Слободата на печатот е од суштинско значење за демократијата дозволувајќи отворена дебата и осветлувајќи ги злоупотребите на власта. Медиумите во Централна Европа мораа да се борат со намалената разновидност во секторот, преземањето на независните медиуми и сеприсутноста на пропагандата. Сепак, некои медиуми во овие земји се покажаа како извонредно отпорни продолжувајќи да произведуваат квалитетно известување и покрај зголемениот притисок од владата. Со доволна поддршка од читателите и од меѓународната заедница, тие би можеле да формираат столб на новиот, плуралистички медиумски простор.

Централноевропското новинарство е далеку од мртво. Тие што не веруваат треба само да ги погледнат победниците и номинираните за Европската награда за печат – награда што стана сè позначаен показател за новинарскиот квалитет во Европа. Во 2020 година, најдоброто мислење дојде од најголемиот словачки дневен весник, „СМЕ“. Беата Балогова, новинарката што учествуваше во студентските протести во 1989 година против неслободниот социјалистички режим во земјата, опиша како по три децении во демократија, Словаците повторно се најдоа на крстопат меѓу слободата и „неслободата“. Нејзиното дело повикуваше на отпор против политичарите што „ја киднапираат иднината“ и ги оправдуваат своите деструктивни мерки врз основа на „заштита на идентитетот на нацијата од непријатели, непријатели што ги зготвија по рецепти на успешни автократи“.

Истата година, „Спиече“ (Spięcie), заеднички проект меѓу пет независни редакции во Полска, беше пофален од жирито што ја доделува Европската награда за печат за напорите да се соочи со поларизацијата во полското општество. Списанијата што учествуваа – кои се наоѓаат на различни точки од политичкиот спектар, од умерена конзервативна до прогресивна левица – заедно избраа серија теми што треба да се обработат. Меѓутоа, место да ги објавуваат написите од сопствениот персонал, тие објавуваа написи едни од други за да ги соочат читателите со нови, можеби непознати перспективи и за да им помогнат да ги разбијат меурите на филтрација. Медиумите во регионот се, исто така, добро застапени меѓу неодамнешните номинации, вклучително и романската „Република“ (Republica.ro) за истакнување на вкоренетата тенденција за обвинување на жртвите (без разлика дали станува збор за случаи на сексуално вознемирување, сообраќајни несреќи или природни катастрофи) во романското општество во 2017 година, унгарскиот медиум „Директ36“ (Direkt36) за опишување како германската индустрија го заштитува режимот на Виктор Орбан од критиките на Западот во 2021 година и чешката веб-страница „А2ларм“ (A2larm )за анализа што значи „Црниот живот е важен“ за ромското малцинство, истата година.

Меѓутоа, моќното новинарство во регионот не е ограничено само на потесниот избор за наградата. Во 2018 година во Словачка Јан Куцијак и Мартина Кушнирова беа убиени како одмазда за нивното истражно известување за криминални организации, објавено на интернет -порталот за вести „Актуелност“ (Aktuality.sk). Бугарскиот истражувачки медиум „Бивол“ (Bivol), тријазичната балтичка истражувачка веб-страница „Ре: Балтика“ (Re: Baltica) и прекуграничните проекти како Балканската мрежа за истражувачко новинарство им се добро познати на новинарите низ Европа. Романскиот документарен филм „Колектив“(Collective ), номиниран за „Оскар“, прикажува како новинарот Каталин Толонтан и неговиот тим во спортскиот весник „Газета спортурилор“ (Gazeta Sporturilor ) почнале истрага за да откријат како корупцијата и неспособноста довеле до смрт на десетици луѓе по пожарот во ноќен клуб во Букурешт. Тешкиот извештај доведе до оставка на министерот за здравство – впечатлив пример за тоа како педантното новинарство може да има вистинско влијание. Додека документарниот филм завршува со отрезнувачки заклучок дека доброто новинарство не може само да ги донесе потребните промени во општеството, работата на овие репортери испраќа јасен сигнал до политичарите дека не можат да очекуваат дека сè ќе им успее.

Клима на преземање

Иако, очигледно, нема недостиг од квалитетно новинарство, политичката и економска средина во Централна Европа во изминатите децении им отежнуваше на овие медиуми да најдат одржливи извори на приход. Многумина се бореа да соберат доволно средства за да ги финансираат напорните истражувања потребни за нивното известување, како и соодветно далекосежни канали за дистрибуција за нивните наоди. Претходен напис за „Зелениот европски журнал“ опишува како медиумското опкружување во новите источни земји-членки на ЕУ стануваше сè поживописно кога почнаа да се отвораат, почнувајќи од раните 90–ти години. На новинарите, конечно, им беше дозволено да пишуваат послободно и во нови формати, кои претходно не им беа познати. Повеќето медиуми завршија во рацете на големи странски конгломерати. Во земјите што беа географски поблиску до „Запад“ (како што се вишеградските земји: Полска, Словачка, Чешка и Унгарија), тоа значеше до 80 проценти од пазарот. Тие со право беа критикувани за давање приоритет на профитот во однос на новинарскиот квалитет, но денес постои одредена носталгија за времето на странска сопственост. Во Унгарија, многу новинари тврдат дека странските компании обезбедија финансиска стабилност и ефективно ги заштитуваа редакциите од политички притисоци.

Независните медиуми во Централна Европа не треба да се напуштат.

Новиот милениум донесе голем број неповолни случувања поради недостигот од барања за владеење на правото по пристапувањето во ЕУ, економска криза и промени на пазарот на медиумите предизвикани од брзото ширење на пристапот до интернет. Во согласност со глобалниот тренд, приходите од медиумите опаднаа, огласувачите преминаа на „Гугл“ и на „Фејсбук“, а многу претходно профитабилни медиуми се најдоа со финансиите во минус. Странските сопственици го загубија интересот за медиумите што ги купија во текот на претходната деценија (особено во помалите земји; помалку на релативно големиот и посилен полски пазар). Речиси истовремено, нов вид политичари, авторитети и популисти, почна да покажува зголемен апетит за медиумска контрола. Ова доведе до појава на преземање на медиумите, при што приватните интереси извршија сосема доволен притисок врз независните медиуми за да ги спречат правилно да ја вршат својата работа, истовремено престанувајќи отворено да ги кршат нивните права.

Место да ги затвораат новинарите или да испраќаат екипи за упад во редакциите, владите што сакаа да ја заострат контролата воведоа повисоки даноци или непропорционални барања за контрола на квалитетот што ги оттргнаа новинарите од нивните основни задачи. Во меѓувреме, групите од интерес манипулираа со пазарот на реклами за да наметнат влијание врз известувањето или, едноставно, си го откупија патот до медиумите. Во Чешка, Андреј Бабиш (бизнисмен и премиер од 2017 година) стана најголемиот сопственик на медиуми откако се здоби со неколку водечки медиуми од странски сопственици. Словачкиот „СМЕ“ привремено се најде во рацете на финансиската група „Пента“, компанија за чиишто корупциски скандали медиумот често известуваше. Во Словенија, инвеститорите поврзани со авторитативната популистичка влада на Унгарија почнаа да купуваат удели во медиумите за да му помогнат на колегата популист Јанез Јанша да ја пренесе својата порака. Во Унгарија, целиот локален и регионален печат беше купен од неговите поранешни (претежно германски) сопственици и се претвори во гласник на владата. Полската влада изрази слични аспирации за „повторна полонизација“ на својот медиумски простор.

Рекламирањето често се распределува на пристрасен начин. Во Бугарија и во Унгарија, државата стана доминантен играч на пазарот за реклами, што ѝ овозможува финансиски да награди поволно известување и да ги казни тие што се критични. Во овој контекст, истражувачките новинари, истражувачките медиуми или тие што, едноставно, сакаат да придонесат за неограничен јавен дискурс, често се борат да врзат крај со крај.

Прислушување на читателите

Иако контекстот во кој функционираат независните медиуми во регионот е далеку од здрав, голем дел од медиумите успеаја да преживеат, додека некои од новинарите што останаа без работа успеаја да почнат нови – иако, обично, помали – проекти. Исто така, постојат и некои надежни знаци за иднината. Квалитетното новинарство може да биде поотпорно отколку што мислеа некои коментатори, а читателите би можеле да покажат поголема подготвеност отколку што се очекуваше за да го поддржат опстанокот на доверливи медиуми. Извештајот од јануари 2021 година покажа дека сè поголем број редакции гледаат на приходите генерирани од читатели како на средство за одржување на своето идно работење. Овој фокус на поддршката од читателите може да биде опција и во источноевропските членки на Унијата. Извештајот на „Ројтерс“ за дигитални вести за 2020 година откри дека процентот на луѓе што платиле за вести се зголемил за време на пандемијата: во Чешка и во Бугарија, 10 проценти од испитаниците рекле дека плаќаат за некаква форма на вести преку интернет, со бројки од 20 проценти во Полска и 16 проценти во Романија.

Приходите генерирани од читателите, генерално, имаат една од трите форми: претплати (читателите плаќаат за пристап), донации (читателите плаќаат за медиумиот да биде слободно достапен) и членство (читателите имаат поактивна, партиципативна улога). Веќе имаше некои спорадични примери на успешни проекти поддржани од читатели. Во Словачка, група новинари што беа лути поради преземањето на „СМЕ“ од страна на „Пента“ решија да го отворат весникот „Деник Н“ (значи независен дневен весник). Нивното лансирање беше поддржано со првична донација од локална ИТ-компанија, но нивниот модел на претплата се покажа како толку успешен што во краток временски период тие собраа доволно приходи за да го отплатат почетниот капитал. Додека „Деник Н“(Denník N ) се сметаше за можен пример за регионот, повеќето други медиуми беа помалку успешни во искористувањето на потенцијалот на своите читатели. Во повеќето земји, проектите за членство сè уште се во фаза на формирање и претплатата досега не постигна споредлив успех. Донациите се почести, но доаѓаат со значителни мани: нивните текови се непредвидливи и сумите што ги генерира кампањата за групно финансирање ретко се доволни за да одржат редакција со повеќе од грст новинари. Сепак, за многу истражувачки медиуми и левичарски, прогресивни сајтови за мислења би било невозможно да преживеат поинаку.

Медиумите на пресвртница

Пандемијата беше пресвртница. Здравствената криза ја направи публиката посвесна за ранливоста на независните редакции. Со пропаѓањето на пазарот за рекламирање и со затворањето на киосците, сè повеќе медиуми бараа поддршка од своите читатели. Покрај тоа, вонредната ситуација во јавното здравје и непосредната закана што ја претставуваше за здравјето на нивните најблиски, создадоа обновена благодарност за медиумите што работат на откривање на вистината, а не за засилување на манипулираните податоци на владата.

Во Унгарија, владата на Виктор Орбан направи чекор што предизвика огромен шок. Го отстрани главниот уредник на најголемата редакција во земјата, „Индекс“ (Index.hu) – единствениот преостанат независен весник што сè уште го консумираа конзервативците, либералите, обожавателите на Орбан и владините критичари – и постави свои луѓе во менаџерскиот тим. Ова предизвика масовна оставка на речиси целиот персонал на редакцијата. Тие нови невработени новинари одговорија со почнување кампања за групно финансирање што им донесе приближно 40.000 поддржувачи што плаќаа. Во земја каде што новинарството преку интернет, целосно водено од читатели, до тогаш изгледаше речиси невозможно, им овозможи да го отворат „Телекс“ (Telex.hu), медиум што успеа да ги вработи сите поранешни членови на тимот што сакаа да ја продолжат својата работа. Досега, оваа поддршка се покажа како доволна за да ѝ овозможи на платформата да работи без рекламирање и да ја направи својата содржина слободно достапна.

Здравствената криза ја направи публиката посвесна за ранливоста на независните редакции.

Популистичкото раководство на Полска сака да копира многу потези на Унгарија во нападот врз владеењето на правото, граѓанското општество и независните медиуми. Клучна тактика е претворањето на медиумите од јавниот сервис (форма на независни медиуми финансирани од даноци) во некаква форма на идеолошки медиуми контролирани од владата, често етикетирани од критичарите како „пропаганда“. Во почетокот на 2020 година, Дариуш Росијак, популарен водител на јавното радио „Тројка“, беше отпуштен, наводно, како одговор на неговото учество во програмите емитувани од владиниот критички настроен „ТВН канал“ и неговите чести критики на Доналд Трамп. Како резултат на тоа, неколку негови поранешни колеги заминаа и решија групно да финансираат свои медиуми. Кампањата во голема мера ги надмина очекувањата на нејзините основачи, а „Нови швјат“ (Nowy Świat) сега има месечен буџет од речиси 700.000 злоти (150.000 евра).

Заостанување

Овие случаи покажуваат дека донациите можат да ги одржат медиумите. Тие им дозволија на новинарите со докажано досие, исфрлени од нивните редакции при преземање, да продолжат да работат квалитетно новинарство. Но, тешко е да се генерализира од овие искуства бидејќи невидената поддршка што ја добија беше предизвикана од губењето на ценетиот извор на информации кај публиката. Исто така, тешко е да се предвиди колку долго може да трае овој модел бидејќи новинарството водено од донации има релативно кратка историја, а досегашните докази покажуваат дека донаторите на групно финансирање брзо губат интерес. Тие можат да бидат дарежливи кога ќе се почне нов проект, но помала е веројатноста да придонесат за неговиот континуиран опстанок. Претплатата – кога пристапот е условен со плаќање – нашироко се гледа како поизводлив модел, моментно користен од познати медиуми како словенечка „Младина“ и полска „Газета виборца“ (Gazeta Wyborcza), меѓу другите. Но, овие модели на претплата тешко се воведуваат. На краток рок, заклучувањето на содржините штети на рангирањето на страниците во пребарувањето, читаноста и на приходите од реклами. Покрај тоа, претплатата (или „ѕидови што се плаќаат“ како што понекогаш, помалку привлечно, се нарекуваат) ризикува држење вредна содржина подалеку од публиката. Во време кога одредени земји во ЕУ имаат влада или други групи на интерес што инвестираат зголемена сума пари и енергија за ширење дезинформации или пропаганда, ставањето на фактичките вести на располагање само на тие што плаќаат за тоа е многу опасна стратегија. Постои ризик политички мотивираната содржина (и од заробени даватели на јавни услуги и од политички усогласени приватни медиуми) тогаш да стане стандарден извор на информации за секој што не е подготвен, мотивиран, па дури и способен да купи непристрасна алтернатива. Тоа може да доведе до создавање непремостлив јаз – не само меѓу богатите и сиромашните, туку и меѓу „експертите“, чијашто работа, социјална положба или голем интерес за политика им овозможува да бараат најдобри можни информации за случувањата во јавниот живот, и граѓаните со ограничена експертиза или мрежи, кои може да имаат други интереси и должности што го отежнуваат идентификувањето вредни информации скриени зад ѕидовите што се плаќаат. Во таква ситуација страда демократијата. Ако гласачите имаат лесен пристап само до изманипулирани информации, донесувањето одлуки што се базираат на информации на денот на изборите (или дознавање каде лежат нечии вистински интереси) е речиси невозможно.

[…] ставањето на фактичките вести на располагање само на тие што плаќаат е многу опасна стратегија.

Попривлечниот модел усвоен од унгарскиот видеоканал „Партизан“, меѓу другите, е потпирање на содржината на „фримиум“ (freemium). Медиумот произведува емисии со соговорници, длабински интервјуа, документарни филмови и истражувања. До поголемиот дел од нивната содржина може да се пристапи бесплатно на платформи за споделување видеа или да се слуша како поткаст, а соработниците што плаќаат добиваат пристап до голем број додатоци, како што се несечени верзии на видеата. Во некои земји, владите се вмешаа за да ги ублажат загубите што ги претрпеа редакциите како резултат на ковид-19. Добар пример е Латвискиот фонд за поддршка на медиумите, кој имаше цел да им помогне на радиодифузерите, како и на печатените публикации и на публикациите на интернет во време на огромен финансиски притисок. Но, во многу земји овој вид поддршка е (или би бил) недостапен за критично настроените медиуми, со оглед на отвореното непријателство на владите кон нив.

Без оглед на пандемијата, ЕУ обезбедува одредено ниво поддршка за истражувачкото новинарство што многу медиуми добро го користат, а во претходните години низа приватни филантропи обезбедија финансиска поддршка за медиумите што вршат вредна работа на терен. Во декември 2020 година, Европската комисија го претстави Акцискиот план за европска демократија, како и Медиумски и аудиовизуелен акциски план. Тие беа придружени со ветување за преземање натамошни чекори за подобрување на медиумскиот плурализам, особено со обезбедување транспарентност на државното рекламирање и помагање на медиумите да аплицираат за финансиска поддршка. Сродна препорака во 2021 година има цел да ја подобри безбедноста на новинарите, имајќи предвид дека малтретирањето и нападите врз новинарите (особено жените) станаа уште еден сериозен проблем. Ова се чекори во вистинската насока, но, можеби, не се доволно кога редакциите постојано се намалуваат, а новинарите, особено тие надвор од главните градови, се мачат да ја завршат својата работа.

Кога станува збор за вештините на новинарите, многу независни медиуми во Централна Европа, како и во Источна Европа и пошироко, се добро подготвени да ѝ помогнат на својата земја да ја надмине „кризата на демократијата“. Тие се мајстори за новинарскиот занает и уживаат доверба кај своите читатели; успеваат ефективно да привлечат внимание за проблемите поврзани со управувањето и постојано откриваат прекршувања поврзани со политичката и економска елита. Како и да е, им треба помош од европските креатори на политика, фондации и одговорни граѓани за да продолжат да ја работат својата работа, да го одржат квалитетот на своето известување и да го зголемат своето влијание. Поддршката е, исто така, клучна за професијата да биде привлечна за талентираните новинари од новите генерации, кои моментно двапати помислуваат пред да прифатат недоволно платена работа во весник со ограничени перспективи за иднината. Ако оваа поддршка стигне навреме, овие новинари, добро упатени во обезбедувањето сигурни информации и борба против пропагандата, можат да формираат столб на нов, многу посилен медиумски простор. Тој во кој виталните информации остануваат достапни за секого. Редакциите се особено подложни на заклучување во меурчињата на филтрирање, фрагментацијата на публиката и во нестабилноста на медиумскиот пазар. Растечката подготвеност да се плати за квалитетна содржина е ветувачки знак – покажува дека сè повеќе луѓе ја ценат квалитетната продукција на вести и плурализмот на информациите. Сепак, независните медиуми од Централна Европа не треба да бидат напуштени и оставени сами да се спротивставуваат на сите малициозни сили во нивната земја. Со оглед на финансиските тешкотии на западните медиуми, јасно е дека одржливоста и сигурноста за иднината за независните медиуми во Централна Европа е сè уште далеку.

Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation
Democracy Ever After? Perspectives on Power and Representation

Between the progressive movements fighting for rights and freedoms and the exclusionary politics of the far right, this edition examines the struggle over democracy and representation in Europe today.

Order your copy

Cookies on our website allow us to deliver better content by enhancing our understanding of what pages are visited. Data from cookies is stored anonymously and only shared with analytics partners in an anonymised form.

Find out more about our use of cookies in our privacy policy.