште не се применува во сите индустрии, ниту целосно во рамки на индустриите.

Имплементирањето на принципот загадувачот плаќа би значел дека еколошките негативни ефекти би биле тарифирани во сите производи, по вкупна општествена цена на јаглеродниот диоксид. Тоа би претставувало радикална промена на нашиот економски модел. Со таква политика, одговорните производи би станале поевтини со текот на времето, а неодржливите би биле отстранети од пазарот.

Практично, анализата на животниот циклус треба да биде задолжителна за сите производи на пазарот, или порелативно, за сите производи на пазарот што ги пласираат големи корпорации. Опсегот на таквото правило би бил сличен како на Директивата за пријавување на корпоративната одржливост. Со добивањето на верификуван ефект на животниот циклус на производите, ЕУ би можела да развие модел на „формирање вистински цени“.

„Вистинска цена“ е пазарната цена плус општествените и еколошките трошоци на еден производ. Производите на пазарот би имале данок на вистинска цена, при што принципот дека загадувачот плаќа би бил делотворен. Овој модел, кој веќе експериментално го применува една продавница во Амстердам, би требало да стане норма. На пример, во продавницата Тру прајс (True Price), фармерки чинат 40 евра плус дополнителни 33 евра, маица чини 15 евра плус 8 евра, чоколатце чини 2,79 евра плус 90 центи, кафе лате чини 3,50 евра плус 25 центи, а векна леб чини 3,25 евра плус 18 центи. Разликата во цените е значителна, но се разликува за секој производ. Со текот на времето, вистинските цени би требало да се намалат, откако одговорните, еколошките и социјалните практики ќе станат норма. Од перспектива на социјална праведност, овој модел покренува прашања и токму затоа тој може да биде имплементиран само како дел од силен социјален и еколошки пакет, особено во време на цени што растат и на инфлација.

Загадувачот плаќа е едноставна идеја во суштината на еколошката политика на ЕУ : оние одговорни за штетата врз животната средина треба да ги сносат трошоците.

Во 2018 година, во Франција видовме колку можат да бидат непопуларни зелените мерки, а истото се случува и сега со кризата на холандските земјоделци. Сепак, Зелениот договор беше замислен во една многу поразлична глобална средина. Од почетокот, социјалната амбиција на Зелениот договор изгледаше штура со разочарувачки Социјален климатски фонд и Механизам за праведна транзиција што не само што не беа доволно финансирани, туку имаа и проблеми со регионалнa кохезија и оставија клучни сектори, како земјоделството, настрана. Одлуката на Германија да го намали буџетот за Социјалниот климатски фонд на ЕУ од 72 милијарди евра на 59 (против волјата на Зелените) негативно ќе влијае врз животите на милиони Европејци и можеби ќе го урне Зелениот договор како кревка кула од карти.

Токму поради овие проблеми, неопходно е повторно иницирање на дискусијата за фискални мерки, како и проширувањето на социјалните мерки. Политики како билет за девет евра во Германија или бесплатен превоз со воз во Шпанија, платени со дополнителни даноци на екстрапрофитот на енергетските компании, би требало да станат европски метод.

Слично, моделот на вистинска цена треба да се имплементира со соодветно намалување на данокот на доход, особено за пониските и за средната класа. Така, повисоките цени би се компензирале со повисок приход за да се поддржи промената кон намалено влијание врз животната средина. Вистинските цени исто така постепено би ги елиминирале „зелените премии“, дополнителниот трошок за одбирање позелена опција. На пример, кога плаќаме повеќе за сончева енергија во споредба со јаглен, за растителен хамбургер во споредба со хамбургер со говедско место или за билет за воз во споредба со авионски билет.

Безгрижноста на компаниите за фосилни горива

Освен имплементирањето на принципот загадувачот плаќа, постојат други, политички поприфатливи, краткотрајни мерки што исто така имаат значителен ефект.

Прво, укинување на сите даночни олеснувања и субвенции на индустриите што најмногу загадуваат.

Почнувајќи со енергeнсите, според извештајот на Европскиот суд на ревизори за 2022 година, „Иако субвенциите за обновлива енергија речиси се четирикратно зголемени во периодот од 2008 до 2019, субвенциите за фосилни горива останаа релативно константни изминатава деценија“. Извештајот открива дека субвенциите за фосилни горива се проценети на околу 58 милијарди евра во 2008 година и на 56 милијарди евра во 2019 година, додека субвенциите за обновлива енергија се движеа од 20 милијарди евра до 78 милијарди евра во истиот период. Петнаесет земји-членки на ЕУ трошат повеќе за поддршка на фосилните горива отколку за обновливи извори. Комисијата постави цел да ги укине субвенциите за фосилни горива, вклучително и даночните олеснувања, до 2025 година. Не е јасно како ќе се постигне тоа, особено откако, во 2022 година, некои држави ја зголемија помошта за фосилни горива.

Извештајот јасно истакнува дека данокот на јаглерод диоксид за фосилните горива е сè уште многу низок. Европскиот суд на ревизори откри дека енергетските извори што повеќе загадуваат добиваат даночна предност во споредба со други со подобра јаглеродна ефикасност. На пример, јагленот, во просек, е оданочен помалку од природниот гас, што е јаглеродно поефикасен. Некои фосилни горива се оданочени помалку од електричната енергија, којашто може да биде произведена од извори со ниска емисија на јаглерод диоксид. Според OECD, за да се постигнат париските цели, јагленот треба да изнесува околу 120 евра за тон CO2. Сепак, Европскиот систем за тргување со емисии никогаш не достигнал толку високо ниво и ниту една земја во ЕУ не оданочува на тоа ниво. Највисоките даноци ги има Шведска, со 108 евра за тон, по неа се Финска со 62 евра и Франција со 44 евра. Во останатите земји во ЕУ данокот изнесува помалку од 30 евра за тон, ниво што се смета за недоволно за значителна промена.

Извештајот открива и дека данокот на јаглерод се применува само на мал дел од емисиите. Највисок процент има во Ирска, каде што околу 49 проценти од емисиите се покриени, потоа се Данска и Шведска со 40 проценти, а по нив се Финска со 36 проценти и Франција со 35 проценти. Проширувањето на Системот за тргување со емисии на транспортот и на други индустрии, и предложената Директива за оданочување на енергијата може да адресираат некои од овие проблеми, но во временска рамка помала од една деценија тоа би можело да биде предоцна.

Според извештајот на Европскиот суд на ревизори за 2022 година, субвенциите за фосилни горива останаа релативно константни изминатава деценија.

Земјоделството претставува уште еден сектор што беше изземен од принципот загадувачот плаќа, особено сточарството. Сточарскиот сектор е одговорен за 17 проценти од вкупните емисии на стакленички гасови во ЕУ, но не само што е изземен од принципот загадувачот плаќа, туку и добива субвенции од околу 32 милијарди евра секоја година. Од 1985 година, Комисијата изјави дека земјоделството не може да биде над принципот загадувачот плаќа. И покрај ова, новата Заедничка земјоделска политика (CAP) и стратегијата Фарм2форк сè уште не планираат да ги намалат субвенциите или да наметнат еколошки такси. Всушност, трошоците на CAP на еколошки мерки можеби се преценети. Според извештајот на Европскиот суд на ревизори за буџетот во периодот 2014-2020, ЕУ пренагласила 72 милијарди евра во еколошки трошоци, од кои 60 милијарди биле за еколошките мерки на CAP.

Отсега, поттикот за компаниите да преминат на одржливо производство се претежно оставени на пазарот. Ако потрошувачите бараат повеќе, компаниите произведуваат повеќе. Проблемот е што повеќето потрошувачи ги засноваат нивните избори на цената. Тоа им остава малку простор на компаниите да дејствуваат во поглед на одржливоста освен ако не се сменат и конкурентите. Добар начин да се поттикне добро корпоративно однесување би бил едноставно да се намалат даноците на одржливите производи и одржливите компании, така што на тој начин тие би се наградиле.

Главен чекор во оваа насока е новата директива за ДДВ што им овозможува на државите да го елиминираат данокот на додадена вредност на некои од производите. Сепак, понатамошно интегрирање на земјите од ЕУ кон фискална унија би можело да воведе задолжителни даноци на некои производи и целосно да изземе од оданочување производи и услуги како соларни панели, велосипеди, јавен превоз, растителен протеин, па дури и поправки. Би можело и да ги зголеми даноците на производи со висок загадувачки ефект. Во исто време, подлабока фискална интеграција би можела да создаде даночен систем во кој одговорните компании ќе имаат пониски даночни рамки. Тоа би се осигурало преку сертификати, ревизии, постојано подобрување и други механизми, од што најголема придобивка би имале најдобрите извршители.

Зачувување на кредибилитетот на Зелениот договор

ЕУ презема крупни чекори да ги направи компаниите поодржливи и економијата позелена. Сепак, повеќето регулативи се фокусирани на ценовни сигнали и им недостигаат позитивни поттици, јасни цели и сериозни санкции за непридржување. Мерките се главно фокусирани на транспарентност преку пријавување однесување и еколошки KPI, но нема ниту законска обврска да се подобри ова однесување.

Надежите дека пазарот ќе го намали влијанието врз животната средина се неосновани. Сепак, постигнувањето на климатските цели во ограничен временски рок без поригорозни задолжителни дејства изгледа неверојатно. На избраниот пристап му недостигаат позитивни и проактивни инвестиции во социјална заштита. Актуелната инфлација не беше очекувана кога се планираше Зелениот договор. Со намалување на буџетот на Социјалниот климатски фонд во време кога тој е најнеопходен, ЕУ уште еднаш го урива кредибилитетот на Зелениот договор.

Достапни се повеќе решенија што може да ги зголемат амбициите во однос на климатското прашање и да обезбедат постигнување на актуелните цели. Воведувањето на вистински цени и елиминирањето на зелени премии би значело економска радикална промена која може да ги истисне од пазарот неодржливите практики и да го награди одговорното однесување. Тоа би значело целосно спроведување на принципот загадувачот плаќа и на нова ера на потрошувачка транспарентност.

Други мерки, како укинување на субвенции и на даночно олеснување за индустриите што загадуваат, особено за производство на енергија, вклучувајќи ја и нафтата, и земјоделството би можеле да добијат поголема поддршка од јавноста ако се спроведат во рамки на праведната транзиција. Проширувањето на опсегот на системот за ETS и одредување минимална вредност за цената на јаглеродот е во доменот на дејствувањето на ЕУ и треба да се земе предвид. Дополнителни фискални мерки, како задолжително изземање на ДДВ и пониски даноци за одржливи компании би можеле да наидат на отпор кај државите, но би требало да им се даде приоритет за да создадат значителни иницијативи за промена, поинакви од оние на пазарот.

Без такви мерки, по класифицирањето на нуклеарната енергија и на природниот гас како зелени инвестиции и со опаѓање на социјалната амбиција, човек се прашува колку, всушност, е сериозна ЕУ во однос на Зелениот договор.