Со руската инвазија на Украина се сфати една стратешка алатка во климатската политика на ЕУ: енергетската независност. Сепак, бидејќи планот на Комисијата на ЕУ за енергетска независност е насочен кон други добавувачи на фосилни горива за да ги одбие земјите-членки да увезуваат енергија од Русија, Рафаел Пинто смета дека ЕУ пропушта важна можност за да ја порамни својата политика за енергетска сигурност со своите климатски цели.

Во 2021 година, ЕУ увезе повеќе од 40 проценти од својата вкупна потрошувачка на гас, 27 проценти нафта и 46 проценти јаглен беа увезени од Русија. Тоа изнесуваше 99 милијарди евра кои им беа платени на Путин и на неговите олигарси.

Зависноста од руските фосилни горива е долгорочен проблем во европската геополитика што се чини дека ЕУ едноставно одлучила да живее со него. Иако увозот постојано се намалуваше, од 148 милијарди евра во 2011 година, никогаш не постоеше цел или политика што ќе обезбедат целосна независност од Русија. Се разбира, сè досега.

По инвазијата на Украина, ЕУ презема крупни чекори да го остави зад себе увозот од Русија и за прв пат постави цел да го укине до 2027 година со планот РипауерЕУ. Како што се испостави, климатските активисти беа во право цело време: најдобрата одбранбена политика за ЕУ е енергетска транзиција.

Планот се заснова на четири главни столбови: зголемување на енергетската заштеда, диверсификација на добавувачите на енергенси, забрзување на транзицијата кон обновливи извори и зголемување на инвестициите. Тој се надоврзува на целите на Зелениот договор, зголемувајќи ја целта за енергија од обновливи извори од 40 на 45 проценти до 2030 година и за енергетска ефикасност од 9 на 13 проценти.

Our latest issue – Aligning Stars: Routes to a Different Europe – is out now!

Read it online or get your copy delivered straight to your door.

Планот ги охрабрува земјите-членки да развијат сопствени Рипауер програми што ќе бидат финансирани со останатите заеми за закрепнување на ЕУ (во моментов 225 милијарди евра), со нови грантови за закрепнување финансирани со одобренијата на Системот за тргување со емисии вредни 20 милијарди евра и со други извори на финансирање од ЕУ. Со оглед на големината на другите извори на финансирање, продавањето одобренија за екстраемисии можеби не е добра стратегија за животната средина, особено во време кога цените на системот за тргување со емисии ќе треба да пораснат за да ги исполнат климатските цели.

Сепак, лажна надеж за обновливи извори?

Иако амбициозен во намерата да го укине увозот на горива од Русија, планот можеби не е доволно иновативен, и дури би можел да имплементира мерки за „потонати трошоци“ што ја отежнуваат транзицијата од користење на фосилни горива. Наместо да ги замени енергетските извори, ЕУ навистина само ги заменува диктатурите и повредите на човековите права. Со воведувањето на шестиот пакет санкции кон Русија, по одобрувањето на програмите РипауерЕУ, амбициите пораснаа. Новиот пакет содржи целосна забрана за увоз на секаква руска нафта и нафтени продукти, што покрива околу 90 проценти од вкупниот увоз.

Да се биде независен од руските фосилни горива требаше да биде цел уште одамна. Не само што нашите општества треба да престанат да употребуваат фосилни горива што е можно побргу, туку тие треба и да престанат да ги поддржуваат авторитарните диктатури што не ги почитуваат човековите права или владеењето на правото. Со обновливите извори на енергија кои веќе се поевтини и Европа која е подготвена да развие нови обновливи технологии, економијата на фосилните горива никогаш, всушност, немаше смисла. Фактот што зауздувањето на енергетската зависност не беше цел пред војната во Украина e симптоматично за тоа колку ЕУ треба да ги зајакне своите амбиции во однос на климатските прашања и на човековите права, како и да ја пополни празнината помеѓу реториката и дејствувањето.

Наместо да ги замени енергетските извори, ЕУ навистина само ги заменува диктатурите и повредите на човековите права.

РипауерЕУ е план да се сопре финансирањето на Путин, но целосно дури во 2027 година. Иако руските јаглен и нафта ќе се укинат до крајот на 2022 година, увозот на природен гас се очекува да продолжи уште пет години. И, иако целта за обновливи извори се зголеми за пет проценти, планот претставува пропуштена можност да се отфрлат фосилните горива бидејќи ЕУ планира да увезува од други земји, од кои некои се познати по прекршувањето на човековите права, вклучувајќи ги Катар, Египет, Алжир и Израел. Наместо да ги замени енергетските извори, ЕУ, всушност, ги заменува диктатурите и повредите на човековите права. Во 2020 година, зависноста на ЕУ од увоз на енергија беше 57,5 проценти. РипауерЕУ требаше да постави јасна цел за да го намали овој износ, а не само да ја замени зависноста со нова земја.

Дури и со транзиција кон обновливи извори, бидејќи ЕУ зависи од Кина за производство на соларни панели и ветерни турбини, таа не може да стане вистински енергетски независна без да почне да произведува енергија самата.

Исто така, вреди да се спомене дека ЕУ планира да инвестира во нова инфраструктура за природен гас во време кога има за цел да го укине користењето на фосилни горива до 2050 година. Некои НВО и научници дури и повикуваат на укинување на природниот гас до 2040 или до 2034 година. „Потонатите трошоци“ за новите проекти би требало да го отежнат климатскиот учинок во следните децении и да го компромитираат Зелениот договор. Програмите, исто така, планираат инвестиција од 1,5 до 2 милијарди евра во нафтена инфраструктура во време кога ЕУ би требала да дезинвестира што е можно повеќе.

Да бидеме коректни, планот вклучува цел да се удвои соларната енергија до 2025 година и да се удвои употребата на топлотни пумпи. Сепак, удвојувањето на соларна енергија на 320 гигавати би претставувало само 11 проценти од производството на електрична енергија во ЕУ (земајќи ги предвид 2.780 теравати во 2019). До 2030 година, ЕУ очекува удвојување на 600 гигавати, што не претставува особено амбициозна цел, во споредба со онаа за 2025 година. Според овие цели, ЕУ има две и пол години за да го удвои производството на соларна енергија, но ќе ѝ требаат уште пет години за повторно удвојување.

Што се однесува на ветерната енергија, планот не задава јасна цел, но заедно со соларната и со водородната енергија, би требало да ја намали потребата од увоз на гас за 50 милијарди кубни метри, што e околу 33 проценти од вкупниот увоз. Со оглед на недоволната јасност и потребата за брз технолошки напредок на водородот, оваа цифра, во најмала рака, изгледа амбициозно. Планот РипауерЕУ предвидува дополнителни 15 милиони тони обновлив водород, покрај 5,6 тони што се веќе планирани во рамки на иницијативите Подготвени за 55. Бројките, уште сега, изгледаат како пуста надеж.

Да се биде независен од руските фосилни горива требаше да биде цел уште одамна.

Исто така, се очекува комуникациската кампања да ги намали потребите еквивалентни на 13 милијарди кубни метри гас и 16 тони нафта, што е оптимистично за една комуникациска кампања. Оваа кампања е замислено да биде придружена со брза програма за замена на резиденцијалните и индустриските апарати на гас. Оваа замена се споменува во планот, но без јасни цели или предвидени финансии.

Би требало да стапи на сила и некаква крајна програма за инсталирање фотоволтаици на секој можен покрив. Иако сè уште постои надеж, при што европската Иницијатива за соларни покриви ги направи задолжителни за сите комерцијални згради поголеми од 250 квадратни метри до 2026 година и за резиденцијалните згради до 2029 година, со оглед на итната потреба од транзиција и временската рамка до 2027 година, овие цели би требало да се засилат.

Планот ќе ги заостри регулативите за водород, енергетската ефикасност на градбите, начинот на транспорт и греење, додека ќе ги олабави правилата за имплементирање на нови обновливи проекти, особено ветерни и соларни.

Сè на сè, политиката е чекор во вистински правец, но потфрлување во однос на неопходното дејство. Нема посебно значење во однос на плановите што веќе постојат за енергетска транзиција со Зелениот договор и неговото влијание врз Русија ќе биде помалку значајно од спроведените санкции. Во однос на климатското прашање, издавањето повеќе одобренија за загадување и инвестирањето во инфраструктури за нафта и природен гас и понатаму се контрапродуктивна и нејасна долгорочна политика. Во однос на човековите права и демократијата, промената на зависноста од проблематични земји, исто така, не е добра опција.

Во екот на пандемијата, ЕУ го изненади светот со брза, координирана акција што мобилизираше сериозни и невидени износи на средства. Среде хуманитарната, безбедносната и енергетската криза предизвикана од војната во Украина, како и од климатската криза, треба да побараме најмалку иста таква програма со исти амбиции. Неопходен е нов фонд за закрепнување и издржливост. Таквата инвестициска програма би можела да ги финансира враќањето на индустријата на обновливи извори во матичните земји, инсталирањето соларни панели на секој покрив; обновувањето на домовите што може да ја укине енергетската сиромаштија и да ги замени домашните системи што функционираат на нафта или на гас; инвестициите во јавниот превоз; и развојот на локални енергетски заедници.

Со таков план ЕУ не само што би можела да стекне независност од Русија многу побргу, туку и да постигне стопроцентно обновлива енергија до 2035 година, при што би создала работни места и би гарантирала праведна транзиција. Без него, програмата РипауерЕУ, како и повеќето климатски мерки, се чини речиси предоцна.