Пандемијата на ковид-19 и економската криза што следуваше турнаа милиони луѓе во несигурност. Во исто време, Европската унија и нејзините земји-членки презедоа невидени активности за заштита на работните места и за ублажување на најтешките економски влијанија. Разговаравме со Филип Поше, генералниот директор на Европскиот синдикален институт, за тоа што значеше пандемијата за работниците низ Европа. Кризата отвори прозорец на можности за притисок за поправедна и зелена иднина, но позитивните промени не можат да се земат здраво за готово. На Европа ѝ е потребен нов социо-еколошки договор, кој ги спојува прашањата за нееднаквост, клима и за дигитална економија, за да обезбеди социјална правда и одржливост.

Зелен европски журнал: Покрај здравствен шок, пандемијата беше и голем социјален и економски шок. Како се погодени вработувањето и платите во Европа?

Филип Поше: Главната разлика меѓу сегашната криза и претходната криза од 2008 година до 2013 година се ефектите врз секторите. Културниот и угостителскиот сектор речиси целосно запреа, додека другите, на пример, финансиската индустрија, не беа толку погодени. Овој расчекор, исто така, значи дека одредени земји, како што се тие што зависат од туризмот, беа многу поизложени. Вкупно, вработувањето опадна помалку отколку што можеше да се очекува поради програмите за краткорочни вработувања и отпуштања усвоени низ цела Европа, при што владите истураа пари во системот. Во последната криза, само во неколку земји имаше програми за краткорочни вработувања, како што е Германија, на пример. Значи, стапката на вработување опадна, но не толку колку што можеше. Од почетокот на пандемијата околу пет милиони луѓе го напуштија пазарот на труд во Европа. Прашањето е што ќе се случи кога ќе заврши поддршката, што може да биде во летото 2021 година, кога пандемијата, можеби, донекаде ќе попушти.

Сепак, најважното влијание во иднина може да биде зголемувањето на нееднаквоста. Многу вработени сега работат од дома и нивната потрошувачка е намалена, што им овозможува да создадат заштеди. Другите работници, од кои многумина веќе беа во несигурна положба, забележаа намалување на приходите. Програмите за краткорочни вработувања и отпуштања се подобри од надоместот за невработеност – тие можат да ја надоместат заработката до 50, 60 или максимум 80 проценти – но, сепак, тоа не е целосна плата и многу луѓе немаат резерви на кои ќе се потпрат. Кога ќе излеземе од оваа криза, некои ќе имаат создадено заштеди, а други ќе останат без ништо. И за вработувањето и за нееднаквоста, ефектите сè уште не се јасни, но ќе станат позабележливи во наредните месеци.

До кој степен синдикатите успеаја да го пренесат својот глас до владата за време на здравствената криза?

Можеби тоа не се случи насекаде – на пример, во Унгарија и во Полска синдикатите беа ставени настрана – но, во целина, враќањето на синдикатите како социјален актер е јасно. Дискурсот што еднаш тврдеше дека синдикатите го прават општеството помалку слободно или дека се некако конзервативни, исчезна. Можеби се сеќавате дека Генералниот директорат за финансии на Европската комисија тврдеше дека здрав пазар на труд е тој што е флексибилен, со ниска минимална плата и со слаби синдикати. Тој став почна да се менува уште пред кризата предизвикана од ковид-19, со меѓународни организации како ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) велејќи дека синдикатите со своите традиционални цели за еднаквост и за социјална правда имаат позитивно влијание врз економијата.

Вкупно, вработувањето опадна помалку отколку што можеше да се очекува поради програмите за краткорочни вработувања и отпуштања усвоени низ цела Европа, при што владите истураа пари во системот.

Сега е познато дека за решавање криза мора да разговарате со синдикатите. Социјалните движења како што се „Жолтите елеци“ во Франција, исто така, ја покажаа важноста на посредничките организации, како синдикатите, за демократијата. Без посредници, владите се борат да создадат дијалог и да постигнат компромиси.

Што го загрижува синдикалното движење додека гледаме кон следната фаза на пандемијата?

Најголем страв е враќањето на штедењето. Во 2008-2010 година кејнзијанизмот и зелениот кејнзијанизам беа зборовите на денот. А потоа, во 2010-2011 година, видовме радикално штедење и враќање на неолиберализмот. Ако излегувањето од сегашната криза значи враќање во стариот свет, тогаш целиот јавен долг преземен за време на пандемијата може да се искористи за да се оправда натамошното стегање на ременот и кратењето на јавниот сектор. Можеби тоа нема да се случи во 2021 година, но некои гласови од неолибералните политички партии веќе почнуваат да зборуваат за одржливост на долгот.

Втората грижа е неизвесноста за промените на ниво на ЕУ. Задолжувањето на европско ниво, фондот за закрепнување и проширениот буџет на ЕУ се огромни подобрувања (за Германија тие претставуваат нова и неочекувана предност), но ниту една од овие програми временски не е безбедна. Тие се прифатени на една, две, можеби три години, но ги нема во договорите. Промена на мислењето во Германија (имајќи предвид дека има избори во есента 2021 година) и готово е. За да се избегне враќање на вообичаеното работење, од почетокот на пандемијата мора да бидат обезбедени промени во управувањето на монетарната унија и европскиот семестар.

Третиот страв е големото прашање како ќе изгледа светот по ковид-19. Како ќе изгледа зелената транзиција во реалноста? Колку ќе биде „праведна“ оваа транзиција? Праведната транзицијата не се однесува само на рударите во Полска; се работи за милиони луѓе што работат во автомобилската индустрија низ Европа. Зелената транзиција ќе има огромни секторски влијанија во наредните години, со пораст во некои сектори и пад во други. Потребен ни е искрен разговор бидејќи е премногу лесно да се биде оптимист и да се каже: „Транзицијата ќе биде праведна и ЕУ ќе има фонд за заздравување во вредност од два или три процента од БДП, така што сè ќе биде добро“. Ќе биде посложено од тоа.

Видовме големи промени на европско ниво: заеми за земјите-членки од 100 милијарди евра за поддршка на шеми за краткорочни вработувања, потоа фонд за заздравување од 750 милијарди евра за поддршка на инвестиции, сите финансирани преку задолжување на ниво на ЕУ. Како може да се обезбеди овој очигледен пресврт кон посоцијална Европа?

Промената се случува кога идеите се трансформираат во институции бидејќи тие носат стабилност во рамнотежата на моќ во даден момент. Сега наједноставниот начин би бил да се сменат европските договори, но сите знаеме колку тешко би било тоа. На еден или друг начин, овие промени треба да се обезбедат за да не зависат од следните изборни или политички кризи. Конференцијата за иднината на Европа – кога и да дозволи здравствената состојба таа, конечно, да продолжи – ќе биде важна шанса да разговараме за тоа што го сакаме од новата фаза на интеграција во ЕУ. Тоа е дебата за иднината на Европа што треба да се случи затоа што сите економисти се согласуваат дека без консолидирање на монетарната унија, таа на крајот ќе експлодира.

Задолжувањето на европско ниво, фондот за заздравување и проширениот буџет на ЕУ се огромни подобрувања, но ниту една од овие програми не е временски безбедна.

Другиот дел од социјалната димензија се однесува на нееднаквоста. Европската комисија во моментов само индиректно се занимава со нееднаквоста, додека таа треба да биде централна за европскиот социјален компромис. Првично, европскиот социјален пакт беше следниов: нема да има европска социјална држава, туку сите работници ќе бидат еднакво третирани на одредена територија. Сепак, погледнете што се случи со испратените работници од средината на 90-тите наваму: првично техничкото прашање на некои компании што испраќаат вработени во странство стана средство за да се овозможи конкуренција за платите и за правата на одредена територија. Денес постојат некои знаци за враќање на првобитната идеја да нема конкуренција во националниот простор. Директивата за испратени работници е реформирана намалувајќи ја конкуренцијата меѓу испратените и националните работници, а ЕУ се обидува да изгради правила за минималната плата и за структурата на платите на европско ниво. Потребно е да се решат и другите аспекти на социјалните права, како што се колективното преговарање за самовработени и ребаланс на моќта на гигантите на платформи како „Убер“ соодветно на работниците. Европската комисија треба да ја искористи еднаквоста за да ги обликува сите овие предизвици. Обновата на довербата во Европа нема да оди никаде без решавање на прашањето за нееднаквоста, а не, пак,  следниот предизвик за зазеленување на општеството.

Кои се најзначајните делови од социјалното законодавство на ЕУ во моментов?

Најважна е Директивата за минимална плата. Додека некогаш минималната плата се сметаше за пречка за порастот, сега е на маса идејата за конвергенција на минималната плата. Со предлогот на Комисијата ќе се постави минимално ниво за пристојна минимална плата во однос на нивото на плата во одредена земја. Ова, исто така, ќе поттикне разговор за разликите во животниот стандард меѓу Истокот и Западот. На пример, минималната плата утврдена на 60 проценти од просечната во Бугарија би била 300 евра, што е релативно малку. Предлогот, исто така, има цел да го зголеми опфатот на колективното преговарање за да достигне до 70 проценти од работната сила. Во Австрија, Белгија и во Франција, колективните договори за работа ги опфаќаат речиси сите работници, но ретки земји имаат толку обемно покривање. Според тоа, оваа реформа ќе изгради институции и управување што ќе ја засилат рамнотежата на моќта меѓу претпријатијата и синдикатите.

Логиката на оваа насока би била конкуренцијата да се помести од платите и условите за работа на иновации. Повисоките плати ги охрабруваат фирмите да иновираат на пазарот на производи и да се фокусираат на квалитетот. Ваквите работни реформи се дел од различната визија за општеството, таа што не се заснова на изработка на евтина стока за еднократна употреба, туку на производи направени за да траат, кои можат повторно да се користат и рециклираат. Овој закон не се однесува само на определување минимална плата; тој ќе постави нови услови за производство на стока и на услуги. Тоа е вкус на нов социјален компромис за иднината.

Значи, јасно е дека проширувањето на социјалните права и зелената индустриска стратегија одат рака под рака. Овој февруари Европскиот синдикален институт и Конфедерација беа домаќини на конференцијата за нов социјално-еколошки договор. Што би значел новиот социјално-еколошки договор пошироко?

Идејата за договор е нешто силно, институција што е обврзувачка, трајна и во која луѓето влегуваат слободно. По Втората светска војна имаше траен социјален договор во Западна Европа. Денес рамката на кој било социјален договор ќе треба да се прошири. Прашањата за климатските промени и губењето на биодиверзитетот веќе не можат да се сметаат за маргинални. Ниту, пак, ќе биде доволна тесна дефиниција за климатските промени, која се фокусира на соларните постројки и на ветерниците. Тоа врамување е, исто така, редуктивно во однос на пошироката еколошка криза. Го проширува социјално-еколошкиот договор за да овозможи дискусија за суштинското прашање за тоа какво општество сакаме. Да речеме поапстрактно, што треба да забрзаме, а што да забавиме? Синдикатите сакаат да го водат овој разговор. Нема само да кажеме: „Оваа Комисија е малку посоцијална и се чини дека сите сакаат праведна транзиција, па решено е“. Сакаме разговор за иднината и за клучните прашања како што се нееднаквоста, климата и дигитализацијата. Разговор што препознава каде има консензус и каде има тензии, што може да биде технички кога работите се комплексни и што ги собира актерите за да се осигури дека дебатата се движи подалеку од идеите за, навистина, да се придвижат работите.

Обновата на довербата во Европа нема да оди никаде без решавање на прашањето за нееднаквоста, а не, пак,  следниот предизвик за зазеленување на општеството.

Дали синдикалното движење се враќа на некои од своите историски барања со ова поголемо внимание на прашања надвор од платите и од вработувањето?

Ако погледнете во историјата на синдикалното движење, зголемувањето на платите секогаш било клучна борба, но имало и прашања како што се индустриската демократија, размислувањата на Маркс и на другите за отуѓувањето, производството и за задругарството или квалитетот на работата. Ова не значи дека синдикатите се зелено движење – тие не се – туку дека постои долга синдикална традиција да се прашува која е вредноста на работата, зошто работиме, која е вредноста на автономијата итн. Овој дух, кој не беше нужно доминантен во повоените години, може повторно да се активира. Ова синдикално наследство, наследство што го делат сите земји што се дел од синдикалното движење, денес се појавува посилно и може да се поврзе со несиндикалните интереси како почетна точка за разговор. Синдикатите секогаш ќе ги бранат работниците, но имаше различни приказни како најдобро да се направи тоа. Да се размислува само за платите беше една поедноставена нарација; сега е посложено. Потребно е и учество, автономија и достоинство.

Во минатото повикувавте на поголема соработка меѓу синдикатите и зелените движења во „Зелен европски журнал“. Дали стигнуваме до тоа?
Претстои уште долг пат бидејќи традициите и составот на двете групи не се исти, но има јасен напредок. Зелените признаваат дека социјалната страна треба да се сфати посериозно, а синдикатите дека еколошката страна треба да се сфати посериозно. Сега ние мора да преминеме од тоа за што се согласуваме, на пример, идеи како праведна транзиција, кон акција. Тоа е потешкиот чекор и тука разговорот ќе стане интересен. Веќе 20 години знаеме дека доопремувањето преку градежниот сектор е добро и за климата и за работните места, но е постигнат мал напредок. Секоја влада ветува половина милион зелени работни места во градежништвото, но во реалноста тоа секогаш е околу 50.000. Постои широк консензус на секои 10 години, но што произлегува од тоа? Тоа што е најважно сега е да ги завршиме работите.

Разговорот за дигитализација и за вештачка интелигенција ве носи на сосема друго место, отколку разговор за нов социјално-еколошки договор, но треба да ги усогласиме двете работи.

Да се вратиме на прашањето за нов социјално-еколошки договор, како реалноста на продлабочување на нееднаквоста и потенцијалното враќање на штедењето се вклопува со раширената надеж за алтернативна, позелена и поправедна насока по ковид-19?

Пандемијата отвори прозорец за нови, порадикални идеи, кои би можеле да станат нова нормална состојба. Овој прозорец ќе остане отворен во следните две или три години. Погледнете ја администрацијата на Бајден во САД. Ја води вистински центрист од Демократската партија, која и така никогаш не била толку левичарска, но неговите први одлуки се покажаа како брзи и силни за социјалните и еколошки прашања. Сепак, не треба да бидеме наивни. Кризата ја продлабочи нееднаквоста и секој прозорец на можности е ограничен од сопствени интереси. Треба да бидеме внимателни во однос на дискурсот за секој што оди во вистинската насока додека се зголемува социјалната исклученост и се во подем инвестициите од еден процент на берзите. Каматната нулта-стапка овозможи берзата да продолжи да расте и да добива моќ и покрај годината на лоши економски вести. Треба да обрнеме внимание на ова. Можеби некои ставови се сменија, но вистинското прашање е колку, навистина, се изменети односите на моќта.

Техничките фирми, исто така, добија поголема моќ и вредност во текот на пандемијата. Дали недостига дигиталниот аспект од европската дебата за заздравување и од Европскиот зелен договор?

Разговорот за дигитализација и за вештачка интелигенција ве носи на сосема друго место, отколку разговор за нов социјално-еколошки договор, но треба да ги усогласиме двете работи. Европската комисија има два приоритета за Европа, зелен и дигитален, но тие не зборуваат еден со друг. Какво влијание ќе има дигиталната иднина врз климата? Едноставно, не се дискутира за тоа.

Пјер Шарбоние неодамна тврдеше дека сме малку наивни во Европа бидејќи сметаме дека животната средина и социјалното прашање ќе одат рака под рака. Се надеваме на убава синтеза на најдоброто од социјалното и на најдоброто од животната средина. Но, постојат и други модели – постои зелениот капитализам на Бајден или кинеското здружение за зелен надзор; некои се повеќе насочени кон државата, а некои се повеќе водени од пазарот. Во никој случај не е сигурно која од конкурентските визии за транзицијата ќе победи. Затоа Европа треба да ги спои сите овие прашања во разговор што опфаќа социјална, еколошка и економска тема.