Некогаш постоеја „големи наративи“ кои објаснуваа сè, од однесувањето на државите до книжевност. Колапсот на поврзани заплети наложува ново размислување за тоа што нè поврзува, од Манила преку Силициумската Долина до Москва. Овој есеј на Питер Померанцев беше објавен на Coda Story во октомври 2021 година. По само неколку месеци, војната во Украина втурна многу општества во политичка и економска криза бидејќи нејзините последици непредвидливо одекнаа низ светот. Неговите зборови за тоа како борбите за права и слободи се секогаш поврзани се поитни од кога било.

„Драг Питер, долго чекав да ти пишам, но најновите вести ми разјаснија дека е едноставно опасно да не се говори.

Моите поранешни колеги се во затвор. Повеќе месеци моите пријатели и јас се мачиме да добиеме внимание од светските медиуми. Сега се случи нешто што го привлече вниманието на најголемите новински агенции, но се прашувам колку долго ќе трае. Има ли начин да се задржи вниманието? Се чувствувам како сите овде да сме заложници, и тоа е страшно. Сега сè, секакво злосторство стана можно овде.“

Летово ја добив оваа порака од еден пријател во Белорусија, неколку дена откако нивниот диктатор Александар Лукашенко употреби ловечки авион МиГ за да приземји меѓународен комерцијален лет кој го премина „неговиот“ воздушен простор и превезуваше еден белоруски новинар и неговата девојка кои живееја, наводно безбедно, во Литванија. По неколку дена, заробениот новинар, Роман Протасевич, се појави на државната телевизија со видливи знаци на насилство и призна предавство во сцена што потсетуваше на сталинистичките монтирани процеси.

Постоеше извесно негодување во она што го нарекуваме меѓународна заедница; беа употребени зборовите „киднапиран“, па дури и „терористички чин“. И тогаш, токму како што страхуваше мојот пријател, сè се заборави. Лукашенко се соочи со благи последици, како забрана на белоруската национална авиокомпанија да лета во Европа. Неговата порака кон секој што се осмели да му противречи беше посилна: Можам да ти правам што сакам, каде и да си.

Се мачев да одговорам на молбата на пријателот. За еден поединечен настан да биде запомнет мора да биде поткрепен со поголема приказна во којашто се вклопува. Секој кој играл меморија знае дека паметиме одделни нешта така што ги ставаме во секвенција каде што добиваат значење како дел од поголема целина. Истото важи за медиумите и за политиката, една сцена има моќ единствено како дел од поголем наратив.

Our latest issue – Aligning Stars: Routes to a Different Europe – is out now!

Read it online or get your copy delivered straight to your door.

Но, невидените злосторства на Лукашенко не добија пошироко значење. А не е само Белорусија. Од Бурма до Сирија, од Јемен до Шри Ланка, имаме повеќе докази од кога било за злосторства против човештвото: за измачување, хемиски напади, импровизирани бомбашки напади, силувања, репресија и неосновани апсења. Но, доказите едвај изнудуваат внимание, камо ли последици. Имаме повеќе можности за објавување; не сме ограничени со географски простор; нашата публика е потенцијално глобална. Сепак, повеќето сознанија или истражувања не одекнуваат. Зошто?

Поврзаниот наратив се распаѓа

Колапсот на Советскиот Сојуз требаше да нè поттикне на интроспекција и да нè охрабри да не исклучиме никого од пошироката приказна за човековите права против политичката репресија. И, за миг, во деведесеттите години на минатиот век, тоа се чинеше можно. Бидејќи бранот на демократизација ги урна и просоветските и проамериканските диктатури низ светот; бидејќи во 1998 година во Хаг беше формиран Меѓународниот суд за злосторства; бидејќи хуманитарните интервенции успешно беа преселени од Западен Балкан во Источна Африка, изгледаше дека правдата ќе биде распределена поеднакво.

Но, тогаш се случи нешто поразлично. Наместо да воведе повеќе ликови во приказната за човекови права, целата приказна спласна. Ситуацијата во која некои жртви добиваат поголемо внимание од други беше заменета со ситуација во која ниту една жртва не доби долготрајно внимание. Ужасите на Втората светска војна го принудија светот да ја усвои Декларацијата за човекови права на ООН, барем начелно, а катастрофите што следуваа по Студената војна во Сребреница и во Руанда ги охрабрија хуманитарните интервенции и поттикнаа „право за заштита“.

Во претходните злосторства против човештвото, незнаењето секогаш беше изговор. Од Аушвиц преку Сребреница до Руанда, водачите тврдеа или дека не биле свесни за фактите, дека фактите биле сомнителни или дека настаните се одвивале пребргу за тие да можат да реагираат. Но, денес имаме пристап до информирани медиуми кои често ни донесуваат многу непосредни докази, а сепак тоа значи помалку од кога и да е претходно. Сцената на злосторствата останува хаос од искривени слики.

Ова изгледаше поинаку за време на Студената војна. Тогаш изгледаше како да постои врска помеѓу апсењето на еден советски дисидент и на поголема геополитичка, институционална, морална, културна и историска борба. Медиумите, книгите и филмовите од тоа време раскажуваат приказни за одделни политички затвореници и за злоупотреба на човековите права како дел од една поголема составена приказна во пошироката битка за слобода наспроти диктатурата, битка за душата на историјата. И целата приказна направи јавноста во демократските општества да се чувствува подобро во однос на себеси, како дел од еден идентитет: ние сме на страната на слободата против тиранијата. Постоеја институции што ги поддржуваа овој наратив и идентитет. Политичките затвореници се чувствувале помалку ранливо кога информациите за нивното апсење беа објавувани на Би-би-си или на Радио Слободна Европа, преземени од Амнести Интернешнл, објавени во ООН, дискутирани од страна на американските претседатели на билатералните самити со советските водачи.

Сите овие елементи заедно го задржуваа вниманието. А кога сопствените гревови на западот беа откриени, како програмата на ЦИА за тајните ликвидирања за време на Студената војна и воените удари во седумдесеттите, тоа значеше дека постои рамка низ која може да се задржи вниманието и шокот на западната публика.

Постоеше нешто што некој би го нарекол „голем наратив“ што известуваше и опфаќаше сè, од однесувањето на државите, преку книжевноста и уметностите до тоа како луѓето се разбираа себеси. Тој беше поврзан со просветителски идеали за „напредок“ и „ослободување“, при што фактите и доказите беа нешто што треба да се почитува, да се потврди или да се отфрли со рационален аргумент или со сигурен доказ. Дури и советскиот режим беше затворен во јазик и светоглед каде што правата, оние на

колонизираните народи и првенствено на економски потчинетите, би можел барем теоретски да има значење. Тие дури и потпишаа гаранции за човекови права, што им овозможија на советските дисиденти да бараат од водачите во Кремљ „да ги почитуваат сопствените закони“.

Се разбира, големите наративи имаа свои проблеми. Тие често ги привилегираа жртвите на противничките идеологии, при тоа оставајќи мртви агли со големина на цели континенти. Свештениците убиени во Полска од страна на комунистите би добиле поголемо внимание во западните медиуми одошто свештениците убиени од американските сојузници во Ел Салвадор. Згаснувањето на бунтот во Будимпешта и Прага од страна на Црвениот крст беше невидено многу поприсутно во медиумите одошто згаснувањето на британските антиколонијални побуни во Кенија.

Денес имаме пристап до информирани медиуми кои често ни донесуваат многу непосредни докази, а сепак тоа значи помалку од кога и да е претходно.

Во овој натпревар за големи идеи, во кој секоја страна ги прогласува своите идеали за надмоќни, се создаде простор за дисидентите да бараат силите да им ги исполнат идеалите; на периферијата, се повикаа на овие идеали за да побараат поддршка од движењата за ослободување, населени во еден или друг логор.

Сепак, „чековите испишани во 1945 година во корист на најранливите луѓе во светот, означени како ’меѓународна хуманитарна помош‘ се силни“ смета Дејвид Милибанд, поранешен британски министер за надворешни работи и актуелен раководител на Меѓународниот комитет за спасување. Навлеговме во она што тој го нарекува доба на неказнивост: „Период кога војската, милицијата и платениците во конфликтите насекаде во светот веруваат дека може да се извлечат со што било, и поради тоа што можат да се извлечат со што било, тие прават сè.“

Колапсот делумно произлезе однатре. Говорот за правата и слободите беше истрошен од водачите што погрешно го користеа, оставајќи рамки без значење. Советскиот режим го распарчи говорот на економска праведност и еднаквост, така што дури и денес самото споменување на изразот „социјалистички“ е анатема за многумина во поранешниот комунистички блок. На запад, надмениот говор за слобода и тиранија беше пуштен во служба на непредизвиканите војни и беше загаден со неизбежните воени последици. Во 2003 година, претседателот Џорџ В. Буш намерно ги поврза битките во Студената војна со неговата визија за Блискиот Исток пред американската инвазија врз Ирак, ветувајќи дека „демократијата ќе победи“ и „слободата ќе биде иднина на секоја земја“. Наместо тоа, инвазијата предизвика граѓанска војна и стотици илјади згаснати животи; ја засили моќта на Иран и ја претвори Сирија во средиште на една нова авторитарна оска. Кај луѓето во богатите демократии тоа предизвика цинизам, и губење на интересот за нивниот личен идентитет. Зборовите што имаа силно значење во Источен Берлин и во Прага ја изгубија својата смисла во Багдад. Исто и сликите.

Покрај ова гниење од внатре постоеше и напад однадвор. Големиот лајтмотив на современата руска и сега кинеска пропаганда е дека желбата за слобода и борбата за права не водат до просперитет, туку до мизерија и крвопролевање. Каналите на руската пропаганда сакаат да спојуваат снимки од револуции во Сирија и во Украина предводени од народот, заедно со слики од претстојни конфликти во овие земји, како војната да е неизбежен резултат на револт, а не реакција на диктаторите да ги задушат револуциите. За разлика од демократијата, не толку суптилната порака вели дека диктатурата е силна и стабилна.

Од голем наратив до споена приказна

Овогодишната Нобелова награда за мир [2021] ја поделија двајца новинари: Марија Реса, уредник на Раплер на Филипините, и Дмитри Муратов, уредник на Новаја газета од Русија. Ако одблизу ја погледнеме нивната работа, ќе видиме дека се појавува нешто интересно.

Страдањето на Марија Реса можеше да биде прилично егзотично за светот. Таа е новинар под удар на филипинската влада поради тоа што ги критикува противзаконските убиства извршени во мандатот на претседателот Родриго Дутерте. Насекаде во светот, новинарите се напаѓани секојдневно, а на Филипините нив редовно ги убиваат без тоа да привлече големо внимание од другата страна на океанот. Дури и масовните убиства за кои пишуваше Марија (која е и во бордот на директори на Coda Story), при што илјадници беа убиени од провладини банди, ретко заслужуваат глобално главен наслов. Сепак, приказната на Марија привлече внимание. Како?

Кога истражувала што ѝ се случува, Марија видела дека во видот на нападите на Дутерте има нешто, неговото користење на армија тролови и кибервојска за застрашување, оцрнување и онеспособување на неговите противници, што било и ново и универзално. Тој не наметнувал едноставно цензура, тој ги преплавувал социјалните мрежи со комуникациски шум, така што вистината била скриена, искривувајќи ја реалноста. Марија направи сторија не само за Филипините, туку и за Фејсбук, за штетната страна на социјалните медиуми, за безвластието на дигиталната дезинформација. Нејзината кампања, и начинот на кој ја раскажа нејзината приказна, доведоа не само до претседателската палата во Манила, туку и до Силициумската Долина, до сите избори искривени со онлајн манипулација, до секој конфликт поттикнат преку дигитални кампањи за омраза, до секоја жена или малцинство кои биле малтретирани или вознемирувани на социјалните мрежи, до секој родител загрижен за тоа што се случува со неговото дете на интернет. Нејзината приказна стана клучна за секој законодавец и државен службеник кои размислуваат како да ја регулираат оваа нова граница. Таа го ажурираше начинот на кој размислуваме за слободата на изразување во дигитална димензија, принудувајќи ги технолошките компании барем да признаат дека неавтентично координираните кампањи не се легитимен говор, туку форма на цензура. Кога една вистинска личност ќе каже нешто непријатно, тоа е во ред. Но, кога неколку тролови се преправаат дека се илјадници непостоечки луѓе што велат една иста работа, тоа е нешто друго.

A истражувањето на Марија здружи земји што никогаш не биле ставени во ист контекст. Никој никогаш не помислил на Русија и на Филипините заедно. Нивните дисиденти не се среќаваат. Тие беа на различни страни во Студената војна. Но, сега овие две престолнини на онлајн манипулацијата станаа дел од една споена приказна. Марија ги следеше истражувањата на руските новинари за да сфати што се случува во нејзината земја, почна да ги гледа Русија и Филипините како една линија на фронтот на дигиталната авторитарност.

Ова е нова мисија за новинарството. Да ги открие неочекуваните вкрстувања помеѓу земји за кои никој никогаш не помислил дека се дел од иста мапа.

A Русија е едно од родните места на едно друго навидум локално нешто што стана глобален наратив. Кога руските активисти и новинари прво се обиделе да му соопштат на светот, во раната ера на Путин, за тоа како нивниот режим е заснован на кражбата на пари од државните институции и нивно перење во западните земји, повеќето кревале раменици. Кому му е гајле? Тоа е можеби лошо за Русија, но ги збогати Лондон и Њујорк, а го ослабна Кремљ. Беше потребна една деценија на бавни, болни аргументи и собирање докази за да се покаже дека корупцијата во Русија и во Африка, Централна Азија и на Блискиот Исток не се само локална трагедија. Тоа нè засегаше и нас. Тоа беше и начин да се инфилтрираат и да се нарушат демократиите, да се компромитира нашата надворешна политика, да се поткупат политичари и да се финансираат политики на крајната десница. Тоа создаде елита што користеше влијание и уцена да започне војни и да се извлече со тоа, бидејќи западните земји зависеа од коруптивните инвестиции. Тоа создаваше свет во кој глобално богатите живееја со друга низа правила, ослободени од домашна правда насекаде, и тоа, за возврат, ги подгреваше нееднаквоста и гневот што ја поткопа вербата на луѓето во демократските институции. А непријателот не се наоѓаше само во Кремљ, туку и помеѓу посредниците и перачите на пари во угледни канцеларии во Њујорк и Лондон.

Беше предизвик да се покаже дека трагедијата на една болница во северна Русија, ограбена од бирократи што купуваат недвижен имот во Лондон, е исто така нешто за што треба да се грижат луѓето во Пентагон. Денес корупцијата (или попрецизно клептократијата и перењето пари) стана централна безбедносна агенда за новата американска администрација. Но, беа потребни години работа за да се откријат врските што лежат под шумот вести и нарцистичкиот поглед на социјалните мрежи, и да се направи приказна од нешто што е навидум површно, а е испреплетено со животите на сите нас.

Значи, тоа е задачата: да се откријат меѓусебно поврзаните ластегарки на проблемите, меѓусебно испреплетените корења на проблемите што се вкрстуваат во светот повеќе од кога било и чие пошироко значење треба допрва да се открие. Порано, големиот наратив на демократијата нè прелетуваше, како авион што би можел да земе патници од една платформа наречена „човекови права“. Денес работиме со лопати. Копаме насип што изгледа како аномалија во едно ќоше од градината, но откако ќе го ископаме и искорнеме неговите ризоми водат до соседната градина. Ова е нова мисија за новинарството. Да открие зошто едно прашање во Манила се однесува и на Силициумската Долина и на Москва и на вас. Да ги открие неочекуваните вкрстувања помеѓу земји за кои никој никогаш не помислил дека се дел од иста мапа. Бидејќи овие нови линии постојат, тие не треба да се создаваат, туку да се откријат. И потоа еден скриен настан може да има значење за многумина, еден новински напис да одекне преку граници. Нова публика, која никогаш претходно не мислела дека има нешто заедничко со другите како неа, може да се обедини. А ова ново новинарство треба да стори повеќе одошто само да ги исцрта новите линии и да ја поврзе новата публика; тоа треба да ги ископа контурите на разговорот кој нуди решенија за проблемите што ги открива, овозможувајќи ѝ на својата публика можност да се трансформира од пасивен играч во учесник во креирањето на иднината.

Зашто иако старата приказна за „бранови на демократизација“ на лесно дефинирани и „декларации за човекови права“ што може да се поврзат избледе, луѓето сè уште ги ризикуваат своите животи и извори на егзистенција за да протестираат и да се борат за… па, за што точно? Последниве години видовме повеќе протести низ светов одошто кога било изминатите децении. Од Хонгконг до Тбилиси, од Судан до Чиле. И, се разбира, Белорусија. Белорусија која секогаш се распушташе како среќна со нејзиниот изопачен диктатор, задоволна со компромисот меѓу стабилност и владеењето на само еден човек. И тогаш одеднаш, невозможно, целата земја се крена. Не само урбаните либерали, туку и пензионерите и фабричките работници.

Но, за разлика од 1989 година, не размислуваме на сите овие протести во светот заедно. Не ги сметаме за дел од една неизбежна, споена Историја. Правата што тие ги бараат се многу различни. Режимите против кои се борат не се придржуваат задолжително до старите разлики меѓу демократиите и диктатурите. А, сепак, нешто ги предизвикува луѓето. Некој вид нагон, потреба што не може да се задоволи. Што ги поврзува сите овие различни движења? Што ќе најдеме при процесот на ископување? Можеби, долу демне нешто споено, сите ластегарки водат до една целина, нешто живо, огромно, што помни сè, глобално, ужасно, што се подготвува на епската ризница докази, терабајти податоци со снимени злосторства против човештвото и злоупотреба, да ѝ даде цел и значење.

Овој текст е победник на Европската новинарска награда за 2022 година. Првобитно беше објавен на Coda Story, Грузија. Повторната објава на оваа статија беше одобрена од Европската новинарска награда. Посетете ја еuropeanpressprize.com за повеќе одлични новинарски текстови. Дистрибуција Voxeurop syndication service.