Разочарана од претставничката демократија што дозволила подем на националниот социјализам и инспирирана од старогрчките полиси, политичката теоретичарка Хана Арент цврсто верувала во моќта на директната демократија да овозможи вистинска политичка слобода. Иако се чини дека овој модел денес е многу далеку од реалноста, нејзината работа може да фрли светлина врз заживувањето на демократијата во време на кородирана доверба во политичките институции, охрабрена крајна десница и еколошки распад.

Хана Арент (1906-1975), несомнено, е една од најинтересните мислители на 20 век. Арент, родена во германско-еврејско семејство, нацистичкиот терор ја принудил да ја напушти својата татковина во 1933 година, а таа своите филозофски знаења ги применила за да ги сфати политичките и историски настани од своето време. Во никој случај зелен филозоф, па дури ни претходник на еколошката мисла, Арент, сепак, влијаела врз многу зелени. Нејзината работа за граѓанско учество и за граѓанска непослушност – важна и за еколошкото размислување и за практиката – може да инспирира итна дискусија за иднината на демократијата на еколошки одржлива планета.

Арент во граѓанското учество гледала суштински услов не само за заштита и за унапредување на општото добро, туку и за исполнувањето како човек. Затоа, зачувувањето на демократијата се заснова на зачувување на граѓанската слобода, што може да се обезбеди само со директно учество во заеднички работи – човекот се трансформира во политичкото животно какво што мора да биде за да се исполни себеси.

Важно е да се разликува аристотелската гранка на републиканизмот што ја следи Арент, од попопуларната неоримска гранка. Додека првата смета дека учеството е суштински добро и, според тоа, е скептична кон претставничката демократија и државата, втората тврди дека граѓанското учество е важно, но само како начин да се обезбеди независност од произволна или неконтролирана моќ, без разлика дали тоа лежи кај другите (индивидуални граѓани, групи или компании) или државата. Примената на пристапот на Арент кон животот денес се соочува со дополнителен предизвик, да  се пресмета колку сегашните општества се далеку од старогрчките полиси на кои таа толку длабоко им се восхитувала.

Друга област на филозофијата на Арент за демократијата е граѓанската непослушност. Според Арент, граѓанската непослушност е прашање на политика, а не на совест или морал. Таа била критична кон Хенри Дејвид Торо, истакнат есеист од 19 век и поборник за граѓанска непослушност: и покрај тоа што, потенцијално, имал добри причини да одбие да ги плати своите даноци, а со тоа и да не го почитува законот, тој се потпирал на моралот и на совеста. Како што велел Торо, граѓанинот нема „да ја остави својата совест на законодавецот“. Арент го отфрла овој пристап како индивидуалистички. Совеста е „неполитичка“, одразува сопствени верувања, а не грижа за заедничка правда. Со приоритет на индивидуалната совест, Торо ја прави граѓанската непослушност индивидуална работа; Арент, од друга страна, тврдела дека граѓанската непослушност мора да биде колективна работа.

Место конфликтни, овие два пристапа кон граѓанската непослушност, всушност, можат да бидат комплементарни. Ова, навистина, се чини дека е случај во сегашните акти на граѓанска непослушност со еколошка димензија, како што се окупациите на ЗАД (Зона за одбрана, од француски, zone à défendre), каде што совесната непослушност се среќава со политичката непослушност. Приговорот, дали поради совест или како заедничка политичка акција, станува начин на собирање на граѓаните со иста крајна цел.

Меѓутоа, како што признава самата Арент, не е доволно само граѓанска непослушност. Одбраната и промовирањето на слободата и на демократијата бараат позитивна акција во корист на нешто (а не само против). Овој вид граѓанско учество би служел за две цели. Првата: реализација на граѓанинот како политичко животно, или зоон политикон, да го искористиме аристотеловскиот термин. И втората: изразување грижа за општото добро, обезбедување заедничка слобода и демократско општество. Така, учеството е суштински важно на лична основа и е инструментално важно за обезбедување демократија и слобода.

Арент не е водич што треба слепо да се следи, но нејзиниот републиканизам може да послужи како инспирација за решавање на повеќекратните предизвици на 21 век.

Според Арент, граѓаните треба да ги надминат приватните интереси за да дејствуваат заедно во корист на општото добро. Тие го искажуваат своето државјанство со тоа што се дел од vita activa (активен живот) и преку вклучување во расправа за тоа што е најдобро за нивното општество. Учеството може да има повеќе форми, како што е да се биде активен во граѓански организации или невладини организации. Иако Арент, можеби, била премногу строга во одвојувањето на јавната и на приватната сфера и, секако, претпочитала директна место претставничка демократија, нејзината теорија, сепак, нуди индиции за подобрување на демократијата и на застапеноста.

Што може да се извлече од работата на Арент во 2020 година, обележана со преклопување на еколошка, социјална, здравствена и на демократска криза? Арент го ценела грчкиот полис и неговата директна демократија, но дали е, навистина, неопходно да се напушти државната и претставничка демократија? Во моментов, таквото сценарио изгледа како само малку повеќе од академска вежба за имагинација. Но, тоа не значи дека треба да бегаме од прегледување на начините на кои функционира застапувањето и како може да се подобри и прошири учеството на граѓаните.

И покрај скептицизмот на Арент, државата игра важна улога во решавањето на потребата за поголема демократија и учество. Ова станува особено клучно во време на еколошки распад, каде што е неопходна координација на ниво повисоко од локалното. Државата е, исто така, неопходна за уривање на структурните пречки за учество и за засилување на граѓаните преку создавање форуми и обезбедување образование и ресурси.

Има барем еден пат што нуди начин за помирување на директната и на претставничката демократија и на јавните и на приватните грижи: собрание на граѓани. Ова собрание може да биде или постојано тело што работи со комората на избрани претставници или еднократна вежба задолжена за специфични цели. Неговите учесници се избираат по случаен избор, слично на сортирањето што било вообичаена практика во скапоцената античка Грција на Арент.

Се појавуваат голем број прашања при дефинирањето на собранието на граѓани: доколку е постојано, колку треба да биде времетраењето на мандатот? Ако е привремено собрание со фиксна цел, кој може да повика на создавање собрание – само државата или и граѓаните? И, најважно од сè, каков степен на моќ треба да му се додели на собранието? Дали треба да може да донесе закон, да номинира или отфрли министри или да управува дел од јавниот буџет? Сите овие прашања зборуваат за флексибилноста на концептот. Граѓанското собрание нуди средства за да ги собере граѓаните на разговор. Во суштина, тоа е длабоко републиканска алатка и ветување дека ќе се негува демократијата, учеството и чувството за граѓанска должност.

Надвор од јавното приватно раздвојување на Арент, таквото собрание би можело да им даде простор на граѓаните да откријат дека приватните проблеми, исто така, можат да бидат заеднички и да најдат начини за нивно решавање почитувајќи ја и нивната приватна и јавна природа. Иако собранието на граѓани не одговара целосно на желбата на Арент за директна демократија, тоа има потенцијал моќно да го продлабочи учеството. Арент не е водич што треба слепо да се следи, но нејзиниот републиканизам може да послужи како инспирација за решавање на повеќекратните предизвици на 21 век. Соочени со демократски системи што се борат и со еколошки колапс, зголеменото учество и засилувањето на граѓаните може да биде клучен начин за зачувување на слободата и за одбрана на општото добро.

Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation
Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation

Between the progressive movements fighting for rights and freedoms and the exclusionary politics of the far right, this edition examines the struggle over democracy and representation in Europe today.

Order your copy

Cookies on our website allow us to deliver better content by enhancing our understanding of what pages are visited. Data from cookies is stored anonymously and only shared with analytics partners in an anonymised form.

Find out more about our use of cookies in our privacy policy.