Со порастот на инфлацијата и заканите по енергетската сигурност, европските влади се соочуваат со идеална бура додека бараат начини да ги избалансираат животните трошоци, војната во Украина и климатските цели. Постои ризик владите да ја напуштат сериозната прогресивна климатска политика и да одберат краткорочни компензаторни решенија, притоа обидувајќи се да ги симнат цените на енергенсите. Тоа го игнорира фактот дека за успешна енергетска транзиција се неопходни високи цени на енергијата добиена од фосилни горива. Игор Матутиновиќ се залага за непосредна јавна помош за трошоците за греење, ладење и храна, како начин на владите да ги заштитат домаќинствата без да ја жртвуваат промената кон позелена економија.

Европската Унија доживува невидена комбинација на енергетски ценовен шок и ризик од енергетска сигурност. Додека цената на нафтата падна во првите месеци од почетокот на пандемијата во 2020 година, таа постојано расте од април 2020 година, како последица на прекинот на производство од страна на OPEC, а од март 2021 година како последица на оптимизмот дека пандемијата ќе заврши. Истото се случи и со цената на природниот гас.

Руската инвазија врз Украина ја овозможи идеалната бура и уште повеќе ги зголеми цените на фосилните горива, особено во Европа. Наглиот раст на цената на нафтата се одрази врз сите економски сектори, додека порастот на цената на природниот гас особено тешко ја погоди прехранбената индустрија. Цените на бензинот во ЕУ се искачија за повеќе од 50 проценти од 2021 година, зголемувајќи ги и приватните и деловните трошоци за превоз. Просечните сметки за електрична енергија во домаќинствата во јуни оваа година беа повисоки за 42 проценти во споредба со јуни минатата година, додека сметките за гас пораснаа невидени 83 проценти. Сè на сè, инфлацијата во еврозоната во јуни изнесуваше рекордни 8,6 проценти.

Русија е важен снабдувач на природен гас и нафта во ЕУ. Во 2021 година, Европската Унија увезе 155 милијарди кубни метри природен гас од Русија, што изнесува околу 45 проценти од увозот на гас во ЕУ и близу 40 проценти од вкупната потрошувачка на гас. Пред кризата во Украина, Русија обезбедуваше повеќе од четврт од нафтата во ЕУ. Оваа испорака е сега под двоен притисок на санкциите од ЕУ и на можната одмазда во случај на руска испорака. НАТО процени дека руско-украинскиот конфликт може да трае неколку години.

Одвикнувањето од руската испорака на фосилни горива во исто време со обезбедувањето непрекинат тек на енергенси претставува стратешки предизвик за енергетската сигурност на ЕУ. Како неодлучен одговор, Европската комисија го претстави планот РипауерЕУ, чија цел е до 2027 година да го укине увозот на руски фосилни горива. Сепак, за кратко време, постои ризик јагленот да се користи како краткорочна замена за рускиот гас. Што и да се случи, притисокот врз цените на гасот и електричната енергија веројатно ќе остане висок во ЕУ, дури и ако цената на нафтата на светскиот пазар почне да паѓа (како што покажуваат различните цени на гас во САД и во ЕУ [1]).

Националните влади интервенираа на енергетскиот пазар со разни мерки, вклучувајќи ги намалувањето на данокот на енергенсите, паричните субвенции за домаќинствата, субвенциите за сметките за електрична енергија и за гас, замрзнувањето на цената на електричната енергија и дополнителниот данок на профитот остварен од енергенси. Замрзнување на малопродажната цена на бензинот или намалување на данокот на горивата беше широкораспространета мерка за вештачки да се намалат трошоците. Сепак, некои земји, како Германија, Ирска и Франција, спроведоа подалекувида политика со намалување на цената на јавниот превоз за да го направат попривлечен.

Our latest issue – Aligning Stars: Routes to a Different Europe – is out now!

Read it online or get your copy delivered straight to your door.

За погенерално да ја забави инфлацијата, на 1 јули Европската централна банка го стопира купувањето нето-средства, а на 21 јули и ги зголеми своите три клучни каматни стапки за 50 процентни поени од минус 0,5 проценти на 0 проценти. Во вакви околности, овој класичен пристап, како од учебник, може повеќе да им наштети одошто да им користи на економијата и на општеството.

Што ги разликува овој пораст на цените на енергенсите и на инфлацискиот притисок од слични настани во минатото? Настрана од откажувањето на Европа од руските фосилни горива, изгледа дека главна грижа за креаторите на политики е да се издржи овој транзициски период на високи цени додека тие не се стабилизираат, така што ќе можат да се вратат на својата примарна задача да стимулираат економски раст, еколошки или не. Но, гледајќи подалеку од краткорочните решенија, едно прашање загрижува: може ли оваа енергетска криза да претставува можност да се забрза енергетската транзиција во ЕУ и на тој начин да се намали ризикот од пречекорување на топлинскиот праг од 1,5 Целзиусов степен?

На декарбонизирачките економии им се неопходни високи и стабилни цени на фосилните горива

Зад овој раст на цените на фосилните горива се климатската криза и меѓународните апели за намалување на емисиите. Според сценаријата од последниот извештај на IPCC, за ограничување на затоплувањето на околу 1,5 Целзиусов степен потребно е глобалните емисии на стакленички гасови да пораснат пред 2025 година и да се намалат за 43 проценти до 2030 година. ЕУ се обврза да постигне климатска неутралност до 2050 година и постави цел да ги намали нето-емисиите за 55 проценти до 2030 година. Рамката за можност да се избегне пречекорување на топлинскиот праг од 1,5 Целзиусов степен бргу се затвора: имаме помалку од осум години да ја прекинеме неповратната штета од климатските промени.

Енергетската транзиција не може да се одвива без ниски цени на фосилните горива и без значителни промени во однесувањето на граѓаните, бизнисите и државите. Во пазарната економија, по дефиниција, високите цени на фосилните горива се еден од најважните фактори за промена во употребата на енергенсите и за декарбонизација. Во тој контекст, политичките стремежи да се спречи раст на цените на фосилните горива се погрешни и контрапродуктивни.

Ако е точна логиката на функционирањето на пазарот, постојано високите цени на фосилните горива веројатно би стимулирале енергетска ефикасност и декарбонизација на транспортот и на производството, зголемувајќи ја побарувачката на обновлива енергија. Слично, потрошувачите би барале достапен, но особено ефикасен јавен превоз и, под ценовен притисок, би одбрале животен стил во кој би трошеле помалку енергија. Високата и стабилна цена на фосилните горива, исто така, е неизбежна за бизнисите кои сакаат да спроведат долгорочни стратегии за намалување на емисиите и на енергетската моќ на енергенсите во нивните производи и услуги. Сите овие промени би создале позитивна повратна спрега на промена помеѓу индустријата и потрошувачите, што, на крајот, би ги трансформирало економијата и општеството.

Според тоа, владите во ЕУ не треба да се грижат за намалување на цената на фосилните горива, туку да спречат цените повторно да се снижат на ниво што на индустријата и на потрошувачите ќе им сигнализираат дека не се потребни никакви промени во нивното однесување. Долгорочната цел на политиките треба да биде да обезбеди степен на стабилност на ценовните сигнали, што е клучно за забрзување на адаптивните процеси во економијата.

Во пазарната економија, по дефиниција, високите цени на фосилните горива се еден од најважните фактори за промена во употребата на енергенсите и за декарбонизација.

Нека скокнат цените на фосилните горива

Значи, треба да погледнеме подалеку од актуелните проблеми со моменталната енергетска криза и инфлацијата и да бараме сличност помеѓу краткорочните и долгорочните цели и политики. На најкраток рок, цените на фосилните горива треба да му се препуштат на пазарот, а владините политики треба да се фокусираат врз негативните последици од енергетски поттикнатата инфлација врз домаќинствата.

Владите треба да им ги надоместат на домаќинствата дополнителните животни трошоци, но да не интервенираат во цената на индивидуалниот транспорт за кој се користат фосилни горива. Секој пораст на цената на енергенсите нееднакво се распределува на сите производи и услуги. Затоа, антиинфлациската политика мора да одреди кои аспекти од животниот стандард на населението сака да ги заштити. Трошоците за греење, ладење и за храна ја сочинуваат основата на материјалниот животен стандард што државата треба да го обезбеди. Додека досега гледавме произволна парична помош, компензаторните механизми засновани на актуелните енергетски потреби на домаќинствата би биле поефикасни.

Државниот трошок за греење на домаќинствата може да се процени според месечната потрошувачка на гас неопходен да загрее просечно корисен простор за домување на температура од, да речеме, 21 Целзиусов степен, пресметано врз основа на петгодишниот просек на надворешната температура во месеците во кои обично е потребно греење. На ист начин може да се пресмета потрошувачката на електрична енергија за ладење на истиот простор, на, да речеме, 26 Целзиусови степени во летните месеци. Цената на гасот во Европа почна експоненцијално да расте во септември 2021 година, а креаторите на политики треба да одлучат кое од зголемувањата на трошоците за греење би бил соодветен за компензација. Откако ќе одреди основна цена, државата треба да компензира 80 проценти од покачувањето на трошоците за греење/ладење за просечен простор за домување. Причината за нецелосното покривање на трошоците лежи во поттикнувањето на домаќинствата одговорно да трошат енергија и да инвестираат во енергетска ефикасност на домот.

За да се пресмета компензацијата за дополнителен трошок за храна, владата може да ги користи државните цени за пазарната кошничка што се однесуваат на „месечниот буџет неопходен за соодветна прехрана од страна на три референтни домаќинства (составени од деца и работоспособни лица, здрави, без хендикеп и кои живеат во главниот град)“. Почнувајќи од основната цена, владите треба целосно да го компензираат покачувањето на нивните одделни пазарни кошнички.

Дополнителните месечни трошоци за греење/ладење и за храна може да се компензираат со даночно олеснување на личниот доход за вработените и со вонреден додаток на пензиите за пензионерите. Еден граѓанин би се квалификувал за даночно олеснување со приложување на потврда за поседување имот или за договор за изнајмување во даночната служба. Во однос на даночното олеснување за храната, тоа би се применило автоматски кон сите даночни обврзници и би вклучувало дополнителен детски додаток. Проценките на трошоците и исплатите се пресметуваат месечно или квартално, во зависност од техничките и административните капацитети на државата. Ако една влада одбере универзален компензаторен механизам, социјалната еднаквост би била делумно инкорпорирана преку разлики во реалниот трошок за греење во споредба со референтниот просечен простор за домување. Претпоставувајќи дека побогатите домаќинства имаат поголем простор за домување од просечниот, а посиромашните помал, побогатите домаќинства ќе добијат помал надомест, а посиромашните ќе добијат поголем надомест од нивните реални трошоци.

Забележете дека за разлика од намалувањето на ДДВ или покачувањето на најнискиот праг за данок на доход, оваа политика е неутрална во поглед на буџетските приходи, а надоместот за семејствата не е произволен туку зависи од инфлацијата и е заснован на вистински вредности. Сепак, тоа би подразбирало зголемување на владините трошоци, значително и на подолг рок, како што е објаснето во продолжение.

Задржување на високата цена на фосилните горива во доба на транзиција

Оваа краткорочна политика за надомест мора да се стави во подолгорочен климатски контекст и да се дополни со мерки што ги земаат предвид потребата за брза декарбонизација и енергетска транзиција.

Ако ЕУ сака ефикасно да ја менаџира брзата енергетска транзиција, мора да овозможи коректни ценовни сигнали за фосилните горива на пазарот. Во 2019 година, земјите во ЕУ потрошиле 56 милијарди евра на субвенции за фосилни горива, при што 15 држави потрошиле повеќе на фосилни горива одошто на зелена енергија. Укинувањето на субвенциите за фосилни горива би ги откриле реалните трошоци за производство на нафта, јаглен и природен гас, и веројатно би ги намалило шпекулациите и ценовната нестабилност на енергетските пазари.

Во својот следен чекор, Европската Унија треба да наметне заеднички данок на јаглерод наместо актуелните разни даноци што ја нарушуваат еднаквата можност за сите. Данокот на јаглерод би можел да се зголемува во период од десет години со претходно најавена годишна динамика до максимална стапка, воспоставена да прикаже силен поттик за индустријата да воведе технолошки усогласувања и за домаќинствата да ги сменат начинот на користење енергија и навиките за превоз. На тој начин, цената на фосилните горива ќе се одржува постојано висока и ќе расте со предвидлива динамика, а во исто време ќе се избегне контрапродуктивната ценовна произволност во двете насоки. За да се спречи „истекување на јаглерод“ или некоректна конкуренција од земји со ниски стандарди за емисија на стакленички гасови, ЕУ веќе го усвои Механизмот за прилагодување на количеството на јаглерод на границите што му става цена на јаглерод на увозот на одредени производи, што во иднина може да се прошири и на сите индустриски производи.

За жал, на 8 јуни Европскиот парламент донесе спротивна одлука и ги одби плановите за измена на Системот за тргување со емисии на ЕУ за вклучување на јаглеродот од транспортот и градежништвото. Предлозите би ги укинале и актуелните изземања на планот за тргување со емисии за европската индустрија. Со друга промена би се вовел социјален климатски фонд за помош на домаќинствата со ниски примања за да финансираат енергетски ефикасни поправки.

Ако ЕУ сака ефикасно да ја менаџира брзата енергетска транзиција, мора да овозможи коректни ценовни сигнали за фосилните горива на пазарот.

Таквиот фонд е неопходен поради тоа што оданочувањето на јаглеродот е регресивно и ги засега жителите на предградијата од средната класа непропорционално во споредба со богатите жители во центрите на метрополите. Како што расте данокот на јаглерод, неговите ефекти врз ранливите слоеви од населението може да се покажат политички неподносливи. Со постојано високи цени на фосилните горива, трошоците за храна сигурно ќе пораснат сè додека транспортот и земјоделството не се декарбонизираат во голема мера. Енергетската сиромаштија веќе засега меѓу 50 и 125 милиони луѓе во Европа, а данокот на јаглерод значително би ги зголемил овие бројки.

Според тоа, данокот на јаглерод мора да оди заедно со соодветни мерки за добросостојба. Овде политиката креирана на кус рок (надомест за домаќинствата за дополнителните животни трошоци во услови на енергетски ценовен шок) системски се претвора во план за заштита на добросостојбата во тек на продолжениот период на енергетската транзиција. Овој план треба без исклучок да опфаќа намалување на цената на јавниот превоз на минимум, при тоа обезбедувајќи многу поширока и поефикасна услуга, во споредба со сегашната. Процесот на енергетска транзиција опфаќа транзиција од масовно индивидуален кон масовно јавен транспорт, и градски и меѓуградски. За таа цел, Европската централна банка ќе треба да обезбеди инвестициски фондови неопходни за трансформација на моменталната нафтена инфраструктура за индивидуален транспорт за сите членки на ЕУ. Апсурдно е да се очекува дека околу 249 милиони автомобили во ЕУ ќе бидат заменети со електрични возила. Тоа би била огромна загуба на ресурси, енергија и суровини, како кобалт, литиум и ретките земни метали. Нашите градови и мрежите за меѓуградски транспорт тогаш ќе треба да се адаптираат на потребите на масовниот јавен превоз, за што ќе бидат потребни значителни инвестиции во текот на долг период.

Конечно, добивката од постојните или новите енергетски такси и политиките за цената на јаглеродот ќе се намали, достигнувајќи нула, поради уривањето на даночната основица како резултат на ефикасните политики. За тоа е потребен преглед на целиот даночен систем и постепено воведување на реформа на еколошките такси, чија цел е „да го сменат даночното оптоварување од продуктивните активности врз загадувачите“. Со текот на времето, реформата на еколошките такси ќе се прошири на употребата на енергенси и на материјалната содржина на производите и услугите наместо работната сила, на тој начин поттикнувајќи енергетска и материјална ефикасност во интерес на бизнисите и промовирајќи вработување на полно работно време.

Улогата на бизнис-секторот во енергетската транзиција

Каква треба да биде улогата на бизнисите во оваа транзиција? Бизнисите може да го задржат правото да функционираат така што ќе ги исполнат општествените барања. Од нив се очекува да му служат на општеството, а не обратно. Добитникот на Нобелова награда Џозеф Ј. Стиглиц изјави дека „една од главните причини зошто нашата животна средина е во таква критична состојба е што корпорациите не ги исполниле своите општествени должности“. Во 2019 година, само 15 проценти од најголемите 500 компании во светот според пазарната капитализација биле усогласени со целите на Парискиот договор.

Според тоа, аргументот на Стиглиц дека „без ефикасни регулативи и реални цени што треба да се платат за загадувањето, нема никаква причина да веруваме дека тие ќе се однесуваат поинаку од она што досега се однесуваат“ е во согласност со политиката за воведување јаглеродна такса и ставање на реална цена на фосилните горива. На општеството му е потребен бизнис-сектор ориентиран како дел од економија која плаќа даноци. Не ни требаат претприемачи што вредат милијарди долари кои инвестираат во приватни вселенски програми; на Земјата постојат поитни приоритети.

На општеството му требаат бизниси што ја разбираат климатската криза и се подготвени да придонесат проактивно во изнаоѓањето решенија, како оние што се дел од Светскиот бизнис-совет за одржлив развој. Тие може да учествуваат во климатските и енергетските владини проекти и да профитираат од директно финансирање. Потребен ни е бизнис-секторот, но владите треба да го насочат теренот кон оние фактори што се подготвени и волни да функционираат во постнеолиберален свет. Според една неодамнешна студија на Меккинси, енергетската транзиција би можела да резултира со добивка од околу 200 милиони и со загуба од околу 185 милиони директни или индиректни работни места до 2050 година. ЕУ ќе мора да се приспособи на загубата на нето-работни места преку јавни инвестиции и поцврста мрежа за социјална безбедност. Најпосле, европскиот Зелен договор веќе го адресира овој проблем.

Сепак, би било наивно да се очекува дека сите бизниси ќе соработуваат при енергетската транзиција. На пример, пет големи нафтени корпорации потрошиле милијарда долари за лобирање против регулативите што произлегуваат од Парискиот договор, додека од Парискиот климатски договор во 2015 година, најголемите 60 банки во светот овозможиле 3,8 трилиони долари за финансирање компании за фосилни горива. Национализацијата на бизнисите со фосилни горива на енергетските корпорации во ЕУ би можела да биде еден практичен одговор на политиките. Така и производствените трошоци, емисиите и добивката би се ставиле под директна владина контрола и на тој начин би се помогнала енергетската транзиција, оперативно и финансиски. Слично, лидерите во ЕУ треба да си го постават прашањето: колкав e социјалниот придонес на големите приватни банки генерално и особено во енергетската транзиција?

Сè мора да се смени

Енергетската транзиција не е како „структурните промени“ и транзиции што сме ги доживеале претходно. Како што смета Даниела Габор, таа има потенцијал да ја врати контролата кај „владите, преку фискална политика (оданочување и потрошувачка)“. Енергетската транзиција подразбира одржливи јавни инвестиции во инфраструктурата, технологијата и во држава на благосостојба за да овозможи социјална стабилност. Ова е клучно за социоекономска трансформација од такви размери која претходно не е видена. Европските институции и влади ќе треба да се префрлат од моменталните буџетски ограничувања засновани на соодносот помеѓу јавниот долг и БДП кон буџетирање засновано на нови идеи како Модерната монетарна теорија, а тоа е најважно за една активна и смела улога на владата. Кон климатската криза не може да се пристапи со застарени и срамежливи политички инструменти што беа својствени за несреќниот неолиберален период.

Имплементирањето на овие политики нема да биде лесна задача. Постојат многу непознаници и комплексности што го попречуваат точното предвидување. Политиките ќе треба да се ревидираат и да се адаптираат на процесот на учење како и на општествениот дискурс. Која е алтернативата за ЕУ? Европската централна банка да ги качи каматните стапки додека следната рецесија не ја намали цената на нафтата на 30 долари за барел и потоа да почнеме повторно да говориме за енергетска транзиција?[2]


[1] На пример, во периодот од 1 јуни до 1 јули 2022, фјучерсите на природниот гас во САД се намалиле за 34 проценти додека во холандскиот TTF пораснале за 73 проценти.

[2]  Не сметам дека постои способна влада која само чека „зелено светло“ да скокне и да го одведе општеството во вистински правец. Само се надевам дека ќе има критична маса компетентни јавни водачи и извршители што ќе ги спроведат овие промени.