По одобрувањето од Европскиот парламент, Европската комисија продолжува со своите планови да ги класифицира фосилните горива и нуклеарната енергија како „зелени“. Овој катастрофален потег во годините пред нас ќе има реперкусии врз многу области, од војната во Украина до климатската криза. Седен Анлар разгледува како се одвива оваа контроверзност досега и какво е нејзиното влијание врз единството на ЕУ, климатското лидерство и геополитичката стратегија.

На 6 јули 2022 година, членовите на Европскиот парламент изгласаа поддршка на предлогот на Европската комисија за таксономија, на тој начин давајќи зелено светло на тоа фосилниот гас и нуклеарната енергија да бидат означени како „зелени“ енергетски ресурси и активности. Тоа беше катастрофален резултат, кој едноставно и практично значи дека нуклеарните и инвестициите во фосилни гасови од 1 јануари 2023 година Европската Унија ќе ги смета за зелени.

Под здодевното име, Регулативата за таксономија на ЕУ задава систем за класификација создаден како водич за бизнисите, инвеститорите и креаторите на политики за одржливи финансиски продукти и енергетски ресурси. Главната цел на овој акт е да се насочи капиталот кон активностите за кои Комисијата смета дека се еколошки одржливи. Со други зборови, таксономијата е осмислена да ја адресира екоманипулацијата преку препознавање на оние економски активности кои се одржливи како и преку воведување обврски за пријава на компаниите и на учесниците на финансискиот пазар.

Додека главниот дел од Регулативата за таксономија која зададе шест цели стапи на сила на 12 јули 2020 година, Комисијата изјави дека подоцна ќе го претстави актуелниот список на еколошки одржливи активности преку „делегирани акти“. Правниците во ЕУ силно ја критикуваа оваа одлука бидејќи делегираните акти се второстепени по природа и според тоа не би биле предмет на исто ниво на министерски или на парламентарен надзор како самата регулатива.

Во април 2021 година, Европската комисија ги објави правилата за таксономија, но ја одложи одлуката дали фосилниот гас и нуклеарната енергија треба да се вклучат во списокот одржливи економски активности. Неколку месеци подоцна, неколку мига пред полноќ на Нова година 2021, Комисијата издаде нацрт-предлог означувајќи ги за „зелени“ извори, потег што се претвори во „една од најголемите контроверзи“ во мандатот на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

Поделено единство

Есента 2021 година, Комисијата започна консултации со земјите-членки за нацрт-предлогот што иницираше вжештени дебати и преговори во текот на неколку месеци. Две групи со спротивни мислења за тоа дали ЕУ треба да ги означи фосилниот гас и нуклеарната енергија како зелени се формираа на информативна основа, предводени од два главни фактори: Франција и Германија. Тие ја истакнаа големата разлика помеѓу овие земји во поглед на енергетските цели.

Франција, која добива околу 70 проценти од нејзината електрична енергија од нуклеарни извори, поддржана од земји-членки од Источна и Централна Европа, како Полска, сакаше Фон дер Лајен да ја вклучи нуклеарната енергија во таксономијата. Од друга страна, Германија, која затвори три од своите шест нуклеарни централи во 2021 година и има цел да ги затвори преостанатите до крајот на 2022 година, лобираше против вклучување на нуклеарната енергија и го предложи фосилниот гас како алтернатива. Сепак, семафор владината коалиција во земјата е поделена по тоа прашање, при што Социјал-демократската партија (SPD) е за фосилниот гас, а Зелените се против тој потег. Освен тоа, за време на овој процес, антинуклеарните држави, како Австрија и Луксембург, покажаа заби заканувајќи се со потенцијални тужби ако нуклеарната енергија биде класифицирана како зелена. На крајот, Германија и Франција „се согласија да не се согласат“, па дури и негираа дека постоел каков било конфликт. Последователната одлука на Комисијата, официјално објавена во Комплементариот климатски делегиран акт, да ги вклучи и фосилниот гас и нуклеарната енергија во таксономијата јасно го покажува значителното влијание на земјите-членки врз одлуките на институциите во ЕУ.

Ете како една иницијатива која ветуваше и имаше потенцијал да придонесе кон климатските цели на ЕУ стана уште една разводнета компонента на европскиот Зелен договор и алатка што ќе се користи токму за она што требаше да го нападне: екоманипулацијата.

Недоволно гласови

Пред гласањето во Европскиот парламент во јули 2022 година, европратениците веќе имаа можност да реагираат на предлогот на Комисијата. Изгледаше како делегираниот акт да претрпел тежок удар во јуни 2022, кога два од најзначајните комитети во Европскиот парламент, Економскиот и Еколошкиот комитет, гласале против него, барајќи Комисијата да поднесе нов предлог. Ваквите гласови, вообичаено се презицен показател како ќе се одвива пленарното гласање, но овој пат не беше така.

Сепак, имаше противење на овој потег. Откако Комисијата го објави контроверзниот предлог да се вклучат фосилниот гас и нуклеарната енергија во Таксономската регулатива, се формира меѓупартиски и транснационален сојуз од европратеници против предлогот, што не се случува често. Кога се одржа главното пленарно гласање, 278 европратеници од повеќе партии гласаа против предлогот, 75 гласа помалку од 353-те гласа неопходни да се обезбеди апсолутно мнозинство. Значи, опозицијата не обезбеди доволно гласови бидејќи беше потребно апсолутно мнозинство.

Повеќето европратеници кои ја одобрија предложената таксономија беа од Европската народна партија со централно-десна ориентација, додека Зелените/EFA беа единствената партија која едногласно гласаше против предлогот (со еден воздржан глас).

Погрешна замисла

Бинарната класификација која ја разликува добрата „зелена“ енергија од сите други извори не може да дозволи нијансиран пристап каков што бара транзицијата која е и амбициозна и реална.

Како што наведе во својот конечен извештај експертската група на Европската платформа за одржливи финансии, овој пристап ги превидува средните активности што би можеле да се користат извесен период од процесот на транзиција. Освен тоа, таксономијата остава некласифицирани широк опсег ресурси што немаат значително еколошко влијание, што може да доведе до тоа инвеститорите да ги сметаат за „неодржливи“. Бидејќи европските компании се обврзани да известуваат за одржливоста на нивните инвестиции, веројатно секоја активност изоставена од „зелениот список“ ќе се смета дека не е во согласност со климатските цели на ЕУ, што може да го секне капиталот што би можел да се вложи во тие активности.

Далеку од научнобазираната класификација каква што беше неопходна, таксономијата го прикажува апсолутното занемарување на она што научната заедница изјави дека мора да се направи за да се задржи глобалното затоплување под 1,5 Целзиусов степен. Спроведени само неколку месеци по предупредувањето на IPCC дека планетата можеби е на пат да се соочи со зголемување на температурата двојно повеќе од границата наведена во Парискиот договор, постапките на Европската комисија и на Европскиот парламент се бесрамни. Освен тоа, таквата таксономија исто така ги отфрла климатските активисти и НВО кои побараа ЕУ да преземе сериозни чекори за исполнување на климатските цели. Тоа е уште еден доказ дека се вклучени лични интереси, бизнисите се на прво место.

Поголемиот број критики кон проширувањето на таксономијата се насочени кон гасот, и со право. Додека претставници на ЕУ тврдат дека гасот не е толку лош како јагленот, едвај најубедливата поента среде климатска криза, нови инвестиции во фосилни активности, како електрични централи што работат на гас едноставно не се во согласност со климатските цели на ЕУ. Гасот е можеби почист од јагленот, но не е доволно чист за да заслужи постојано инвестирање во гасна инфраструктура. Ова неодамна го потврди Меѓународната агенција за енергија кога изјави дека инвестициите во фосилните горива би морале да сопрат по 2022 година за да се задржи глобалното затоплување под прагот од 1,5 Целзиусов степен.

Кога станува збор за нуклеарната енергија, малку е покомплицирано. Додека таа можеби се смета за гориво без емисии, за разлика од фосилниот гас, животниот циклус на нуклеарните централи, вклучувајќи изградба, екстракција на ураниум, транспорт и процесирање, ослободува значителни количества CO2. Освен тоа, фазата на изградба е особено скапа и пребавна, и сигурно придонесува за краткорочно намалување на емисии и за климатските цели за 2030 поставени од ЕУ. Додека Франција силно ја поддржува нуклеарната енергија како омилен енергетски ресурс за електрична енергија, дури и финансиската ознака на француската влада не ја смета нуклеарната енергија за одржлива инвестиција. Интересно, Франс Тимерман, потпретседател на Европската комисија одговорен за европскиот Зелен договор, јавно изјави дека нуклеарната енергија не може да се класификува како зелена. Конечно, постои загриженост дека вклучувањето на нуклеарна енергија како зелена активност може да го пренасочи капиталот подалеку од обновливите извори, и покрај тоа што обновливите енергии се поевтини од нуклеарната енергија и од гасот, што на крајот ќе ја забави енергетската транзиција.

Меѓународната агенција за енергија изјави дека инвестициите во фосилните горива би морале да сопрат по 2022 година за да се задржи глобалното затоплување под прагот од 1,5 Целзиусов степен.

Инвеститорите го критикуваат предлогот наместо мене

Не изненадува што за некои инвеститори беше добредојдено вклучувањето на фосилниот гас и на нуклеарната енергија во таксономијата. Оперативниот директор на една локална асоцијација за јавни услуги во Германија, VKU, го нарекол „важен знак за улогата на природниот гас како мост за постигнување на климатските цели“. Сепак, неочекувани критики кон проширување на таксономијата всушност дојдоа од самите инвеститори и од други фактори во енергетскиот и финансискиот сектор, кои изразија загриженост за веродостојноста и употребливоста на актуелната верзија на проширената таксономија, сигнализирајќи дека би можеле да се однесуваат внимателно со одлуката или дури и да ги бојкотираат новите зелени ознаки.

На пример, сојузот Нето нула, група од 73 институционални инвеститори, изјави дека вклучувањето на гас

„е недоследно со високата амбиција на вкупната таксономска рамка на ЕУ“. Стефан Кипе, раководител на ESG истражување во Комерцбанк АГ исто така заклучи дека одобрението на предлогот на Комисијата „не ја олеснува борбата против екоманипулацијата“. Хуго Галагер, постар советник за политики во Европскиот форум за одржливи инвестиции (Eurosif) исто така говореше против предлогот велејќи: „Сомнително е дали гасот и нуклеарната енергија целосно ги исполнуваат условите да се квалификуваат како транзициска активност“, додавајќи дека многу фактори во индустријата не би инвестирале ниту во гас ниту во нуклеарна енергија.

Фосилно подгревање на војната на Путин

Активистите беа многу јасни дека освен што ја влошува климатската криза, проширувањето на таксономијата на ЕУ ќе има и клучно влијание врз војната во Украина. Овозможувањето поголеми инвестиции во гас и нуклеарна енергија ѝ отежнува на Европа да обезбеди енергетска независност од Русија. Така, оваа одлука претставува подарок за Путин и ќе продолжи да ја финансира неговата воена машина.

ЕУ веќе ѝ плати 57 милијарди евра на Русија за фосилни горива откако почна војната, бидејќи увозот на руски фосилен гас, гасни турбини, ураниум и други нуклеарни услуги беа изземени од санкциите што ЕУ ѝ ги наметна на Русија како реакција на инвазијата. Според една нова студија на Гринпис, се очекува Русија да биде една од главните корисници на проширувањето на таксономијата поради кое ќе заработува дополнителни 4 милијарди евра годишно, вкупно 32 милијарди до 2030 година.

Кога станува збор за нуклеарна енергија, руската државна компанија Росатом планира „да обезбеди влог од проценети 500 милијарди евра потенцијални инвестиции во нов нуклеарен капацитет во ЕУ“. Откако ветија дека ќе бидат на страната на Украина, зошто Европската комисија и Европскиот парламент му даваат на Путин таква неверојатна геополитичка предност на сребрен послужавник (или подобро на послужавник од ураниумско стакло)?

Лобија, лобија, лобија

Признавајќи дека ќе имаат најголема корист од таквото вклучување на енергенсите, руските компании Газпром, Лукоил и Росатом силно лобираа во Брисел фосилниот гас и нуклеарната енергија да бидат додадени во таксономијата на ЕУ како зелени ресурси и активности. Гринпис откри дека комесари и постари претставници на Европската комисија се сретнале со претставници на овие компании вкупно 18 пати, или директно или преку компаниски лобисти или филијали, од март 2018 кога Комисијата го претстави својот акциски план за одржливи финансии. Контрастот помеѓу постапките на Европската комисија и нејзините јавни изјави во однос на Украина, како изјавата на Фон дер Лајен кон Украинците за време на нејзината посета: „Вашата борба е и наша борба… Европа е на ваша страна“ пред украинскиот претседател Зеленски, е едноставно застрашувачка.

Важно е да се забележи дека самата Европска комисија неодамна призна колку биле опасни лобирачките ефекти на рускиот режим во Брисел и предложи да им забрани на руските компании да ангажираат лоби-групи и фирми за односи со јавност од ЕУ, кои, според ЕУОбзервер, заработуваат 3,5 милиони евра годишно од такви зделки.

ЕУ веќе ѝ плати 57 милијарди евра на Русија за фосилни горива откако почна војната.

ЕУ: Климатски лидер или климатски колебливец?

Откако Велика Британија не ги исполни своите климатски цели и целејќи да го укине законот што ги штити најважните локации каде што живее див свет, неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД со која се ограничува капацитетот на Агенцијата за заштита на животната средина да ги ограничи емисиите на CO2, што всушност ги одлага сите значајни климатски дејства во САД, и енергетската криза што беснее на планетава, на климатските политики повеќе од кога било им е потребен лидер. Додека Европската комисија ги кажува сите вистински нешта за потребата да се справиме со климатската криза и одигра одлучна улога во новиот климатски поредок, предлогот за таксономија кажува нешто друго.

Само нешто повеќе од месец дена откако ги објави своите планови да ја забрза енергетската транзиција и да обезбеди енергетска независност од Русија преку РипауерЕУ, одобрението на делегираниот акт не само што го засилува геополитичкото влијание на Путин во регионот, туку и испраќа мешани пораки за тоа колку сериозно ЕУ ја сфаќа климатската криза. Според тоа, освен што открива длабоки разлики помеѓу земјите-членки на ЕУ кога станува збор како да се фатат во костец со климатската криза, таксономијата на ЕУ, исто така, ризикува да го наруши кредибилитетот на целата климатска агенда на ЕУ, европскиот Зелен договор и ЕУ како климатски лидер. Во свет во кој дури ни Русија ни Кина не вклучуваат гас во нивните таксономии за одржливи активности, означувањето на нуклеарната енергија и на фосилниот гас како ресурси на зелена енергија од страна на ЕУ е опасен преседан и е јасен знак на неуспешно климатско лидерство.

Каде одиме одовде?

По таков разочарувачки и екоизманипулиран исход што не ги зема предвид кризите со кои сме соочени денес, патот пред нас е замаглен и полн со предизвици. Следниот чекор е Советот на Европа да гласа за предлогот, фактор што нема моќ на вето во одлуката на Парламентот. Но, бидејќи вклучувањето на фосилниот гас и на нуклеарната енергија беше, всушност, решение што го предложија земјите-членки што го сочинуваат Советот, и имајќи на ум дека повеќето влади во ЕУ се за предлогот, можеме да претпоставиме дека мнозинството неопходно за вето нема да биде обезбедно. Со ова одобрување, се очекува делегираниот акт да стапи на сила во почетокот на 2023 година.

Сепак, сè уште има надеж, а таа е во правното дејство. По одлуката на Европскиот парламент, многу НВО сигнализираа дека размислуваат или планираат правни дејства. Гринпис изјави дека прво ќе поднесе формално барање за интерна ревизија до Комисијата, а ако резултатот биде негативен, ќе поднесе претставка до Европскиот суд на правдата против Комисијата за вклучувањето на фосилен гас и нуклеарна енергија во таксономијата. Освен тоа, Луксембург и Австрија ќе му се приклучат на Гринпис во предизвикувањето преку истиот суд. Шпанија и Данска изјавија дека и тие размислуваат да се приклучат кон тужбата.

Последниве години, граѓаните ги тужат своите влади и ги сметаат за одговорни за тоа што не успеале да преземат доволно мерки за да ги исполнат сопствените климатски обврски. Успехот на иновативни случаи како Државата Холандија против Фондацијата Ургенда и Notre Affaire à Tous и други против Франција покажаа како климатските парници можат да бидат инструмент во борба против климатската неправедност и моќна алатка во борбата против валканата политика и бавниот политички напредок, како и да го поплочат патот за други тужби.

Како што сè повеќе судови наоѓаат врски меѓу штетата врз животната средина и правото на живот, a расте и коалицијата на отпор против екоизманипулираната Таксономска регулатива на ЕУ, останува едно прашање: можат ли правните предизвици на климатските закони на ЕУ да доведат со сличен исход и победа на климатската правда?