Сè поголем број луѓе живеат и работат во странство како недржавјани, додека државите ги филтрираат и категоризираат жителите и нивните права на сè посложени начини. Што значи државјанството за милиони луѓе во Европа, кои се мигранти во каква било форма? Ако демократијата остане во својот национален калап, патот во 21 век може да биде пат на исклучување и на обесправување. Освен ако државјанството не може повторно да се замисли.

Ова е 2074 година во постапокалиптична Европа и организираниот живот на луѓето каков што го знаеме престана да постои. Тоа што останува од европското население е расфрлено низ континентот, живее во различни заедници или племиња. Ова е поставката на „Племињата на Европа“(Tribes of Europa),  серија на „Нетфликс“ од 2021 година, која се потпира на прилично вообичаен тренд во научната фантастика: човештвото по катастрофа се враќа во својата предмодерен облик. Иднината се замислува како враќање во минатото. За литературниот теоретичар Фредрик Џејмсон, парадоксот на научната фантастика е тоа што открива дека иднината на крајот е незамислива. Затоа, нејзината функција е „да не ни дава ‘слики‘ од иднината […], туку да го обезличи и преструктурира нашето искуство од нашата сегашност“.

„Племињата на Европа“, преокупирана со прашања за идентитетот и за припадноста, за групната лојалност и за поделената верност, зборува за сегашноста. Станува збор за потрага по (изгубена) заедница – нешто што, како што забележи социологот Зигмунт Бауман, сите го чувствуваме како недостига во ерата на „големото раздружување“. Интересно е што оваа иднина не познава нации и, што е уште поважно, ни национални држави. Исто така, нема други модернистички институции, нема модерни држави, нема граѓани, нема универзални права и така натаму. Тоа е свет по (или пред) модерното, во кој истовремено постојат различни историски, социјални и политички форми и каде што нема трага од модерниот секуларен човечки универзализам. Накратко, серијата ја открива нашата неспособност да размислуваме за универзалноста на правата надвор од националната држава.

Националност = државјанство

Научниците Андреас Вимер и Нина Глик Шилер тврдат дека националните држави почнаа да се разбираат како природни социјални и политички форми на модерниот свет: модерното, како што велат, „беше фрлено во железниот кафез на национализираните држави“. Тоа што тие го нарекуваат „методолошки национализам“ ја открива оваа натурализација на националната држава како слепа точка на модерното. Разбирањето на националните држави и општества како природно дадени предмети за проучување и моделот на национална држава како единствен замислив начин за организирање на политиката, произведе аналитичка поделба меѓу „нација“ и „држава“, а потоа и „нација“ и „демократија“. Затоа, националното врамување на модерното државотворење и демократизација стана невидливо. Според тоа, „нацијата“ беше сфатена како прашање на идентитет и на припадност, а „државата“ како суверен систем на власт на одредена територија. Поради ова, „национализмот се појавува како сила туѓа за историјата на западната државотворност. Место тоа, се проектира на други […] Западното државотворење беше замислено како ненационално, граѓанско, републиканско и либерално искуство “.

Модерната нација е „замислена заедница“, замислена повеќе на јазик отколку на крв, која, иако проектирана во историјата, беше свесен и намерен политички проект. Никогаш немало очигледни национални заедници на кои природно им одговарала националната држава. Секоја мораше да се изгради, често насилно, преку макотрпен процес. Меѓутоа, со оглед на тоа што нацијата е сфатена како контејнер на модерната држава и демократија, нејзината постојана улога во обликувањето на политиката за вклучување и исклучување беше оставена настрана. Денес, ова погодно заборавено национално врамување се врати со одмазда, можеби како фарса, но, сепак, смртоносно.

Следејќи го пропишаниот западен модел, задачата за градење одржлива национална култура стана природна последица на модернизацијата. Како таков, тој беше копиран низ целиот свет за време на деколонизацијата и, подоцна, во транзициските процеси на постсоцијалистичките земји. Во својата книга „Народи и граѓани во Југославија“, Игор Штикс го предлага (етно) националното врамување на државјанството и демократијата во неговите подединици како клучен момент во распаѓањето на мултинационалната федерација. Во согласност со западниот пат кон модерното, односно транзицијата кон либералната демократија и пазарната економија, нацијата беше сфатена како единствена остварлива рамка за демократизација, а законите за државјанство беа применети како едно од важните средства за нејзино основање. Штикс открива дека речиси во сите постјугословенски држави, новото законодавство им нуди привилегиран статус на членовите на мнозинската нација без оглед на нивното место на живеење и значително го комплицира процесот на натурализација за тие надвор од неа.

Дедемократизација на демократијата

Режимите за државјанство на западните национални држави имаат слична функција. Централниот парадокс на денешните либерални демократии, според филозофот Етјен Балибар, е дека тие треба истовремено да ја „потценуваат и потврдат“ равенката меѓу националноста и државјанството. Стиснати меѓу сеприсутното транснационално движење на капиталот и луѓето од една страна, и националните корени на нивниот легитимитет од друга страна, либералните демократии користат сложени административни и принудни апарати за да направат разлика меѓу граѓаните и недржавјаните, посакуваните и непожелните, тие што припаѓаат и тие што се исклучени, тие што можат да се „интегрираат“ и тие што ќе останат странци. Не изненадува што националните аспекти на државјанството се силно одразени во овие процеси. За некој да се натурализира, и со тоа да добие политички права, треба да ја докаже посветеноста не само кон државата, туку и кон нацијата, на пример со учење на националниот јазик и често со откажување од претходното државјанство.

Градењето на нацијата, иако е замаглено од бирократскиот и граѓански јазик, останува еден од централните критериуми што го обликуваат процесот на натурализација. На крајот на краиштата, во мнозинството европски држави „jus sanguinis“, пренесувањето на статусот на државјанство „преку крв“ од родителите на децата, е централната практика.

Меѓутоа, интензивната глобализација во последните 30 години ја доведе во прашање стабилноста на, наводно, автархичната национална држава, која ги спои граѓаните, суверените народи и националностите, додека појавата на неолибералната рационалност ги ослабна врските на солидарност меѓу членовите на националната група. Во текот на последната деценија, учеството на недржавјани значително се зголеми низ Европа, со случаи како што се Малта (5,3 проценти до 20,1 проценти), Австрија (11,8 проценти до 16,6 проценти), Исланд (6,7 проценти до 13,6 проценти), Германија (9,4 проценти до 12,5 проценти) и Ирска (11,8 проценти до 13,0 проценти). Во космополитските градови соодносот е уште поизразен: секој петти жител на Берлин и на Барселона, и речиси секој трет на Виена, не е државјанин.

Заедно со глобалната економска интеграција и појавата на моќни наднационални финансиски институции, беше кажано дека овие тектонски промени ќе доведат до пад на националната држава. Сепак, нашиот современ свет повеќе од кога и да е свет на национални држави. Тие се покажаа не само како компатибилни со глобализацијата, туку и неопходни за неа, особено во моменти на криза. Диференцијацијата на социјалните услови меѓу националната економија на различни земји и зачувувањето на експлоатирачките режими на труд со ниска цена, кои помагаат да се одржат, се токму силите што ја водат глобализацијата напред. Затоа, поточно е да се зборува за реконфигурација на националните држави, а не за нивно пропаѓање.

Според Балибар, концептите за државјанство и за демократија се неразделно поврзани, но, сепак, во своето срце институцијата државјанство носи контрадикција во однос на демократијата. Како универзална категорија што подразбира еднакви права за сите, модерната идеја за државјанство е во спротивност со нејзината „навистина постојна“ национална форма. Државјанството како „вечна идеја“ сугерира постојан чекор кон универзализација и освојување на правата. Додека демократијата, впишана како што е во националната држава, функционира за да зачува одредена дефиниција за државјанството и затоа станува неспособна да се спротивстави на нејзината „дедемократизација“.

Овој условен карактер на државјанството до неодамна во голема мера остана невидлив бидејќи модерното го поистоветува државјанството со националноста, што ги прави, практично, идентични во „основната равенка на модерната републиканска држава“. Демографските промени предизвикани од глобализацијата откриваат дека оваа равенка е историски одредена, во суштина нестабилна и подложна на уништување и на преформулирање. Тие, исто така, покажуваат дека националниот идентитет не мора да придонесува за единството на заедницата на граѓани.

Класи граѓани

Развојот на модерното граѓанство беше тесно поврзан со прогресивното проширување на правата, и во однос на нивниот квалитет – од граѓански до политички и социјални права – и за тоа кои се сметани за нивни легитимни носители. Неолибералното расклопување на моделот на социјална држава преку истовремена дерегулација, приватизација и индивидуализација ја промени насоката за развој на државјанството стеснувајќи го опсегот на социјални права и преобликувајќи го граѓанинот во граѓанин-претприемач.

Продирањето на неолибералната рационалност во политичката сфера, според зборовите на политичката теоретичарка Венди Браун, „произведува субјекти, форми на граѓанство и однесување и нова организација на општественото“. Тоа што таа го нарекува „дедемократизација на демократијата“ подразбира проширување на пазарните вредности во поранешните неекономски области, така што сите човечки и институционални активности ќе станат „рационална претприемачка акција“. Притоа, неолиберализмот ја брише разликата меѓу моралното и економското однесување и го означува моралот како прашање за рационално размислување. Самата држава се трансформира, не само што одговара на потребите на пазарот, туку се однесува како пазарен актер посочувајќи на здравјето и на порастот на економијата како основа за нејзиниот легитимитет. Браун заклучува дека, земени заедно, овие процеси доведуваат до смрт на либералната демократија бидејќи ја намалуваат поделбата меѓу економијата и политиката, така што политичките принципи за еднаквост и за слобода веќе не претставуваат алтернативни социјални и морални референции на тие на пазарот.

Една од последиците од оваа реконфигурација е комодификација на државјанството и трансформација на државата во давател на услуги слично на компанија. Во многу европски земји (Малта, Португалија, Шпанија, Грција, Латвија, Бугарија, Велика Британија, Црна Гора), престојот, па дури и самото државјанство, може да се купат директно или со вложување преку таканаречените програми за „златна виза“. Португалија стана првата земја на ЕУ што ја воведе оваа услуга во 2012 година нудејќи неколку патишта за престој (како што е трансфер на капитал од најмалку еден милион евра или купување имот во вредност од 500.000 евра или повеќе) и државјанство по пет години обновен престој (иако не е потребен физички престој). Овој сектор веќе беше наречен „индустрија за имиграциски инвестиции“, и многубројни консултации нудат експертска поддршка за добивање златни визи.

Процесот на натурализација е најгусто регулираниот аспект на законот за државјанство. За да се приспособат на зголемениот прилив на странци на нивна територија, државите развија огромен број статуси „под“ статусот граѓанин (привремени и постојани жители, бегалци, баратели на азил итн.), секој со различен збир на права и обврски. Притоа, тие ефективно конструираат класи граѓани, практика од која може само да се очекува да расте. Веќе се испробуваат многу концепти за „облак во заедницата“, како што се „дигитално граѓанство“ и „нација како услуга“, кои ја редефинираат државата како платформа на дигитални услуги, социјални и културни вредности и / или економски правила. Естонија е еден од пионерите на овој тренд со својата е-резиденција, што му овозможува на едно лице да работи економски во рамките на националниот правен систем, но без стандардни придобивки, како што е правото за вистински престој во земјата. Други држави, како Хрватска и Србија, воведуваат закон за олеснување на пристапот за престој за „дигитални номади“: државјани на трети земји што работат дигитално или имаат компанија регистрирана на друго место.

Демократија без државјани?

Во блокбастерот „Целосно отповикување“ (Total Recall ) од 2012 година, поставен на крајот на 21 век, граѓаните на Колонијата (поранешна Австралија) секојдневно патуваат преку гравитациски лифт низ јадрото на Земјата до единственото друго место за населување на планетата во Западна Европа. Ова сценарио многу личи на нашата современа ситуација: многубројни се тие што, физички или виртуелно, редовно ги преминуваат националните граници за да најдат работа.

Овој феномен беше особено забележлив на почетокот на кризата предизвикана од ковид-19. И покрај затворените граници, беа организирани специјални воздушни и железнички коридори за да им се овозможи на сезонските работници и на работниците за нега да патуваат од Романија во Германија и во Австрија. Овие нови типови мобилни работници мигранти сочинуваат сè поголем дел од европската работна сила, особено во земјоделството и во негата. Легалните сезонски работници, илегалните имигранти и државјаните од шенген-зоната што работат илегално сочинуваат дури една половина од земјоделските работници во Италија, додека Германија речиси целосно се потпира на миграцијата внатре во ЕУ за да ја задоволи својата побарувачка за сезонски земјоделски работници. Во Австрија, работниците за нега од Романија и од Словачка држат до 80 проценти од работните места во овој сектор.

Со преминување на работа од дома забрзано од пандемијата, способноста на капиталот да вработува работници надвор од националниот пазар на труд ќе се прошири и во други сектори. Глобализацијата на пазарот на трудот и неговото ширење на канцелариски работи ќе се почувствуваат најостро меѓу средната класа на богатите земји. Економистот Бранко Милановиќ укажува дека ова, пак, ќе ги направи попривлечни поевтините места за живеење, феномен што е веќе забележан во случајот со дигиталните номади. Како и физичките работници пред нив, овие работници може да почнат да се сомневаат во придобивките од глобализацијата и на сличен начин може да се повтори нарацијата „тие ги зедоа нашите работни места“, што дополнително доведува до десничарски чувства и порестриктивна миграциска политика.

Кога се екстраполираат, овие тенденции – сеприсутноста на недржавјаните и на мобилните работници мигранти, неолибералната трансформација на државата и на државјанството и зголемената употреба на нивоата на државјанство – сите накалемени во националната демократска рамка, даваат прилично дистописка слика. Обидот на „материјалната“ демократија да ја зачува националната дефиниција за државјанство може да имплицира дека значителен дел од нејзиното население (тие што сезонски, привремено или трајно ги населуваат и / или работат под нејзините законски рамки) ќе бидат недржавјани, па дури и нерезиденти. Во исто време, другите можат да уживаат во предностите купени на „пазарот за државјанство“. Со зголемениот број лица без државјанство, или тие со ограничени права на државјанство, државјанството веќе не може да се сфати како универзална категорија. Во контекст на климатската криза што може да значи поништување на политичките структури во погодените области и масовна миграција, овие перспективи се особено загрижувачки.

„Племињата на Европа“ претставува измислено сценарио за можна иднина. Тоа на што сме сведоци денес може да звучи како фикција, но станува реалност со галопирачко темпо: појавата на нов вид демократија, „демократија без граѓани“, каде што целосното државјанство е луксуз што не е достапен за сите (развој веќе предвиден во идејата за „нелиберална демократија“). Дали тие сè уште ќе се нарекуваат демократија или, поточно кажано, системи што институционализираат нови форми на апартхејд? Да не заборавиме, додека не беа делегитимирани, старите режими на апартхејдот се сметаа за демократски.

Можеме ли да сонуваме за поинаква иднина, дури и ако, како што вели Џејмсон, навистина не можеме да ја замислиме? Сигурно можеме да се обидеме. Бидејќи се чини дека модернистичката идеја за универзални права веќе не го наоѓа својот израз во националната рамка, зар не треба да размислуваме за алтернатива? Често се смета дека наднационалната структура на Европската унија е една. Меѓутоа, ова изгледа погрешно: како Федерацијата во „Ѕвездени патеки“, да наведеме уште една позната утописка иднина, тоа, во суштина, е продолжување на националниот модел, карактеризиран со цврсти граници, ексклузивен (и исклучувачки) идентитет и барање за лојалност кон нацијата (или Федерацијата). Сепак, тоа не значи дека Европската унија не може да игра улога, особено ако е сојузник во борбите за значењето на демократијата и на  државјанството што претстојат: може да помогне во олеснување на процесите на трансформација, особено ако ЕУ самата се трансформира.

Други имагинации изгледаат поветувачки, како што е растечкото значење на градовите што користат општински пристап за проширување на демократското учество (вклучително и недржавјани) и повторно воспоставување јавна сопственост и контрола врз критичната инфраструктура и услуги. Сродни со овие се обидите да се организира економска активност околу идеите за заедничките добра и економска демократија. Овие се залагаат за демократско управување на природните, културните и на изградените ресурси и инфраструктура што ги опфаќаат границите и националните интереси имплицирајќи создавање нови форми на државно уредување надвор од тоа на нацијата и на националниот граѓанин. Во контекст на еколошката криза, демократската сопственост и управувањето на ресурсите изгледаат особено соодветни за обидот да се оспори капиталистичката парадигма на бесконечен пораст. На крајот, ако сме сведоци на крајот на модерното, наше е да се бориме за тоа што следува, кои нејзини идеи и институции треба да ги задржиме, а кои треба да ги напуштиме.

Aлександра Савановиќ

Саша Савановиќ е независна истражувачка, авторка, уредничка и писателка. Таа е членка на белградскиот „zajednicko.org“, истражувачки колектив кој ги истражува пост-капиталистичките економски парадигми, од економската демократизација, до економијата заснована на заедничките обичаи и дерастот, како и современите трансформации на трудот, државата и граѓанството. Нејзиниот прв роман „Десетти живот“ (Живот бр. 10) беше објавен во 2018 година и влезе во потесниот избор за годишната награда НИН, најпрестижната книжевна награда во Србија.

Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation
Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation

Between the progressive movements fighting for rights and freedoms and the exclusionary politics of the far right, this edition examines the struggle over democracy and representation in Europe today.

Order your copy

More by Aleksandra Savanović